Фото: Архива на „Нова Македонија“

Загадувањето на воздухот на кое реагираат од Енергетската заедница, според (малку контрадикторни) нивни објаснувања, кај нас доаѓа „главно од мал број енергетски компании во земјава, бидејќи повеќето или не работат или загадуваат во рамките на дозволените граници“ (?!). Според Националниот план за намалување на штетните емисии, тие треба постепено да се намалуваат до нивното конечно усогласување со стандардите на ЕУ. Но во состојба на голем дефицит на енергија, односно енергетска глобална криза и, се разбира, како последица на тоа и енергетска криза и во нашата држава, во барањето решенија како да се амортизира и надмине кризата, експертите со право го отвораат прашањето за еден баланс меѓу производството на електрична енергија и емисиите на гасови што произлегуваат од тоа. Според експертите со кои се консултиравме, обезбедувањето стабилност на енергетскиот систем во една ваква тешка енергетска криза (во пакет со економска, здравствена и безбедносна криза) добива на приоритет

Сериозни замерки за Македонија за загадување на животната средина во шпицот на решавање на енергетската криза

Секретаријатот на Енергетската заедница (меѓународна организација што ги обединува ЕУ и нејзините соседи за создавање интегриран паневропски енергетски пазар) пред некој ден објави едно симптоматично укажување и предупредување, откако пред околу една година ја поведе постапката против Македонија за неисполнувањето на обврските од Националниот план за намалување на емисиите, поради што, според наведеното во објавата, им се нанесуваат сериозни штети на здравјето на населението и на животната средина.
– Северна Македонија ги надмина највисоките дозволени нивоа во сегментите на сулфур диоксид и ПМ-честичките – се вели, меѓу другото, во објавата.
Имено, во предупредувањето се вели дека властите во Македонија не успеале знaчително да го намалат загадувањето на воздухот од термоцентралите и сега имаат рок од два месеца да реагираат и да се обидат да ги елиминираат причините за загадувањето. Слични укажувања стигнаа и на соодветните адреси во Косово и во Босна и Херцеговина.
Енергетската заедница и лани констатира дека, конкретно, во 2018 и 2019 година константно се надминувани дозволените емисии на сулфур диоксид и на прашина, проблемот беше потиснат во заднината така што, дури и упатените во оваа проблематика тешко можат да ја оценат сегашната состојба.

Угоре високо, удолу длабоко

Инаку, загадувањето на воздухот на кое реагираат од Енергетската заедница, според (малку контрадикторни) нивни објаснувања, „главно доаѓа од мал број енергетски компании во земјава, бидејќи повеќето или не работат или загадуваат во рамките на дозволените граници“. А според Националниот план за намалување на штетните емисии, тие треба постепено да се намалуваат до нивното конечно усогласување со стандардите на ЕУ. Но во состојба на голем дефицит на енергија, односно енергетска глобална криза и, се разбира, како последица на тоа и енергетска криза и во нашата држава, во барањето решенија како да се амортизира и надмине кризата, треба да се направи баланс меѓу производството на електрична енергија и загадувањето што произлегува од тоа. Според експертите со кои се консултиравме, обезбедувањето стабилност на енергетскиот систем во една ваква тешка енергетска криза (во пакет со економска, здравствена и безбедносна криза) добива на приоритет.
Според професорот на Институтот за термичко и енергетско инженерство при Машинскиот факултет, Ристо Филкоски, за да се обезбеди стабилност на енергетскиот систем, неопходни се базни енергетски постројки и постројки со кои ќе се балансира системот, а обновливите извори на енергија не спаѓаат во такви.
– Во суштина, една од главните причини за актуелната енергетска криза во европските земји е обидот за пребрза, исфорсирана и необмислена енергетска транзиција кон т.н. зелена енергија и затворањето на голем број класични термоенергетски објекти (на фосилни горива и нуклеарни постројки) – вели Филкоски.
Според него, важна поука од актуелната ситуација во енергетскиот сектор е дека треба да се одржуваат домашните енергетски објекти, а не да се избрзува со нивно затворање.

