Фото: „Нова Македонија“

И ОН БАРАА ГРЦИЈА И БУГАРИЈА ДА ГИ МЕНУВААТ УСТАВИТЕ

  • Во својата мисија во Грција во 2008 година, независната експертка, Американката Геј Мекдугал кажа јасно и гласно дека во таа земја има Македонци и побара Атина да ги признае нив. Тоа беше првата шок-бомба што ја фрли таа, а втората беше во 2011 година во Бугарија, кога рече дека во таа земја не само што има Македонци туку тоа ќе треба да биде признаено и во Уставот на таа земја и предложи образование и на македонски јазик!
  • Земајќи ги предвид сите извештаи на Советот на Европа и ОН, логично е да се постави прашањето зошто се потпишаа Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија

Грција и Бугарија се соочија со две шок-бомби фрлени од најмоќната светска организација – Обединетите нации. Првин Грција во 2008 година, а потоа и Бугарија во 2011 година, а шокот им го предизвика иста личност, еден од светските шампиони во одбраната на човековите права, Американката Геј Мекдугал. Станува збор за извонредна независна експертка од областа на човековите права и слободи, а таа беше првиот назначен специјален претставник на ОН за прашањата и положбата на малцинствата. И ова навраќање во историјата, кое и не е толку дамнешно, има своја логика и е во тесна врска со она што ни се случува во моментот, особено со нашата тешка битка за зачувување на македонскиот идентитет.
Зошто велиме шок-бомби? Пред сѐ затоа што и Грција и Бугарија беа ставени на тапет за кршењето на основите права и слободи на малцинствата, конкретно на Македонците во тие две наши соседни држави, од ОБСЕ, најчесто од Стразбур (комесарите Алваро Аблес, Хамамберг, Мужњиекс), и секако губеа случај по случај пред Европскиот суд за човекови права. Но ОН се навистина нешто најголемо.
И тука секој би си го поставил логичното прашање: Па, како двете држави успеаја да го преживеат тој шок?! Може многу да се дебатира, а и има многу анализи, но заклучокот е дека некои држави можат да играат пиперевка со меѓународното право. Зошто? Најверојатно имаат силни спонзори зад себе и тоа има длабоки корени во клучната европска година – 1912. Потоа, меѓународното право се толкува на најразлични начини, стана многу растеглива категорија и материја. Иако тоа не се однесува за сите земји. Македонија, за жал, е пример за тоа. Нејзиното членство во ОН значеше кршење на Повелбата на ОН. Е па, на здравје!

ОН ИМ ДАДОА ТАПИЈА НА МАКЕДОНЦИТЕ!

Но, да се навратиме на таа 2008 година, кога Мекдугал е во официјална посета на Грција за откривање на фактите и состојбите со малцинствата. Што може да открие еден американски експерт откако претходно европски комесари за човекови права ги чешлаа двете земји? Посетата не одеше мазно, имаше постојани пречки за неа и нејзиниот тим, кои официјална Атина ѝ ги поставуваше на Мекдугал. Но таа на крајот заврши успешно. Епилогот?
Јасно и гласно, Геј Мекдугал во име на ОН кажа, и тоа треба да се знае и да се повторува – во Грција постојат Македонци! Тие се факт.
Нејзиниот извештај беше објавен во 2009 година, кога тој се најде и на дневен ред на Комитетот за елиминација на расната дискриминација, кој во Женева заседаваше од 3 до 28 август. Комитетот изрази загриженост поради пречките што грчката влада им ги поставува на етнички групи за прашањето за слобода на здружување и во тој контекст обрнува внимание на информациите за присилно затворање и одбивање да регистрираат здруженија на малцинствата како, на пример, на турското или на македонското. Посочен е примерот со Македонците од Лерин и партијата Виножито, кои не можат да го регистрираат Домот на македонската култура. Ова е сѐ уште нереализирана обврска на Атина! Да се знае и веднаш да се мисли на Преспанската спогодба, што решивме со неа?
Забелешките на Комитетот значат дека покрај кршењето на многу точки, клучно е што Грција го крши и членот 11 од Европската конвенција за човекови права, што значи во таа земја ОН виделе дека постои македонско малцинство. Понатаму, експертите во Комитетот потенцираат дека Грција е повикана да го применува членот 5 од Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, што е побарано во Извештајот на Мекдугал. Со тоа е урнат аргументот на Грција да признае само „муслиманско малцинство“, на што таа се повикува според Договорот од Лозана од 1923 година.
Атина имаше забелешки за Извештајот и за употребата на терминот „македонско малцинство“, за што таа вели дека е тоа термин што го користат само „неколку невладини организации“. И тој грчки мит беше урнат во Извештајот на ОН. Останува како силен мотив и барањето на Македонците Грција конечно да спроведе попис за да можат Македонците слободно да се изјаснат кои се, колку се и што треба да им овозможи грчката држава во согласност со меѓународно усвоените и ратификувани конвенции.

