Фото: Маја Јаневска-Илиева

Историјата и меѓународното право забележуваат една фактичка состојба поврзана со Бледските спогодби Тито – Георги Димитров, од која ние може да извлечеме двојна поука за карактерот и фрагилноста на меѓународноправните договори, за кои до скоро се тврдеше дека се нераскинливи, иако ќе се покаже дека едната страна не е задоволна од склучениот договор. Иако со Бледскиот договор од 1947 година следуваше официјално признавање на македонската етничка, идентитетска и јазична засебност како различна од бугарската, истиот тој поради драстичното свртување на бугарските политики кон Македонија еднострано (од бугарска страна) беше напуштен и е нефункционален. Но токму тој пример во меѓународното право и односи ја покажува можноста Скопје да го направи истото за Преспанскиот и за Договорот за добрососедство, кои се покажуваат како крајно штетни и кои „не се нераскинливи“. Се разбира, сето ова, доколку активно се работи на созревање на условите во меѓународниот актуелен контекст на односи, со цел дипломатски да се одработат и да се создадат услови Македонија да го направи тоа, без да предизвика големи негативни политички импликации врз себе од страна на Брисел, Вашингтон или од некои други центри на моќ

Зошто Бледските спогодби Тито – Георги Димитров имаат длабоко историско и меѓународноправно значење за Македонија и за македонскиот народ, а особено за Македонците во Пиринска Македонија

Деновиве изминуваат седумдесет и осум години од одлуките на Бледската конференција, одржана на 30 и 31 јули и 1 август 1947 година, познати како Бледски спогодби: Тито – Димитров. Забележено е дека тие имаат колосално значење за Македонија и за македонскиот народ, а особено за Македонците во Пиринска Македонија, заради официјалното признавање на македонската етничка, идентитетска и јазична засебност како различна од бугарската.
Второ, уште една клучна работа што може да се издвои во истиот контекст е формата со која Софија го направи овој Бледски меѓународноправен договор ништовен, бидејќи на Бугарија не ѝ одговара признавањето на македонскиот идентитет. Овој потег на Софија апсолутно значи дека во пракса е реално т.н. еднострано поништување на меѓународноправен договор доколку тој договор не ѝ одговара на едната страна. Во случајов со Бледскиот договор, Бугарија тоа и го сторила (иако нам тоа не ни конвенира, бидејќи токму во 1947 година Бугарија со тоа ја призна официјално македонската етничка, идентитетска и јазична засебност како различна од бугарската, а ѝ призна дури и културна автономија на Пиринска Македонија). Но, ете, и историјата и меѓународното право забележува дека тоа се случило и дека една таква фактичка состојба реално е можно да се случи, наспроти ставовите лиферувани во јавноста дека меѓународноправните договори се нераскинливи.

Кусо потсетување на Бледските спогодби: Тито – Димитров од 1947 година

Бледски спогодби е називот на неколку договори меѓу ФНР Југославија и НР Бугарија прифатени во Блед во 1947 година меѓу Тито и Димитров. Овие договори значеа заемна желба и напор за воспоставување и развој на нови односи меѓу двете земји. Јосип Броз Тито и Георги Димитров сакаа да го претворат бурето барут, Балканот, во зона на мир и општествен напредок. Тоа беше пример како можат да постојат мирен соживот и блиска соработка меѓу држави и народи, кои биле непријатели во минатото, но и во Втората светска војна.
Југословенската државно-партиска делегација се договори во Блед од 30 јули до 1 август 1947 година за мерките што Владата на Бугарија треба да ги преземе за обезбедување на правата на Македонците во Пиринска Македонија, за нивниот слободен национален, економски и културен развој, како и воопшто за односите меѓу Бугарија и НР Македонија. Во Блед беше прифатен текстот на Договорот за пријателство, соработка и заемна помош меѓу Југославија и Бугарија, кој беше потпишан и објавен во Евксиноград, како и неколку договори: Договор за заемна помош, Договор за царинско олеснување и подготовки за царинскиот сојуз, Договор за двоен имот на југословенско-бугарската граница, за олеснување на граничниот премин, за преселување на граничните жители и за државјанство меѓу двете земји. По преговорите, Владата на ФНР Југославија во записникот од конференцијата во Блед изјави дека ќе се откаже од 25 милиони долари како воена отштета, која требаше НР Бугарија да ѝ ја плати, според мировниот договор.
Летото 1947 година со специјален закон, изгласан во Собранието на НР Бугарија, во училиштата во Пиринска Македонија се воведоа како училишни предмети македонскиот литературен јазик и македонската национална историја. Во Пиринска Македонија, Македонците беа признаени како нација. Се отвораа училишта и културни институции на македонски јазик. Се подготвуваше и терен за обединување на Пиринска и Вардарска Македонија во рамките на поширока југословенско-бугарска федерација.

Во 1947 Бугарија ги призна македонскиот народ, јазик и култура, а сега ги негира!

Во ноември 1947 година, во согласност со воспоставените добрососедски односи и официјалното напуштање на бугарските хегемонистички тенденции (во однос на Македонија и Македонците), Министерството за народна просвета на Народна Република Бугарија упатила „Циркуларно писмо до училиштата во Бугарија“, наложувајќи исправки во учебниците по историја, заради признавање на македонската нација и историја.
Меѓу другото, во ова Циркуларно писмо пишува: „Изработката на новите учебници по историја по 9.IX.1944 година беше извршена во посебни услови. Поради тоа се допуштени сфаќања, карактеристични за великобугарскиот шовинизам. За да се исправат допуштените грешки и да се избегне секоја можност за толкување или заклучоци во духот на великобугарскиот шовинизам, учителите по историја треба во нивната работа во своите одделенија да ги извршат следниве исправки: (1) Во учебникот по историја за III клас на стр. 40 и 41 Самуиловата словенска држава не треба да се претставува како ‘Западна Бугарија’… Самуиловата држава е, пред сѐ, држава на македонските Словени….
(2) Во учебникот по историја за VII клас на стр. 34 племенскиот сојуз на словенските племиња во Македонија на чело со кнезот Пребонд треба да се истакне како прв обид на македонските Словени за создавање своја државна организација… На стр. 209 и 219 браќата Миладиновци како и другите македонски просветители и писатели не треба да бидат третирани како претставници на бугарската просвета“.
Кога Информбирото ја засили својата кампања против ФНРЈ, КПЈ и југословенското раководство, Владата на НР Бугарија на 1 октомври 1949 година еднострано го откажа Договорот за пријателство, соработка и заемна помош и сите Бледски спогодби, освен одлуката да ѝ се прости воената отштета. По поништувањето на Договорот со Југославија, Софија започна повторно со великобугарска кампања, со која се негираше постоењето на македонскиот народ со неговиот јазик, култура и историја. Но иако македонскиот народ во Бугарија беше изложен на нова, уште посилна асимилација, сепак не успеаја напорите тој да биде бугаризиран.

Како поранешниот премиер Заев и поранешниот министер за надворешни работи Османи де факто активно учествуваа во поништување на Бледските спогодби од 1947

Во 2017 година, 70 години по потпишување на Бледските спогодби, Зоран Заев и Бујар Османи заедно со Бојко Борисов постигнаа Договор за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија. Со тоа ѝ се овозможи на Бугарија да удри и врз темелите на македонската држава и постоењето на македонскиот народ во Република Македонија. Софија ќе може во секое време да става вето на преговорите на Македонија за влез во ЕУ, ако не се спроведе тој во суштина „бугарски договор“ и ако не се прифати да влезат Бугарите како „државотворен народ во Македонија“ во македонскиот устав, но и оти Самуил, Кирил и Методиј, Климент и Наум, како и Гоце Делчев се „Бугари“.
Натаму, Софија бара од властите во Македонија да заборават на бугарското фашистичко минато за време на Втората светска војна и да се избрише историски засведочениот факт дека Бугарите биле фашистички окупатори во Македонија. Со овој договор, претходните власти прифатија историски ретуширања на нашата национална историја, при што прифатија третман за окупаторската царска Бугарија како „администратори во Втората светска војна за Македонија“ (администратори како термин имплицира и дека тие имаат добиен мандат за администрирање/управување во Македонија!?), како и да дозволи да се промовираат клубови што носат имиња на истакнати фашисти и нивни соработници, што е казниво со закон.
Но, како што тече времето, секојдневно се покажуваат сите недоследности на Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија. Недоследностите навистина се и длабоки и повеќеслојни и задираат и во нашиот идентитет, историја, јазик итн., но и во меѓународното и во внатрешното право, флагрантно судирајќи се со постулатите на врховното перемпторно право како есенцијален елемент за постигнување на индивидуалните и колективните права.
Што се однесува до контекстот на договорите и нивните импликации во внатрешното право, консултирани експерти лоцираат дека гореспоменатите „недоследности“, всушност имаат „елементи на направени длабоки, тектонски штети на народот, нацијата и државата“ и, поради тоа, „поведенијата на носителите на државните функции (што ги склучиле овие договори, Преспанскиот и Договорот за добрососедство) се сметаат за казниви дела за предавнички поведенија кон сопствената држава и нација“.
Да заклучиме во делот од паралелата меѓу Бледскиот договор и Преспанскиот и Договорот за добрососедство. Соговорниците истакнуваат дека „едноставно кажано, од аспект на повлекување на една правна аналогија на третманот на Бледскиот договор од една страна и односот кон Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство, според странски консултирани меѓународно-правни експерти, сето ова значи дека „Скопје има можност за еднострано раскинување на меѓународните договори што се покажале низ годиниве за Македонија како штетни. Се разбира, сето ова, доколку активно се работи на созревање на условите во меѓународниот актуелен контекст на односи, со цел дипломатски да се одработат и да се создадат условите Македонија да го направи тоа, без да предизвика големи негативни политички импликации врз себе од страна на Брисел, Вашингтон или некои други центри на моќ“.

Свето Тоевски