– Исклучително е важно да се вложат искрени сериозни напори за изградба на нови објекти, заради покривање на базните потреби за енергија. Најреална опција за постепена замена е изградба на комбинирани гасно-парни термоенергетски блокови на природен гас. На пример, одлично би дошле една или две комбинирани гасно-парни постројки на природен гас од типот на ТЕ-ТО. Нивната цена последниве години е мошне прифатлива, а по својата техничка природа се карактеризираат со одлични перформанси во однос на енергетската ефикасност, флексибилностa и можностa за релативно брзи промени на оптоварувањето. Тоа оди во прилог на комбинација на таквите постројки во енергетски систем со позначително учество на ОИЕ – дополнува Филкоски.
Професорот нагласува дека постепена енергетска транзиција во Македонија е неопходност и нешто неминовно во наредните децении, но можностите за брза транзиција се мошне ограничени, речиси и нереални, поради повеќе причини.
– Прашањето за т.н. чиста енергија е исто така дискутабилно, затоа што секогаш кога има одреден процес на енергетска конверзија, има и влијание врз околината. Тоа особено е точно ако зборуваме за целокупниот животен циклус на објектот или постројката. Значи, нема клучен момент за диверзификација на производството на енергија, туку тоа треба да биде процес. Мое мислење е дека за земја како Македонија, потребна е постепена енергетска транзиција со еволутивни чекори, со оглед на нивото на економски и севкупен развој. Притоа, мора да се води сметка за финансиско-економските можности на населението, карактеристиките на енергетскиот сектор, состојбата на електропреносната и дистрибутивната мрежа, степенот на поврзаност со соседните системи и други фактори – објаснува Филкоски.
Целосен премин кон ОИЕ, како што вели тој, засега е тешко достапна цел дури и за многу побогати држави, со многу подобро интегрирани електроенергетски системи со соседните земји, како на пример Словенија и Чешка.
– Сметам дека е потребно напуштање на јагленот, но не на многу краток рок, туку во период од 10 до 20 години. Во меѓувреме, одговорните треба да се погрижат за соодветна замена. Блоковите од РЕК „Битола“, секако, ќе бидат постепено затворани, но тоа не смее да се случи веднаш или во наредниве две-три години. Најреална опција за постепена замена е изградба на комбинирани термоенергетски блокови на природен гас – вели Филкоски.

Остварувањето на Националниот план за намалување на штетните емисии секако останува во фокусот, долгорочно

Професорот Антон Чаушевски од Факултетот за електротехника и информациски технологии објаснува оти за да се овозможи сигурно снабдување со електрична енергија со постигнување на целите на енергетската заедница за декарбонизација на енергетскиот сектор, нуклеарните енергетски производствени постројки со технологиите на обновливи извори на енергија се всушност „опции за енергетскиот развој до 2050 година“.
– Транзицискиот период ќе биде покриен и со гасните електрични централи, кои по единица произведена енергија емитираат трипати помалку јаглероден диоксид во споредба со термоцентралите на јаглен. Во овој период, до 2050 година, со високи цени на емисиите на јаглерод, ќе се настојува да се затворат постојните термоцентрали на јаглен и постепено да се заменуваат со гасни електрични централи и со нуклеарни централи. Секако дека нуклеарните централи се највисокоинвестициски енергетски производствени капацитети, меѓутоа на подолг рок од 60 години и со вакви високи цени на пазарот на електрична енергија од над 100 евра по мегават-час, секако, се економски исплатливи. Во Франција веќе е дадено зелено светло за почнување градба на шест нови нуклеарни централи и како лидер во нуклеарната технологија, која има околу 55 нуклеарни централи, ќе го продолжи трендот на изградба на нуклеарните постројки. Германија, од друга страна, под силно влијание на зелената опција, нуклеарните централи со кои располагаа (вкупно 19) во последните десетина години постепено ги затвори, така што една од причините за ваквата висока цена на електричната енергија е недостигот од базна енергија, во кој голем удел имаа нуклеарните централи – објаснува Чаушевски.
Професорот посочува дека без разлика на застојот на градба на нуклеарни централи во последните 20 години во Европа и во Америка, источноазиските земји како Кореја, Кина и Индија континуирано градат нуклеарни централи и развојот на оваа технологија е непрекинат.
– Во последните години, покрај големите нуклеарни реактори, се развиваат и технологии на мали модуларни реактори (SMR – Small Modular Reactors), кои би биле реална опција за земји со помали финансиски можности и, секако, со мали електроенергетски системи како Македонија. Без разлика каква технологија на нуклеарна централа би се одбрала, подготовката за градба (избор на локација, подготовка на кадар, оформување нуклеарно регулациско тело, законска регулатива и др.) трае околу од пет до десет години и бара големи финансиски средства. Затоа нуклеарната опција е реална за Македонија по 2030 година, при што се очекува интензивна градба на нуклеарни енергетски постројки во Европа и пошироко. Во тој период, по 2030 година, постојните термоцентрали на јаглен би биле затворени, така што гасните термоцентрали најпрво, а потоа нуклеарна опција би биле алтернатива за покривање на базните потреби од енергија. Не смее да се заборави дека континуирано треба да продолжи градбата на другите технологии од обновлива природа, како големите и малите хидроцентрали, фотоволтаиците, ветерните централи и централите на биомаса, секако, според локалните и метеоролошките состојби и во согласност со изграденоста на конвенционалните извори како термоцентралите – додава професорот Чаушевски. Д.М.М.