МЕКДУГАЛ ВО ЗЕМЈАТА КАДЕ ШТО НЕКОГАШ МАКЕДОНЦИТЕ ИМАА КУЛТУРНА АВТОНОМИЈА

И само што стивна чадот од фрлените шок-бомби во Грција, Мекдугал беше во посета на Бугарија. Годината е 2011-та. Земја во која Македонците имаа културна автономија, станаа „една мала група пијаници од Пиринот“, како што ги нарече еден висок бугарски политичар, инаку и некогашен градоначалник на Софија. Ќе си речеме – срамно, но има и такви „политици“.
Геј Мекдугал во посета на Бугарија беше во јули 2011 година, а нејзиниот извештај беше објавен на 3 јануари 2012 година од страна на новоименуваниот независен експерт на ОН, Рита Исак. Независната експертка Мекдугал се сретна со претставниците на македонското малцинство во Бугарија – делегацијата составена од: Стојко Стојков, копретседател на ОМО „Илинден“-Пирин, Страхил Тупалски, член на Централниот совет на ОМО „Илинден“-Пирин, Стојан Герасимов од Друштвото на угнетуваните Македонци и Георги Христов, главен и одговорен уредник на промакедонскиот весник „Народна волја“. Таа средба им овозможи на македонските организации од прва рака да ја информираат експертката на ОН за проблемите со кои се соочува македонското население во Бугарија.
Еве што, меѓу другото, нотираше таа. Во параграфите 66 и 67, кои се посветени на македонското малцинство, независната експертка истакна: „Во членот 54 од бугарскиот устав се наведува дека секој има право да ги остварува националните и универзални човекови културни вредности и да ја развива својата култура во согласност со своето етничко самоопределување и дека истите тие ќе бидат признаени и гарантирани со законот. Сепак, Владата го негира постоењето на етничкото македонско малцинство, а не ги признава ниту Помаците (од Владата се сметаат за муслимани што го употребуваат бугарскиот јазик) како посебно малцинство – тврдејќи дека двете групи се всушност етнички Бугари. Претставниците на овие групи се идентификуваат како етнички Македонци. Етничките Македонци сметаат дека е од суштинско значење нивниот етнички идентитет и посебност да бидат официјално признаени. Претставниците на заедницата силно го оспоруваат пописот што покажува опаѓање на бројот на Македонци и тврдат дека вистинскиот број на Македонци е многу поголем. Македонскиот јазик ниту е признаен ниту се изучува во училиштата, а Македонците не се застапени ниту во Националниот совет за етнички и интегративни прашања“.
Мекдугал во завршниот дел од Извештајот дава серија препораки за владата во Софија, а како клучно е признавање на македонското малцинство во Бугарија, што де факто значи и смена на бугарскиот устав. Понатаму, во согласност со уставните одредби, се бара од Софија да го почитува правото на етничко самоопределување, да обезбеди заштита на тие права, како и на правата за слобода на изразување и слобода на здружување на припадниците на македонското малцинство. Експертката на ОН беше категорична: „Бугарија треба да ги почитува во целост пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП)“. И конечно следуваше уште една шок-бомба, кога Мекдугал препорача воведување на македонскиот јазик во бугарскиот образовен систем, односно двојазичен образовен систем.


Поставени сме во позиција или-или…

Европа не си ја заврши домашната задача кога станува збор за Грција и Бугарија. Денес сме сведоци дека и двете држави воопшто не ги почитуваат малцинските права на Македонците. Атина веќе одамна не ги попишува, а и Бугарија од попис во попис само ги отпишува. Станува збор за две тотално непријателски државни политики и стратегии кон Македонците за комплетна асимилација, што е нешто за кое во вокабуларот на ОН се користи терминот геноцид. Како и зошто се толерира тоа? Рековме дека е многу тешко некој да одговори на тие прашања, а еден дел од одговорот лежи и во државата Македонија, која немала ни сила, ни знаење, ни спонзори да ја поддржат нејзината борба за национално признание и светска промоција. Но, историјата не запира тука и со тоа. Секоја нација има право да се бори за себе, за своето, па затоа и Македонија и Македонците мораат да се држат до тој принцип.
И, секако, на крајот се наметнува клучното прашање: Кога ги знаевме овие нешта, зошто ги потпишавме Преспанската спогодба и Договорот за соработка со Бугарија? Одговорот е многу едноставен, болен и отрезнувачки – за да го изгубиме (шитнеме) македонскиот идентитет. Ете, тоа е точката на која сме сега поставени – или ќе останеме на своето или одиме кон исчезнување. Ако мислите дека претеруваме – прашајте колку договори потпишавме со Грција и со Бугарија откако некоја рака стави предавнички потписи на договорите со нив. Речиси една голема нула. А, сепак, ние сме притиснати да го менуваме Уставот?! Х.И.