Во потрага по сеопшта согласност за востановување монолитна научна подлога на она што треба да го следиме како нација (2)
Во денешниот текст се надоврзуваме на вчерашната анализа инспирирана од суштински/битни ставови изнесени во јавноста од страна на поранешниот пратеник Илија Димовски во врска со општествениот феномен „национално единство – консензус“. Како што констатиравме вчера, токму гореспоменатиот феномен (национално единство) во пошироката македонска јавност одамна е детектиран како дефицитарен кај нас, а е есенцијално потребен фундамент при градењето на стратегиските долгорочни политики на македонската држава и нација.
Во тој контекст, поранешниот пратеник Илија Димовски деновиве елаборираше став (низ еден различен ракурс, спротивен од вообичаено експлоатираниот приод во јавноста) во кој тој во прв план ја постави „научната подлога за единство/консензус“, како фундамент на сите други сеопшти согласности, обединетости, здруженост, консензус… Денеска, во текстот што следува, ќе го опфатиме делот на експликацијата на Димовски во кој тој детектира малигна малформација при третирањето на македонскиот јазик, што е со умисла вметната во „етничка лабораторија“ за тоа да направи деформитет при натамошниот третман и односот кон македонскиот јазик. Токму тој „ин виво експеримент од етничка лабораторија“ е постапка за која највисока одговорност по вертикала има ексминистерот Бујар Османи, како министер во МНР.
Оттогаш, вметнатите деформации што се однесуваат на интегритетот и дијалектната интегралност на македонскиот јазик се генерираат уште пожестоко, преку практикувањето на политиките на тогашните носители на јавна власт, а се провлекуваат и ден-денес, преку потпишаните договори што се однесуваат на нашата држава и прават ненадоместлива штета…
Ставот на поранешниот пратеник Илија Димовски изнесен деновиве во јавноста е дека „Преспанскиот договор е практично почеток на онаа етничка лабораторија што треба од Македонците да создаде граѓани на Република Северна Македонија. За жал!“
Кои се клучните точки на деноминација на македонскиот јазик?
Во врска со ова прашање, Димовски говори јасно.
– Прво, има едно писмо што го објавија и грчките медиуми. Имено, тоа писмо е пратено од тогашниот министер за надворешни работи Никола Димитров, адресирано до грчкото Министерство за надворешни работи. Во него експлицитно се дава објаснување дека „…националноста во Преспанскиот договор не ја подразбираме како етничка, туку како државјанство“! (?!) За трагедијата да биде уште поголема, тоа не се тврди само во тој договор. Второ, во вториот дел од тој допис, испратен од нашето МНР и добиен од Министерството за надворешни работи на Грција, се објаснува дека „кога велиме македонски јазик (се употребува онаа формула од спогодбата, декларацијата, помеѓу Македонија и Бугарија од 1999 година), подразбираме јазик што е официјален според Уставот на Републиката и е кодификуван, основно прифатен во меѓународните одредници пред 77 години. (?!)
И сега, за да ја разбереме подобро работата: Временската одредница, дали јазикот е сегашен, стар или модерен или националната припадност, за првпат ја гледаме во Преспанскиот договор! Значи, во Преспанскиот договор се постави „временска граница на македонскиот идентитет и на македонскиот јазик“. Таа временска граница е ставена некаде во 7 век, кај што се прифати дека „целото античко наследство го ставаме во хеленскиот свет“! И ние сме целосно различни од тоа наследство што е дел од антика“. (!?)
Во оваа смисла, Димовски уште еднаш го подвлече, го нагласи и во куси црти го објасни фактот дека со Преспанскиот договор се ликвидира временскиот и просторниот континуум на македонскиот јазик и идентитет (имено, временската граница е поставена од седмиот век, а просторната граница омеѓена на сегашните државни граници на Македонија – н.з.)!
Има и уште една одредница за
јазикот, каде што се вели дека „македонскиот јазик
е јужнословенски“…
– Значи, да нагласам, ние во Преспанскиот договор прифативме целокупното културно-историско наследство од територијата на Егејска Македонија и целокупното наследство од територијата на Македонија пред 7 век да биде грчко наследство!
Е сега, истото тоа го бара и Бугарија и така го дефинира, но само малку подоцна. Значи, исто тоа што сега Бугарите бараат историска рамка, ама таа временска рамка ја носат поблиску до денес, поблиску до нас и до денешницата, што и повеќе нѐ боли (Бугарија инсистира на идентитет од 1944 година, а македонскиот јазик да биде дијалект на бугарскиот, н.з.). Во принцип, тоа е наша грешка, поради тоа што по принцип ние сме прифатиле сегментирање на македонскиот идентитет. Тие во Бугарија сакаат да кажат дека Македонец е лице од географска одредница, за човек што припаѓа во големиот бугарски народ. (!) Затоа во Бугарија немате проблем да кажете дека сте Македонци. Немате проблем да кажете дека и денес постојат Македонци во Македонија и дека имате македонски јазик, како дијалект на бугарскиот. Бугарија единствено сака да даде дефиниција што се подразбира под Македонец во Бугарија и што се подразбира под Македонец во Македонија. Токму истото тоа што го направи Грција. Истото – објаснува пластично поранешниот пратеник Илија Димовски.