А што велат во Министерството за заштита на животната средина

Два дена откога „Нова Македонија“ од Министерството за заштита на животната средина побара објаснување за тоа што, според информацијата на Секретаријатот на Енергетската заедница, Македонија сѐ уште не ги исполнува нејзините обврски за намалување на загадувањето од енергетскиот сектор, од министерството стигна одговорот, кој го пренесуваме во целост.
– Откога пред една година Секретаријатот на Енергетската заедница ја поведе постапката против Македонија за неисполнување на нејзините обврски за намалување на загадувањето од енергетскиот сектор, односно неисполнувањето на Националниот план за намалување на емисиите од големи согорувачки постројки со капацитет над 50 MW во однос на националните граници количини/плафони за SO2 и прашина за 2018 и 2019 година, Министерството за економија како одговорна институција за енергетика, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, доставија допис (во прилог) во кој дадоа преглед на ставови и стратешки определби на Владата во однос на надминување на проблемите во остварување на овие обврски. Имено, како што е образложено во дописот, стратешките определби, се исполнување на зеленото сценарио од Стратегијата за енергетика. Но, дополнително се соочуваме со енергетска криза, која бара приспособување на стратешките цели – се вели во одговорот.


Што е всушност Енергетската заедница, чиј Секретаријат ѝ даде „жолт картон“ на Македонија

Енергетската заедница е меѓународна организација што ги обединува Европската Унија и нејзините соседи за да создаде интегриран паневропски енергетски пазар. Организацијата е основана со Договорот за основање на Енергетската заедница потпишан во октомври 2005 година во Атина, Грција, кој е во сила од јули 2006 година. Клучната цел на Енергетската заедница е да ги прошири правилата и принципите на внатрешниот пазар на енергија на ЕУ на земјите во Југоисточна Европа, регионот на Црно Море и пошироко врз основа на правно обврзувачка рамка.
Мисијата на Договорот за енергетска заедница е: воспоставување стабилна регулаторна и пазарна рамка способна да привлече инвестиции во производство на електрична енергија и мрежи; создавање интегриран енергетски пазар што овозможува прекугранична трговија со енергија и интеграција со пазарот на ЕУ; зајакнување на безбедноста на снабдувањето за да се обезбеди стабилно и континуирано снабдување со енергија што е од суштинско значење за економскиот развој и социјалната стабилност; подобрување на еколошката состојба во однос на снабдувањето со енергија во регионот и поттикнување на користењето на обновливите извори на енергија и енергетската ефикасност и развивање конкуренција на регионално ниво и да се искористат економиите на обем.
Во рамките на Енергетската заедница е и Секретаријатот на Енергетската заедница. Тоа е единствената постојано дејствувачка институција на Енергетската заедница одговорна за поддршка на секојдневните активности на Енергетската заедница и за следење на спроведувањето на Договорот за основање на Енергетската заедница. Секретаријатот подготвува и помага во подготовката на сите институционални состаноци на Енергетската заедница, како и дополнителни настани за политички прашања.
Казните од Енергетската заедница се главно симболични и најчесто се сведуваат на тоа државата, на одреден период, да го загуби правото на глас при носење одлуки во заедницата, последиците се чувствуваат подоцна, во процесот на пристапувањето кон Европската Унија.


Уставниот суд во заштитата на правото на здрава животна средина

Во поглед на заштитата на јавното здравје и на животната средина, неодамна се зборуваше во рамките на дебатата на темата „Улогата на Уставниот суд во заштитата на правото на здрава животна средина“, организирана од Центарот за правни истражувања и анализи во рамките на Проектот за добро управување со животна средина.
– Јас се залагам за тоа да се прошири уставната заштита на листата на човековите слободи и права, во таа листа да биде опфатено и правото на уставноправна заштита на правото на здрава животна средина, затоа што сега е ограничено само на слободите и правата опфатени во членот 110 алинеја 3. Според сегашната регулатива, ова право се заштитува во рамките на основната надлежност на Уставниот суд, а тоа е нормативна контрола на уставноста и законитоста – изјави притоа уставниот судија Осман Кадриу.
И претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, се заложи за проширување на надлежностите на судот преку воведување уставна тужба, со која ќе се овозможи граѓаните да бараат заштита на слободите и правата и за правото на заштита на животната средина и да се надминат ограничувањата со кои може да се поднесе барање единствено за заштита на правата и слободите предвидени со членот 110 алинеја 3 од Уставот.
– Сметам дека токму правото на здрава животна средина е едно од правата на човекот и граѓанинот што може да биде појдовна точка за размислување, дискусија и аргументирање за потребата од воведување уставна тужба, за која јас силно се залагам и која ќе значи проширување на надлежностите на судот – објасни Кацарска.