Еден од единаесетте кандидати за судија во Стразбур веќе привлекува внимание во Советот на Европа

СЕДУМДЕСЕТ И ПЕТ ГОДИНИ ЕВРОПСКА КОНВЕНЦИЈА И СУД ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА

  • Процесот за избор на судија што ќе ја претставува Република Македонија во Европскиот суд за човекови права полека влегува во завршна фаза, а вниманието на дел од дипломатските и новинарските кругови во Стразбур веќе се насочува кон еден од кандидатите – адвокатот Тони Менкиноски

Во моментот кога Советот на Европа и Европскиот суд за човекови права свечено и скромно ја одбележуваат годишнината од Европската конвенција за човекови права, која беше потпишана во Рим во 1950 година од 12 земји членки на Советот на Европа, оваа конвенција придонесе за воспоставување заедничка правна и политичка култура на човековите права, демократијата и владеењето на правото низ цела Европа.
Во тој контекст е и изборот на четвртиот по ред македонски судија, со оглед на тоа што во февруари следната година истекува деветгодишниот мандат (2017-2026) на актуелниот македонски судија во Стразбур, Јован Илиевски. Комисијата за избор на кандидат на Република Македонија за судија во Европскиот суд за човекови права, вчера, во полн состав во Уставниот суд ја одржа втората седница.
Познато е веќе дека комисијата со која претседава претседателот на Уставниот суд изврши административна проверка на 20-те апликации во однос на критериумите за пријавување и по проверката, врз основа на фактичката состојба, ја утврди листата на апликанти што ќе бидат поканети на интервју: Оља Ристова, Тони Менкиноски, Наташа Габер, Јордан Апостолски, Александар Даштевски, Али Алиу, Илир Исени, Јелена Ристиќ, Сашо Георгиевски, Наташа Бошкова и Ана Дангова Хуг. Од овие 11 кандидати, шанса да ја продолжат постапката ќе имаат само тројца. По нивното сослушување од комисијата, на 20 октомври, резултатите од интервјуата ќе ги испратат до Експертскиот панел на Советот на Европа, кој потоа ќе ги препрати до Комисијата за избор на судии при Парламентарното собрание на Советот н Европа, кое ќе гласа за нашиот судија на јануарската сесија во 2026 година.
Според наши извори во Советот на Европа, кандидатурата на Менкиноски предизвикува интерес и позитивни коментари поради неговото долгогодишно искуство во областа на меѓународното и уставното право, како и поради неговата активна улога во одбраната на човековите права и слободи.

Фото: ЕПА

Извори блиски до Советот на Европа наведуваат дека професионалното портфолио на Менкиноски, неговото познавање на праксата на Европскиот суд и долгогодишната меѓународна соработка со институции како Советот на Европа, ОБСЕ и Хелсиншкиот комитет, му обезбедуваат висок углед и кредибилитет во правните и дипломатските кругови.
Во неофицијалните дипломатски разговори во Стразбур се спомнува дека поради неговите јавно изразени ставови за македонскиот национален идентитет и јазик, одредени соседни земји (особено Бугарија и Грција) можат да покажат воздржаност кон неговата кандидатура. Според извори од дипломатските мисии, во некои кругови се размислува за можноста од дипломатски лобирања што би можеле да влијаат врз процесот на гласање, иако ваквите најави засега немаат официјална потврда.
Од друга страна, се наведува дека Менкиноски ужива поддршка од повеќе европски држави, особено од Вишеградската група и неколку северноевропски земји, кои го препознаваат како кандидат со интегритет, професионална стабилност и силен академски капацитет.
Иако изборниот процес е сè уште во почетна фаза, во Стразбур веќе се коментира дека токму Менкиноски би можел да биде еден од најсериозните претставници на Македонија во финалната селекција, благодарение на неговата експертиза, долгорочна посветеност на човековите права и јасна визија за европските вредности.


Која е улогата на Советодавниот панел на Советот на Европа

Советодавната улога на панелот за владите на државите договорнички не вклучува можност за изразување мислење за споредбените заслуги на кандидатите. Таа е ограничена на нудење експертско мислење за потесното прашање дали, врз основа на нивните биографии, може да се смета дека предложените кандидати ги исполнуваат минималните услови утврдени во членот 21, став 1 од Конвенцијата за да можат да ги извршуваат функциите на судија во судот.
Иако неговите мислења првенствено се упатени до владите на државите договорнички за да им помогнат да поднесат листи на висококвалитетни кандидати, во пракса, панелот исто така му помага на Парламентарното собрание во врска со прашањето дали Собранието пред себе има три кандидати што целосно ги исполнуваат условите на Конвенцијата за избор за судии во судот. Од своето создавање, панелот постепено развива критериуми за проверка дали двата алтернативни услови формулирани во општите термини во членот 21, став 1 од Конвенцијата (или „да ги поседува квалификациите потребни за назначување на висока судска функција“ или „да биде правник со признаена компетентност“) се исполнети во пракса. Овие критериуми ќе продолжат да се усовршуваат и развиваат, со што ќе се олесни задачата на националните органи за избор и задачата на Парламентарното собрание.