Со Преспа започна лабораторискиот експеримент. Во Договорот се дава опис што е македонскиот јазик (?!), и тоа е составен дел од преговарачката рамка
Во моментот кога се склучи Договорот за добрососедство со Бугарија во 2017 година немаше ништо нагласено ниту специјално лансирано од Софија поврзано со македонскиот јазик и идентитет, иако во Договорот за добрососедство имаше сериозни пропусти, како што беше флоскулата за делење „заедничка (национална) историја“. (?!) Такво нешто исто така значи национално предавство на сопствената историја. Но, и тоа ни се случи. Во тој контекст во својата експликација поранешниот пратеник Димовски акцентира дека откога се потпиша Преспанскиот договор, работите за нас се динамизираа во исклучително лоша насока.
– Од кога се склучи Преспа, следуваше првиот протокол, па следуваше вториот протокол. Вториот протокол излезе надвор од уставниот поредок на државата! Министерот Османи прифати обврски (надвор од законот и Уставот) без таа обврска да биде верификувана од Собранието. И сега таа ни стана – европска обврска! Вториот протокол е катастрофален! Не може министер за надворешни работи да прифати и присвои обврски што се на Собранието. Собранието е над министерот за надворешни работи. Тој протокол, вториот протокол, не помина процес на никаква верификација!
Поранешниот пратеник Илија Димовски нагласува дека токму „таму една дефиниција што ја потпиша господинот Османи значеше дека се редефинира македонскиот јазик. И тоа не е првпат“!
– Таму тој дава опис што е македонскиот јазик (?!), и тоа е составен дел од преговарачката рамка. И таа дефиниција, потпишана од македонското Министерство за надворешни работи од министерот Османи, е деформација, се повикува на дијалектите на македонскиот јазик само на територијата на оваа држава, без да се земат предвид сите дијалекти – го истакнува овој клучен факт Димовски.
Целосно ги отфрли дијалектите што ќе се наоѓаат појужно, поисточно од територијата на Р Македонија. Така што, мислам дека имаше тенденција… Таму (Грција) ни го укинаа Центар, невладина организација укинаа, која имаше цел да подучува на македонски јазик. На македонските собири на два-три што ќе се одржат, еден се забранува. Сега, најново е, мислам дека не го знаете, сега државата прави некаков список на забранети песни! Може вие да пеете на македонски, кои што сте пееле 30 години назад, ама не смеете да ги пеете овие песни. Има генерации што не го памтат Метаксас. Првото пеење на македонски јазик во Грција се случува веќе во 1991 година… – вели поранешниот пратеник Илија Димовски.
Алијанса за Албанците реагира за непочитување на Преспанскиот договор од македонска страна?!
И Таравари и Герапетритис силно се грижат за „првата страна“
од Преспанскиот договор
При промоција на здравствен дом во Илинден, крилото на поранешниот министер за здравство на партијата Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, и тој самиот реагираа дека „не се почитувале Преспанскиот договор и двојазичноста од страна на македонските институции“. Уште повеќе, поради употребата на името Македонија во јавноста, при споменатиот настан, Таравари бара „јавно објаснување и извинување од Министерството за здравство“ (!?)
Небулозите во македонското општество поврзани со Преспанскиот договор продолжуваат со несмален интензитет. Имено, крилото на поранешниот министер за здравство на партијата Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, реагира дека „при промовирање на здравствен дом во Илинден не се почитувале Преспанскиот договор и двојазичноста“.
Поради употребата на името Македонија, Таравари бара јавно објаснување и извинување од Министерството за здравство за употребата на името Македонија, што не било во согласност со македонскиот Устав, а министерот Алиу да преземе „политичка одговорност за незаштитувањето на законските и уставните стандарди“.
– Министерството за здравство вчера го обележи отворањето на Здравствениот дом во Илинден со две флагрантни прекршувања – отсуство на албанскиот јазик на официјалните табли и употреба на името Република Македонија наместо сегашното уставно име Република Северна Македонија – реагира утрово крилото на Алијансата за Албанците предводено од Арбен Таравари.
Од партијата велат дека иронијата е што „целиот овој спектакл го водеше министер Албанец, Азир Алиу, кој претставува политички субјект што тврди дека ги штити интересите на Албанците на власт“.
– Но неговото молчење и сервилност вчера, пред таква институционална провокација, го докажуваат спротивното. Албанскиот јазик беше исклучен од таблата на јавната институција, спротивно на Законот за употреба на јазиците, со заднина „Македонија“ – без никаква уставна референца – беше игнориран и Преспанскиот договор, со што се загрози меѓународниот кредибилитет на државата – додаваат од крилото на Таравари.
Алијансата за Албанците бара итна корекција на ознаките на институцијата, во согласност со Законот за употреба на јазиците. За Алијансата за Албанците, ова не е само „техничко прашање“, се наведува во соопштението од едното од трите крила на Алијансата за Албанците.
По излезот на Таравари од Владата и губењето не само на привилегиите од власта туку и на довербата кај електоратот по многуте рокади и внатрепартиски поделби (прво расколот од Села, а потоа и расколот во неговото крило, кога дел од неговото крило остана во Владата), сега Таравари со неговото десеткувано крило се обидува со етноцентрични теми да му се додвори на електоратот, но и на членството на ДУИ, кои иако е во коалиција, гледаат со недоверба на неговите акробации во политиката. Тој го следи примерот на грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис, кој на средбата со македонскиот министер Муцунски завчера побара „целосна примена на Преспанскиот договор“. Обајцата во пакет и воопшто не обрнуваат внимание на „принципот на реципроцитет“ во исполнувањето на обврските на споменатиот договор, каде што Грција има тотален игнорантски однос кон своите обврски, заборавајќи дека токму таа едностраност го прави договорот де факто – неважечки. П.Р.