За вредносните критериуми на Западот сме повеќе од свесни. Тие се присутни во нашето секојдневие одамна. Ние, на пример, од нашето осамостојување сме западно ориентирани и по сите основи (политички, економски, безбедносно, културолошки итн) гравитираме кон запад. И стратегиските ориентации ни се насочени кон реализацијата на тие цели. Тоа е сосема легитимно, со оглед на нашата географска припадност кон Европа, а и врз основа на изразите на желбите, како и стремежите на граѓаните изразени низ различни демократски форми. Но се разбира дека не пречи да отвориме и некои други „чакри“ за размислување, се разбира во функција на решавање на одредени сурово наметнати идентитетски предизвици, да се направи една паралела кон она што значи реализирање на нашиот колективен просперитет и благосостојба, во контекст на новонастанатите глобални состојби и тектонските поместувања на глобално ниво.
Да фрлиме еден поглед кон Индија. Имено, современа Индија (Бхарат) се движи во таа насока, особено под власта на Нарендра Моди. И повторно, тука доминира длабокиот идентитет, Хиндутва, кој ги оживува основите на античката ведска култура, религија, филозофија и социјална структура.
Понатаму, и исламскиот свет уште покатегорично го проблематизира вредносниот систем на колективниот Запад, кој, се разбира, во никој случај не е компатибилен со исламските закони, правила и упатства. И во овој случај, акцентот е ставен на традицијата.
Народите во Африка се движат во иста насока, влегувајќи во нов круг на деколонизација – овој пат на свест, култура, начин на размислување. Сè повеќе африкански мислители, политичари и јавни личности се свртуваат кон потеклото на нивните автохтони култури.
Латинска Америка, исто така, постепено ги открива овие нови хоризонти на традиционализам, религија и културни корени, влегувајќи во сè подиректен судир со политиките на колективниот Запад. Згора на тоа, специфичноста на Латинска Америка е што антиколонијалната борба долго време се одвиваше главно под левичарски слогани. Сега ситуацијата се менува: левицата го открива традиционалното и конзервативно потекло на својата борба (на пример, во „ослободителната теологија“, каде што доминира католичкиот фактор), а конзервативниот антиколонијален фронт сè повеќе расте (на пример, „теологијата на народите“). И Кина би можела да се земе како пример на тој источнички концепт. Таа не само што ги отфрла глобализмот, либерализмот и светскиот капитализам како догма, зачувувајќи многу карактеристики на социјалистичкиот систем, туку сѐ повеќе се свртува кон вечните вредности на кинеската култура, оживувајќи ја на ново ниво политичката и социјалната етика на Конфуциј, што го инспирирало и регулирало општеството неколку милениуми. Не е случајно што една од водечките теории за меѓународните односи во модерна Кина стана античката идеја за Тианксија, каде што Кина е замислена во центарот на светскиот систем, а сите други народи ја опкружуваат Небесната империја на периферијата. Кина е свој апсолутен центар, отворен кон светот, но строго ги чува својот суверенитет, уникатност и оригиналност. П.Р.