Консултација на Советодавниот панел

  • Панелот ги разгледува биографиите доверливо. Може да ѝ постави прашања на владата за кандидатите или за националната постапка за избор.
  • Кандидатите мора пред сè да ги исполнат условите утврдени во членот 21, став 1 од Конвенцијата:
    – да имаат највисок морален карактер; и
    – или да ги поседуваат квалификациите потребни за назначување на висока судска функција или да бидат правници со признаена компетентност.
  • Дополнително, како што е наведено во упатствата на Комитетот на министри:
    – кандидатите мора да владеат еден од работните јазици на Советот на Европа (англиски и француски) и барем пасивно да го познаваат другиот;
    – мора да има балансирана застапеност – барем еден кандидат од секој пол, освен ако полот на кандидатите на листата не е недоволно застапен во судот.
  • Владите мора, меѓу другото, да покажат дека нивната национална постапка за избор била фер и транспарентна (Резолуција на Собранието 1646 (2009)).
  • Панелот одлучува (преку писмена постапка или на состанок) дали кандидатите може да се сметаат за исполнувачи на условите утврдени во членот 21, став 1 од Конвенцијата.
  • Доколку панелот смета дека сите кандидати ги исполнуваат условите за избор, неговиот мандат бара да ја информира владата без дополнителни коментари. Доколку се смета дека некои кандидати не ги исполнуваат условите, владата исто така се информира, со причини, и може да се презентираат нови кандидати.
  • Откако листата ќе биде доставена до Собранието од страна на владата, панелот го информира Собранието за своето мислење за кандидатите, како што е соопштено до владата.
    Изборен процес на Парламентарното собрание.
  • Владите мора да ги достават своите листи на кандидати до Собранието откако ќе го добијат мислењето од панелот за тоа дали предложените кандидати ги исполнуваат барањата на Конвенцијата.
    Листата се објавува на веб-страницата на Собранието.
  • Собранието ја отфрла листата на кандидати доколку панелот не е правилно консултиран.
    l Кандидатурите прво ги разгледува Комитетот за избор на судии на Собранието.
  • Овој комитет е составен од 22 члена назначени од политичките групи на Собранието.
  • Состаноците на комисијата се одржуваат зад затворени врати. Размислувањата се одвиваат во три фази:
    – брифинг-сесија;
    – триесетминутно интервју со секој кандидат;
    – дебата и гласање.
  • Член на панелот, обично претседателот, е поканет од комисијата да присуствува на брифинзите за да го објасни мислењето на панелот и да одговори на евентуални прашања.
  • Комисијата гласа и го соопштува својот избор на пленарното собрание.
  • Членовите на Собранието гласаат за кандидатите со тајно гласање.

Седумдесет и пет години од Конвенцијата што ги штити правата
на повеќе од 700 милиони луѓе во Европа

Сите 46 земји членки на Советот на Европа пристапија кон Европската конвенција за човекови права. Тоа е договор дизајниран да ги заштити човековите права и основните слободи на сите.
Сепак, првенствено владите, парламентите и судовите на секоја од земјите потписнички се тие што мора да ги заштитат правата признаени во Конвенцијата.
Европскиот суд за човекови права, со седиште во Стразбур, дејствува како безбедносна мрежа. Секој може да поведе постапка пред судот против една од 46-те земји потписнички за повреда на нивните човекови права откако ќе ги исцрпи сите домашни правни лекови.
Доколку Европскиот суд утврди дека човековите права на подносителот на барањето се повредени, засегнатата земја мора да обезбеди правда. Земјата може да биде принудена да преземе мерки за да се осигури дека истата ситуација нема да се повтори. Комитетот на министри на Советот на Европа е тој што ги обезбедува мерките усвоени од јавните власти по пресудите на судот.
Во текот на овој процес, правата загарантирани во Европската конвенција се заштитени на различни начини во земјите потписнички. Принципите на Конвенцијата и судската пракса на Европскиот суд се земаат предвид секогаш кога националните судови донесуваат одлуки, парламентите донесуваат закони, а јавните власти преземаат мерки. Затоа, пресудите на Европскиот суд се само еден од неколкуте начини на кои се заштитуваат човековите права во Европа.
За да ја прослави оваа годишнина, судот одржува свечена церемонија, која ќе се емитува во живо на неговиот јутујб-канал. Говори ќе одржат Матијас Гијомар, претседател на судот; Ален Берсе, генерален секретар на Советот на Европа; Миријам Спитери Дебоно, претседателка на Република Малта; и Теодорос Русопулос, претседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа. 

Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција