Фото: „Нова Македонија“

Повеќето истражувања покажаа дека граѓаните не се задоволни од досегашните изборни реформи и поголем дел од нив сакаат да се воспостави модел на една изборна единица. Уште повеќе, истражувањата сигнализираат и дека граѓаните претежно се за воведување отворени листи, односно бараат можност тие да гласаат за конкретен кандидат од листата предложени кандидати, со што се отвора можност за натпревар во компетитивност и компетентност меѓу кандидати од иста политичка партија

Предлозите за промена на изборниот модел влегоа во институционална процедура

Деновиве повторно се актуализира прашањето околу потребата за напуштање на изборниот модел со шест изборни единици и воведување модел според кој земјава ќе биде една изборна единица со отворени листи, како можност граѓаните да добијат вистинска шанса да го валоризираат својот глас на избори.
Оваа иницијатива за една изборна единица се најавува подолг период, но освен заложбата дека конечно нешто треба да се направи на овој план, поголемите политички субјекти во земјава едноставно го игнорираа бидејќи не беше во нивен интерес. Таквиот однос придонесе македонското собрание наместо храм на демократијата, повеќе да наликува на пазар на кој слободно се тргува со државните интереси.
Од друга страна, ако се воведат една изборна единица и отворени листи, ќе се овозможи во парламентот да се најдат квалитетни и докажани кандидати, кои ќе добијат поголем број гласови, а не како досега, кога пратеници стануваа анонимуси што се нашле повисоко на списокот на гласачкото ливче само затоа што имале подобри врски со партискиот лидер.

Изборните реформи се мастер-клучот за напредок на државата

Сегашната поставеност на политичките субјекти на македонската политичка сцена, кои изминатите три и пол децении владеат со државата врз принципот „курто и мурто“, драматично влијае врз одзивот на секој нов изборен циклус. Резултатите покажуваат загрижувачки пад на одзивот во секој изборен циклус, што од друга страна може да доведе до опасен преседан, кој е закана за демократијата, односно власта да се добива со исклучително мал број само партиски гласови, што во никој случај нема да биде одраз на волјата на мнозинството граѓани. Тоа неминовно води кон суспензија на демократијата и воспоставување класична партиократија, клептократија и идиократија.
Повеќето истражувања во изминатите години покажаа дека граѓаните не се задоволни од досегашните изборни реформи и поголем дел од нив сакаат да се воспостави модел на една изборна единица. Истражувањата сигнализираат и дека граѓаните претежно се за воведување отворени листи, односно бараат можност тие да гласаат за конкретен кандидат од листата предложени кандидати, со што се отвора можност за натпревар меѓу кандидати од иста политичка партија.

Една изборна единица го трасира патот за кохезија на националното ткиво и вистинските политички вредности за граѓаните и државата

Во консултации со повеќе експерти, професори, претставници на невладин сектор што долги години работат на изборните модели, уште еднаш се потврди ставот дека моделот со шест изборни единици треба да се напушти и потребно е да се оди на една изборна единица.
– Македонија е зрела да биде една изборна единица. Добро е што овој пат целата процедура започнува многу порано, три години пред одржувањето на парламентарните избори, така што повеќе нема да поминат оправдувањата од типот дека сега нема време за промени на изборниот модел, дека тоа ќе биде од следните избори и слично. Така беше кога дебатата за промена на изборниот модел се отвораше на три-четири месеца пред изборите. Сега тоа не е случај. Предлогот за промена на изборниот модел е доставен до Собранието, па понатаму треба тој институционално да се разгледува и процедурата да си тече низ институциите на системот. Нема потреба да се свикуваат некакви лидерски средби и на тој начин да се девалвира институционалниот тек на работите. Во Собранието се присутни повеќето политички партии, можат низ јавната дебата да се вклучат и вонпарламентарните партии, невладиниот сектор, експертите и сите оние што можат да дадат свој придонес како квалитетно да се истурка целата работа и конечно да се изгласа моделот за една изборна единица – велат експертите.
Според нив, пораката што се испраќа со тоа што земјава ќе добие изборен модел на една изборна единица е многу силна.
– Една изборна единица значи зацврстување на унитарниот карактер на државата, пропорционалната листа и Донтовиот модел можат да останат, сега гледаме дека се развива одредена дебата околу можноста да има или да нема изборен праг, како и околу тоа кога би го имало, колкав да биде процентот за влез во законодавниот дом. Како и да е, се постигнува кохезија на политичкото и националното ткиво, што е исклучително важно. По еден или два изборни циклуса со новиот модел ќе почнат да исчезнуваат и етничките предзнаци пред партиите, па тие многу повеќе ќе се фокусираат на идеолошките платформи отколку кон тоа на која етничка група ѝ се обраќаат и од кого очекуваат гласови на своето конто. Тоа ќе значи и коалицирање меѓу партиите врз идеолошка основа, напуштање на етничките концепти за победник со победник и поделбите во некакви етнички изборни табори – посочуваат експертите, притоа додавајќи дека на тој начин ќе се имплементираат и препораките што подолго време ги упатуваат ОБСЕ/ОДИХР.

