Регионалната Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), пред неколку дена во Сараево, на конференција на темата „Крајно десничарски екстремизам на Балканот: групи, трендови и политичка поддршка“ ја презентираше интерактивната мапа во која идентификува 71 организација и групи во шесте земји на Западен Балкан, кои, според нивното истражување, дејствуваат од крајнодесничарски и екстремистички позиции. Како што навел на претставувањето на проектот, директорот на БИРН за Босна и Херцеговина, Денис Џидиќ, целта на овој проект е да ѝ дадат на јавноста повеќе информации за екстремно десничарските и екстремистички организации и за потенцијалните закани што тие ги претставуваат, зашто „нивните постапки го нарушуваат процесот на градење стабилно и здраво општество“ за кое тие секојдневно се борат.
Од каков екстремизам страдаат Македонија и Западен Балкан
Меѓу тие 71 формална и неформална организација, квалификувани како екстремистички, во Македонија се препознаени 11, додека во целиот регион како такви во Босна и Херцеговина се детектирани 21, во Србија 20, осум во Косово, седум во Црна Гора и четири во Албанија. Проектот на мапата е спроведен како заеднички напор помеѓу БИРН и независни истражувачки новинари и истражувачи, финансиран од Владата на Кралството Холандија, во рамките на поголемиот проект „Иднината на екстремизмот во Западен Балкан“. Интерактивната мапа моментално е достапна на англиски јазик, но наскоро ќе биде објавена на локалните јазици на вклучените земји. Исто така, ќе се ажурира кога ќе се основаат нови организации и групи и кога ќе се појават нови крајнодесничарски или екстремистички активисти.
На претставувањето на мапата било истакнато дека составувањето на базата на податоци траело неколку месеци, зашто процесот бил комплициран од фактот што повеќето од овие организации и групи не се регистрирани и нивните активности може да се следат само онлајн. Своевидна контрадикторност на објаснувањето дека „повеќето организации и групи не се регистрирани“ е составот на списокот на екстремно квалификувани организации во Македонија, од кои значителен број се транспарентно законски регулирани и активни на политичката сцена во земјата со децении. Во списокот на БИРН со 11, според нив, крајнодесничарски и екстремистички организации се наведени: „Андон Јанев-Ќосето“ – Велес, МПЗ „Владо Георгиев Черноземски“, „Единствена Македонија“, „Тврдокорни“ (Тврдокорни), селафиската исламска заедница „Дар ал-Хадис“ – Скопје), „Бојкотирам“, „Христијанско братство“, ТМОРО – ВЕП, ТМРО (Трајно македонско радикално обединување), „Балист“ (Балисти), Светски македонски конгрес (СМК). Уште една индикатива особеност на списокот за десничарско-екстремистичка опасност и закана во Македонија е тоа што девет од 11-те организации и групи дејствуваат или дејствувале од македонистички позиции, додека само во две од наведените, според имињата може да се претпостави поврзаност со албанско-исламскиот екстремизам.
Националниот координатор за спречување насилен екстремизам во македонската влада засега без одговор
Со оглед на предупредувачката мисија на проектот за мапирање на организациите што дејствуваат од позиција на крајно десничарство и екстремизам, за неговата релевантност во однос на опасностите и заканите за безбедноста и стабилноста на Македонија, се обративме до Националниот координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам во македонската влада, Златко Апостолоски. Конкретното прашање беше дали безбедносните институција во земјава оперираат со одредени сознанија што би можеле ли да ги потврдат наводите и квалификациите од регионалното истражување за дејствување на наведените организации од позиции на екстремизам во Македонија? До влегувањето во печат на денешниот број на „Нова Македонија“ немаше никаква реакција на нашето новинарско прашање испратено на е-адресата на националниот координатор, објавена на веб-страницата на Владата.
Како реагираше Светскиот македонски конгрес (СМК), кој беше
вброен во списокот на македонски екстремистички организации
Како една од организациите наведена во македонскиот дел од мапата на БИРН за крајно десничарство и екстремизам е Светскиот македонски конгрес, кој дејствува три децении предводен од Тодор Петров, пратеник во првиот парламентарен состав на независна Македонија.
– Првпат слушам за здружението БИРН, за мене нерелевантно. На нивната веб-страница прочитав дека претставува некоја „Балканска мрежа за истражувачко новинарство (Balkan Investigative Reporting Network – BIRN) на невладини организации што ги промовираат слободата на говорот, човековите права и демократските вредности во Јужна и Источна Европа.“ Меѓу донаторите им е и Сорос.
Дефиницијата на БИРН за Светскиот македонски конгрес како „ултрадесничарска и екстремистичка организација“, а екстремизмот го врзуваат за тероризмот, е неоснована квалификација и политичка дискредитација. Уште понавредливо е обвинувањето дека Светскиот македонски конгрес е „против градењето на стабилно и здраво општество“! За која промоција на слобода на говорот, човековите права и демократијата се борат ако разликата во мисла за нив е екстремизам и тероризам? Дали за „грев“ го сметаат ставот на Светскиот македонски конгрес против Договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година, Договорот Димитров-Коѕијас од 17 јуни 2018 година и француската преговарачка рамка од 23 и 30 јуни 2022 година и Крстот во Аеродром?! Ако тоа е квалификација за екстремизам и тероризам, „прочитана“ е нивната демократија и слободата на говорот, имајќи ги предвид менторите! Светскиот македонски конгрес е меѓународна невладина организација и претставува неформален светски парламент на Македонците по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во светот и татковината! Основни цели на Светскиот македонски конгрес се: (1) духовно, културно и економско обединување на Македонците, од сите делови на Македонија, во светот и татковината, во функција на македонскиот народ и неговата држава Македонија; (2) заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски, историски и државен идентитет, континуитет, наследство и простор; (3) заштита и афирмација на човековите и граѓанските права и слободи; (4) развој на демократијата; и (5) афирмација на целите и задачите на Организацијата на Обединетите нации. Неприфатливо е вбројувањето на Светскиот македонски конгрес во листа со организации што го промовираат нацифашизмот од Втората светска војна и верскиот фанатизам на ИСИС! Светскиот македонски конгрес е формиран на 12 јануари 1899 година во Швајцарија, возобновен е на 15 септември 1990 година во Македонија. Со сите свои дела во последните 30 години во светот и татковината, Светскиот македонски конгрес никогаш не демонстрирал агресија, насилство, екстремизам, тероризам, нацифашизам или шовинизам!
Сето ова е со намера и обид за маргинализација на Македонците и македонските организации што се против Договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година, Договорот Димитров-Коѕијас од 17 јуни 2018 година и француската преговарачка рамка од 23 и 30 јуни 2022 година, со цел вметнување на Бугарите во Уставот заради почеток на преговорите за членство на Македонија во Европската Унија! – гласи одговорот на Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес.
Петров: Да се извинат за обвинувањата и да го отстранат Светскиот македонски конгрес од нивната листа
Во дописот на Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес, се вели дека тие бараат „БИРН да се извини за обвинувањата и да го отстрани Светскиот македонски конгрес од нивната листа, во спротивно ќе поднесеме тужба против нивниот директор во Македонија, Ана Петрушева, која ќе треба на суд да ги докажува нивните клевети. Очигледно, во намерите на македонскиот разгранок на БИРН е дисквалификација на етнонимот Македонец и организациите што се борат за афирмација на основните вредности на македонската цивилизација: мирот и љубовта, наспроти војната и омразата; толеранцијата и коегзистенцијата, наспроти дискриминацијата и сегрегацијата; и културниот глобализам што врши интеграција со афирмација на помесните етноси, јазици, религии и култури, наспроти корпоративниот глобализам, кој врз основа на профитните интереси на мултинационалните корпорации врши интеграција со асимилација на помесните етноси, јазици, религии и култури, сѐ до нивна физичка ликвидација од Земјината топка!“