ЕКСКЛУЗИВНО: ИНТЕРВЈУ СО АКАДЕМИК ЉУПЧО КОЦАРЕВ (втор дел)
- Моќта на НАТО, сонот за ЕУ и неукоста на грст македонски владетели од Македонија направија држава без идентитет, јазик, историја, име, а од Македонците – безимен народ, истакнува академик Коцарев во првото продолжение од мегаинтервјуто за „Нова Македонија“. Тој се осврна и на состојбите во МАНУ, но и за молкот на интелектуалците. Во денешното продолжение тој зборува за двата темни облака што треба да се тргнат ако сакаме, како што истакнува еден од водечките научници и мислители во земјава и пошироко, на Македонија да ѝ се разведри
СУДСКИ РЕФОРМИ ДА, НО НЕ И УСТАВНИ
Ќе ве навратам на 2021 година, кога од печат излезе вашата книга „За македонските работи“, од многумина оценета како еден критички и темелен пресек на македонските состојби, едно значајно дело за македонската политичка мисла. Во есеите, колумните, интервјуата, кои се собрани во тоа значајно дело, вие во Предговорот искажувате скепса за иднината на Македонија. Народот рекол „црна се чума зададе“. Каде денес ги гледате црните облаци надвиснати над Македонија или во меѓувреме малку се разведри македонското небо?
– Во моментов, според моето мислење, прерано е да зборуваме за разведрување. Две теми се клучни за евентуално, во иднина, да се разведри небото над Македонија.
Прво, политичкиот хоризонт на Македонија во моментов е исполнет со неколку „црни облаци“, од кои ќе издвојам два облака: (1) уставните измени и „бугарското прашање“ – мојот став по ова прашање веќе го кажав во одговорот на третото прашање; и (2) реформите во правосудството. Се надевам дека зголемениот ангажман на ЕУ преку „Планот за раст на Западен Балкан“, кој нуди конкретни финансии во замена за реформи, ќе биде искористен за вистински реформи во правосудството, не за уставни измени.
Второ, реално согледување на геополитичката положба на Македонија. За жал, и по триесет години, Македонија не успеа да изгради центри за стратегиски истражувања во геополитиката ниту дипломатска академија, што ја остава без автентична надворешна политика и компетентна дипломатија. Мултиполарниот поредок претпоставува флексибилност, особено ако некоја земја не чувствува дека хегемонот на нејзината група не ги штити нејзините витални интереси (што е дури и повеќе од национални интереси). Ако веќе сме се определиле за западниот хегемон, тогаш се поставува прашањето што добиваме од тоа. Целта на членувањето во меѓународни сојузи, особено на малите и послабите земји, е зачувување на сопствените интереси. Ние добиваме воена безбедност под чадорот на НАТО и на САД, но тоа може да биде Пирова победа. Навидум ефемерните и апстрактни вредности како национална самобитност, кои би требало да се жртвуваат за некакви либерални вредности, како што нѐ убедуваат, сѐ уште се исклучително значајни, за што пример ни се токму нашите соседи, но и сите други држави. Според зборовите на проф. д-р Александар Иванов: „За малите и средните држави, клучот е отпорност: градење институции што можат да преживеат шок, но и да препознаат зависности додека сè уште можат да се променат. Во практична, геополитичка смисла, ова значи напуштање на илузијата за трајна удобност под еден безбедносен чадор и преминување кон активно стратешко балансирање. Тоа подразбира водење мултивекторска дипломатија, ригорозна заштита на критичната национална инфраструктура (енергетика, телекомуникации, транспорт) од монополско странско влијание и градење длабока општествена доверба. Само држава што цврсто ги контролира сопствените внатрешни ‘празнини’ може да спречи тие да бидат насилно пробиени од клинот или тивко пополнети од водата“.
ГЕОПОЛИТИЧКИТЕ ПРОМЕНИ И НАУКАТА – КАДЕ СМЕ НИЕ?
Дали во овие глобални геополитички промени, кои одат со еден опасен инструмент што се вика геоекономија, науката ќе стагнира затоа што ќе бидат пресечени каналите на комуникации на светските научници и научни центри? Како конкретно се одразува тоа врз работата на МАНУ?
– Во едно општество, науката и уметноста, од една страна, и политиката, од друга страна, се преплетени на сложен начин – факт, кој некои од нас, научниците и уметниците, за жал, не сакаат да го признаат. Во демократиите, граѓаните формираат политички партии, кои, преку различни модели на финансирање, ги врамуваат научните активности, така дејствувајќи непосредно врз развојот на науката.
Австралискиот институт за стратешки политики во својот последен (од 1 декември 2025 година) извештај анализира 74 критични технологии. Според Институтот, критичните технологии се дефинираат како тековни и нови технологии со капацитет значително да ги подобрат или да претставуваат ризик за националните интереси на една земја, вклучувајќи ги економскиот просперитет, социјалната кохезија и националната безбедност на една земја. Денес критичните технологии се во фокусот на геополитиката, а разбирањето на критичниот технолошки екосистем – од тоа како да се обезбеди сигурен пристап до критичните технологии, моменталната траекторија на развојот на екосистемот и каде (и во што) ќе се случат следните пробиви, е клучен фактор којшто, обезбедувајќи државите да имаат континуиран пристап до технологиите, ќе овозможи просперитет и благосостојба. Според истражувањата на Австралискиот институт, САД го губат водството во овие технологии. Постојаните долгорочни кинески инвестиции во фундаментални истражувања придонесоа денес Кина да е лидер во 66 од 74-те следени технологии, додека САД се водечки во преостанатите осум.
Република Македонија е мала земја, меѓутоа таа, сепак, може да учествува во некои истражувања поврзани со критичните технологии, особено, ако станува збор за Истражувачкиот центар за компјутерски науки и информатички технологии при МАНУ, тогаш тоа се истражувања поврзани со напредни информациски и комуникациски технологии, вештачка интелигенција и квантна механика. Според Австралискиот институт за стратешки политики, Кинеската академија на науките е водечка светска институција во истражувањата на критичните технологии, рангирана на прво место во 31 технологија. Освен со Кинеската академија на науките, ИЦКНИТ веќе подолго време има извонредно плодотворна научна соработка со Универзитетот „Џиао Тонг“ од Шангај, Универзитетот „Фудан“, Универзитетот во Пекинг, Универзитетот „Цингхуа“, Универзитетот за наука и технологија на Источна Кина и многу други. Центарот негува долгогодишна соработка и со врвни институции и универзитети од САД, Германија, Италија, Индија и Русија. Очекувам дека таа соработка и понатаму ќе продолжи со сите држави – засега, за среќа, каналите на комуникации со светските научни центри не се прекинати. Ако, во иднина, се бара да одлучиме за две разделни алтернативи (алудирајќи на „со штитот или на него“), ќе се залагам за продолжување на соработката со Кина, Индија, Русија и другите, вклучувајќи ги повеќето европски земји.
Ќе ви поставам и едно прашање што се однесува на уште еден ваш предлог, а тој беше МАНУ како година на свое основање да ја смета 1902 година. Ако се земат сегашниве состојби со и околу нас, јасно е дека Бугарија и Грција нѐ враќаат токму во 19 и почетокот на 20 век. А, што мислите, зошто времето не би го вратиле точно во историскиот час кога Аристотел ја формира Македонската академија. Мислам дека тоа би било она што се нарекува алката што ни недостига и во научната мисла?
– Автономистичкиот пристап кон македонскиот идентитет и правото на Македонците на сопствена држава недвосмислено доаѓаат до израз во конститутивните акти на Македонското научно-литературно друштво во Санкт Петербург, под раководство на Димитрија Чуповски, близок соработник на Крсте Мисирков. Поврзано со ова, а имајќи ја предвид воспоставената практика при основањето на САНУ и БАН, предлагав МАНУ да го чествува 28 октомври 1902 година, денот кога е формирано Македонско научно-литературно другарство, за ден кога се основа МАНУ. Македонската научна мисла е постара од македонската современа држава, а МАНУ е соодветен репрезент на таа традиција. До денес, во Академијата овој предлог не наиде на одобрување.
Што се однесува до вашето прашање, најпрво би сакал да предочам дека во некои документи – круцијални за опстојот на македонизмот, термините „Македонија“ и „македонски“ се дефинираат различно. Имено, за државата Грција важи „митот на континуитетот од антиката до денес“ (примордијалната концепција за нацијата што е научен нонсенс), додека за државата Македонија важи конструктивистичката/модерна (па и постмодерна) концепција за нацијата.
Истакнувајќи дека барањето врски меѓу денешните и античките народи, според мислењето на многу научници, е неточно (што важи за сите народи денес, не само за македонскиот народ), тука ги цитирам зборовите на академик Блаже Ристовски: „Веќе нашата маса како да се цепи. Тоа е судбоносна работа, а нема зошто. Ние сме словенска нација, тука не треба да има дилеми. Сите овие други теории што се вадат сега се без научна почва, без резон, но имаат политички профит“. Сепак, ќе подвлечам дека, според современите сфаќања за нациите и национализмот, „модерните нации не можат да се воспостават без одредено ниво на замислување, митологизирање и симболички ритуали коишто креираат претстави за тоа каде завршува една група, а започнува друга“. Па, затоа, Македонија не треба да се откаже од правото на културноисториското и митското наследство и во таа смисла може да укажува и на одредена традиција на евоцирање и асоцирање на македонскиот народ и со наследената колективна меморија, народно предание, материјално и духовно античко наследство, но на цивилизиран начин и без експлицитни и кич идентификации.
МАНУ е способна да одговори на сегашните
предизвици и да ја дефинира Македонија дома
И ќе се навратам на почетокот, затоа што не верувам дека она што вие го потегнавте во однос на работата на претседателот на МАНУ е поттикнато од војна на лични ега. Способна ли е МАНУ во моментов да одговори на сегашните предизвици и да ја дефинира Македонија таму каде што реално сега треба да биде, пред сѐ пред Македонците, значи дома, а потоа и во регионот и, нормално, пошироко?
– МАНУ е највисока научна и уметничка институција во Република Македонија, за што сведочат голем број факти, оттука, според моето мислење, академската заедница ја почитува МАНУ поради научноистражувачката дејност и меѓународната соработка. Академијата, од една страна, треба да биде проактивна во решавањето на општествените, економските, научните, технолошките и уметничките предизвици на Македонија, додека, пак, од друга страна, таа не треба да е под влијание на дневнополитичките случувања, а нејзините членови не треба да заземаат партиски страни. Дали МАНУ е способна во моментов да одговори на сегашните предизвици и да ја дефинира Македонија дома, во регионот, но и пошироко – одговорно тврдам да. Дали ќе го направи тоа, само времето ќе покаже. Х.И.
(крај)
