Отворените листи ќе стават крај на клиентелизмот и полтронството

Втора клучна работа што мора да биде испочитувана во рамките на реформите на изборниот модел, се отворените листи. Експертите се и тука децидни дека изборната реформа мора да оди во пакет, односно една изборна единица и отворени листи.
– Отворените листи се предизвик за партиите, ќе мора на нив да нудат компетентни луѓе што ги бидува, кои се докажани во одредени области, а граѓаните точно ќе знаат за кого гласаат. Македонија е мала држава и сите добро се знаат, така што кога некоја партија ќе понуди кандидат, веднаш се знае каде работи, колку е образован, какви проекти има зад себе. На тој начин се става крај на клиентелизмот и полтронството, кога многу лица се наоѓаа на изборните листи само затоа што се блиски до партискиот лидер, беспоговорно ги спроведуваа неговите наредби и слично. Сега партискиот лидер ќе ја нема таа моќ, а тоа ќе значи и голем чекор напред кон внатрешна демократизација во партиите. Нема сега „султанот“ да кажува кој ќе биде на листа, туку партијата ќе мора да го изнедри најдоброто од своите редови. А кога партиите ќе почнат да ја практикуваат демократијата внатре, тогаш ќе знаат и да ја практикуваат кога ќе раководат со државата – појаснуваат експертите.
Уште додаваат дека со отворените листи врската меѓу кандидатот за пратеник и граѓаните станува нераскинлива.
– Отсега натаму нема да важи максимата дека граѓанинот во тој еден изборен ден ја има моќта да одлучува, за потоа веќе следниот ден да го заборават. Изборниот ден е само почетокот, а потоа кога некој кандидат од тие отворени изборни листи ќе ја добие довербата на граѓаните, тој најпрво ќе мора да одговара пред оние што го избрале, а потоа да реферира во партијата и таму да ги пренесува ставовите на неговите гласачи. На тој начин и партијата може да ги креира идните политики, со што граѓанинот станува суверен преку пратеникот да управува со судбината на својата земја, наместо тоа да го прават партиските врхушки. Така и во Собранието ќе се врати вистинската дебата на идеи, идеологии, проекти, а премиерот и министрите конечно ќе почнат да одговараат пред пратениците, а не обратно како што беше досега. Тие народни избраници од отворените листи избрани во една изборна единица ќе мора да даваат отчетност пред нивниот електорат низ целата земја, да бидат отворени за контакти со нивните сограѓани, да бидат вистински коректор на извршната власт – додаваат експертите.


Вклучувањето на дијаспората во изборниот процес е нивно повторно поврзување со матицата!

Експертите се категорични дека во време кога постои отворен атак врз македонството во земјава и пошироко, вклучувањето на дијаспората во изборниот процес е силна и недвосмислена порака дека Македонија како држава нема намера да се откаже со Македонците каде и да сѐ.
– Како држава мора доследно да се придржуваме до нашиот устав, во чиј член 49 јасно стои до знаење дека „Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија, го помага нивниот културен развој и ги унапредува врските со нив“. Тоа практично значи дека сета наша дијаспора, вклучително и припадниците на македонското малцинство во соседните земји, треба да бидат вклучени во изборниот процес во земјава. Со тоа Македонија како држава ќе покаже дека се грижи за сопствената дијаспора и ја држи блиску до себе како што матицата ги држи пчелите, а тоа ќе се случи само ако нашинците надвор од границите се вклучат во изборниот модел. Така се прави тоа, а не само со декларативни заложби. Со тоа ќе покажеме и формално правно дека ги инволвираме нашите иселеници и малцинствата во соседните земји за македонската кауза, за политички, економски, културни и секакви други врски. Исто како што го прават тоа соседните земји и сите други, кога отвораат изборни пунктови во други држави, така и ние треба да постапиме – заклучуваат експертите. С.Т.


ДС и ЛДП поднесоа предлози за измена на изборниот модел

Предлози за промена на изборниот модел во една изборна единица до Собранието поднесоа Демократскиот сојуз и Либерално-демократската партија.
Според првиот човек на ДС, Павле Трајанов, ваквите измени ќе значат силен поттик на демократизација на изборниот процес и на државата во целина, како и демонтажа на еднопартискиот систем на владеење и зголемување на одговорноста на извршната и на законодавната власт.
– Со измените, зад секој пратеник ќе стојат ист број гласачи, а не како досега, во изборната единица шест пратеник да се избира со 6.300 гласа, а во изборната единица три да се избира со 10 илјади гласа. Предлагаме да остане пропорционалниот модел, без изборен праг, а пратениците да се пресметуваат по Донтовиот модел. Со предлогот се овозможува и самостоен настап на партиите од помалите етнички заедници и се гарантираат места во парламентот ако имаат поддршка од гласачи потребни за пратеник – рече Трајанов.
Портпаролот на ЛДП, Љубен Аврамовски, изјави дека партијата дава силна поддршка за воведување една изборна единица, отворени листи, како и вклучување на предлозите од граѓанскиот сектор за независни листи во креирање на новиот Изборен законик.
Поддршка за предлогот Македонија да биде една изборна единица стигна и од другите партии, но сите додаваат дека ќе треба да се додискутираат деталите како да се изведе тоа. С.Т.