Фото: „Нова Македонија“

За повеќеслојноста на македонскиот суверенизам (6)

  • Економскиот и финансиски суверенитет се однесува на вроденото право и способност на земјата самостојно и суверено да управува со сопствената економија, да управува со својата валута, да ги контролира своите финансиски системи, да ја одредува својата фискална политика (оданочување и трошење) и да поставува независни трговски политики без надворешна принуда или мешање. Дали и како овој концепт треба да се дефинира и да се заштити со устав е предмет на постојана расправа во економската и уставната теорија и пракса во светот и тоа во голема мера зависи од специфичната политичка филозофија, историјата и нивото на меѓународна интеграција на државата

Економскиот и финансискиот суверенитет на која било држава во светот е дел од нејзиниот севкупен национален и државен суверенитет, што се однесува во еднаква мера и на нашата земја. Економскиот и финансиски суверенитет се однесува на вроденото право и способност на земјата самостојно и суверено да управува со сопствената економија, да управува со својата валута, да ги контролира своите финансиски системи, да ја одредува својата фискална политика (оданочување и трошење) и да поставува независни трговски политики без надворешна принуда или мешање. Дали и како овој аспект на суверенизмот треба да се дефинира и да се заштити со устав е предмет на постојана расправа во економската и уставната теорија и пракса во светот и тоа во голема мера зависи од специфичната политичка филозофија, историјата и нивото на меѓународна интеграција на конкретната држава. Уставната и политичка историја на Македонија уште веднаш по нејзиното осамостојување како држава во 1991 година е преисполнета со масивни странски интервенции во нејзината државна и национална политика, со 24 длабоки амандмански интервенции во македонскиот устав.
Внатрешните и надворешните аспекти на економскиот суверенитет на Македонија се разработени во Поглавјето 2. Економски, социјални и културни права со членовите 30, 31, 32, 33, 34, 35, 37, 38 и 41, како и во Поглавјето 4 со членовите 55, 56, 57, 58, 59 и 60. За ваквата уставна рамка за запазување, гарантирање и остварување на економскиот и финансискиот суверенитет на македонската држава може да се констатира дека има простор и за новите, нараснати потреби и амбиции на државата, во новите околности.

Повелба за економски права и должности на државите (на ООН)

Ќе обрнеме посебно внимание на Повелбата за економски права и должности на државите на Генералното собрание на ООН од 1974 година. Оваа повелба дефинира дека економскиот суверенитет на една држава значи нејзина способност да располага со своите ресурси независно од другите земји. На меѓународно ниво, овој документ ги воспостави главните принципи на меѓународната економска интеракција меѓу различните држави. Особено, овие политички и економски принципи на интеракција вклучуваат суверенитет, политичка независност, еднаквост на сите држави, заемна и фер корист. Повелбата го воспоставува основниот принцип, кој прогласува дека секоја држава мора да поседува неограничен и апсолутен постојан суверенитет над сите свои природни ресурси, богатство и економска активност, вклучувајќи го и правото на поседување, користење и експлоатација. Понатаму, сите држави имаат право слободно да располагаат со своите ресурси и да дејствуваат според нив врз основа на сопствен закон и уставен поредок.
Во тој контекст Повелбата за економски права и должности на државите им дава легитимна меѓународноправна рамка, што значи и на Македонија како своја земја членка, три примарни права:
1. Да регулира и да контролира странски инвестиции,
2. Да регулира и да контролира транснационални корпорации, како и
3. Право да национализира, да експроприра странски имот.
Иако во македонскиот устав го нема тоа, во повеќето држави во светот споменатите одредби на Економската повелба на ООН се вградени во нивните устави.

Некои формалноправни аспекти за зајакнување на економскиот суверенитет

Македонската држава треба да обезбеди поробусна, фундаментална заштита од сите пречекорувања од областа на економијата и финансиите од страна на која било државна институција на Македонија, но и во однос на надворешни притисоци, интервенции и принуди од други држави, алијанси, центри на меѓународна геополитичка моќ, меѓународни финансиски институции… Со специфични одредби за зајакнување на економскиот суверенитет треба да се обезбеди:
(1) Непречено економско самоопределување: треба да се истакне принципот на економско самоопределување што се наоѓа во членот 1(2) од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права, наведувајќи дека сите народи можат, за свои цели, слободно да располагаат со своето природно богатство и ресурси.
(2) Обврска за спроведување суверен буџетски процес: одредување дека сите даноци и расходи мора да бидат одобрени од Собранието на Република Македонија, во функција на сопствениот развој и за потребите на сопствените граѓани, спречувајќи можност неизбраните тела, особено од надвор, да наметнуваат фискални обврски, како што е, на пример, наметнувањето од страна на ЕУ за т.н. јаглеродни даноци, или пак задолжително да се издвојуваат огромни средства за финансирање војни и вооружување… во согласност со милитаристичките политики на „воените планери и команданти“ од официјален Брисел.
(3) Посилно гарантирање на независноста на Народната банка на Македонија – да ги нагласи и да ги конкретизира уште повеќе нејзиниот мандат и независност за остварување на националните економски цели, изолирајќи ја од краткорочни политички притисоци или од надворешни барања. Народната банка на Македонија треба да добие/да има уште појасен мандат и подетална улога за монетарната стабилност и за поддршка на националната економска политика.
(4) Ограничување на надворешниот долг: ограничувања со менаџирањето за износот на надворешниот долг што граѓаните и државата можат да го преземат (пр. референдум), на тој начин заштитувајќи ги идните поколенија од прекумерни финансиски оптоварувања. Воспоставувањето висок уставноправен „праг“ за нови задолжувања треба да има за цел строго управување со државното задолжување на Македонија. Колку ќе биде неразумно задолжена таа како држава кон надворешни доверители, толку ќе биде помал нејзиниот економски и финансиски суверенитет. Ако се презадолжи Македонија над своите можности за плаќање на надворешниот долг, тогаш, според економската теорија и пракса, таа би преминала во редот на високозадолжени држави со реална опасност да западне и во ситуација на финансиски банкрот. Појасно кажано, да западне во „должничко ропство“.

Свето Тоевски

продолжува