Парафразирајќи ја убунту-филозофијата, ќе посочам дека, всушност, еден народ е народ преку другите народи. До 2018 година колективниот македонски идентитет беше признаен од повеќе од 130 земји, вклучувајќи ги сите десет најнаселени земји во светот (Кина, Индија, САД, Индонезија, Бразил, Пакистан, Нигерија, Бангладеш, Русија, Мексико). А, денес? Македонскиот просторно-временски јазично-дијалектен континуум, за среќа, сѐ уште е реалност за повеќето – можеби сите, држави, освен за Бугарија. Сепак, ние уште понизно живуркаме воопшто не помислувајќи да го раскинеме Договорот со Бугарија и така, се чини, ги поддржуваме бесмислените уцени на Бугарија
Во писмото од 13 мај 1871 година упатено до неговиот учител Жорж Изамбар (Georges Izambard), Артур Рембо, порачувајќи дека „сака да биде поет и… да се претвори во гледач“, ќе напише: „Погрешно е да се каже: ‘Јас мислам’. Правилно е да се каже: ‘Јас сум мислен’… Јас сум другиот“. Георги Старделов, наместо „јас сум другиот“ го користи изразот „Јасот е Другиот“ потенцирајќи дека „македонската историја е непрекината историја на слободата, воспоставување мост меѓу Јасот и Другиот во нас самите меѓу кои доминира раскол“. Многу пред Рембо, во античка Африка, според убунту-филозофијата, луѓето се раѓаат без „себност“, што, од една страна, укажува дека свеста за себе се стекнува преку интеракции и искуства со другите во подолг временски период и, од друга страна, ја потенцира разликата од поделеноста „себе/друг“ присутна во западната филозофска мисла. Ваквиот пристап најсликовито го сумира, во книгата „Африканските религии и филозофија“ (1975), таткото на модерната африканска теологија Џон Мбити (John Mbiti): „Јас сум затоа што сме, и бидејќи сме, затоа сум“.
Како да се протолкува синтагмата „јас сум другиот“? Потсетувајќи се на толкувањето на Георги Старделов – дека се работи за „македонски меѓусебен раздор и разгром“, тука, ќе понудам друго видување. Постојат два вида идентитети за секоја една единка: колективен и личен, индивидуален; за нив Ефтим Клетников ќе напише: „првиот е колективен, по линија на родот, и вториот е индивидуален, по линија на карактерот, доблестите, маните и господовите дарби на индивидуата со кои е снабдена таа за да се претстави пред другите, но, следствено на тоа, и пред самата себе“. Договорите со Грција и со Бугарија го ништат, поништуваат, разоруваат, искоренуваат колективниот македонски идентитет. Во Македонија сè се релативизира, па така, аргументите на некои професори имаат ваков призвук: „природните права се вродени и непроменливи, па, така, не можат да бидат предмет ниту на закони ниту на договори“, додека, пак, аргументите на некои духовни лица се сведуваат на тоа дека „идентитетот е и реална и ирационална категорија… за идентитетот не може да се преговара или некој да се убедува… идентитетот, и својот и на другиот, може само да се почитува“. Ваквите тврдења се однесуваат само за личниот идентитет, меѓутоа, не и за колективниот идентитет. Дали овие тврдења, што се говорат упорно веќе подолго време – свесно или несвесно, се за да внесат заблуда? Дали тие тврдења имаат лукративна заднина? – се прашања на кои треба да одговорат лицата што го говорат тоа. На сличен начин, внесувањето на македонскиот јазик во ООН (иако во референтниот документ на ООН за главните обележја и податоци за земјите – се користи кратенката UNTERM, од она што можев да го пребарам деновиве, различно од 2022 година, веќе не постои податокот „македонски јазик“), значи, всушност, само признавање на литературниот (државниот) македонски јазик, но не и признавање на македонскиот просторно-временски јазично-дијалектен континуум. Или, што за Македонците треба да имплицира неодамна воведениот термин „идентитетско наддавање“? Веќе пишував за балканските национализми: македонскиот национализам се обидува да ги спаси македонската култура, јазик и историја, додека, пак, национализмите на некои наши соседи, отелотворени во нивната официјална државна политика, ги водат Македонците директно во духовни „гасни“ комори – во нивен идентитетски геноцид.
Оттука, синтагмата „јас сум другиот“, според моето мислење, значи дека колективниот идентитет и македонскиот просторно-временски јазично-дијалектен континуум се резултат на разбирањето, видувањето, толкувањето на другите. Парафразирајќи ја убунту-филозофијата, ќе посочам дека, всушност, еден народ е народ преку другите народи. До 2018 година колективниот македонски идентитет беше признаен од повеќе од 130 земји, вклучувајќи ги сите десет најнаселени земји во светот (Кина, Индија, САД, Индонезија, Бразил, Пакистан, Нигерија, Бангладеш, Русија, Мексико). А, денес? Македонскиот просторно-временски јазично-дијалектен континуум, за среќа, сѐ уште е реалност за повеќето – можеби сите, држави, освен за Бугарија. Сепак, ние уште понизно живуркаме воопшто не помислувајќи да го раскинеме Договорот со Бугарија и така, се чини, ги поддржуваме бесмислените уцени на Бугарија.
Не само Илинден туку и 11 Октомври е „семакедонско ‘Свето тројство’, затоа што поврзува неколку слоја на колективната меморија на Македонците: митскиот, христијанскиот, историскиот, политичкиот и културниот слој“ (Катица Ќулавкова). Мице Козар, Крсте Црвенковски, Благоја Корубин, Коле Чашуле, Душко Наумоски и другите борци на Прилепскиот партизански одред, задоени со слободарски идеи и со љубов за Македонија, започнаа да го реализираат сонот на македонскиот народ за сопствена држава, што доведе, неколку години подоцна, до возобновување на духовните, научните, образовните, политичките, општествените, социјалните и културните институции на Република Македонија. Ако без Мисирков, како што „вели амбасадорот Ростковски, Македонија ќе беше без дефиниција, значи без минато, без сегашност, без иднина“ (Јордан Плевнеш), тогаш договорите со Грција и Бугарија, имплицираат дека Македонија веќе денес е без минато, без сегашност и без иднина.
За жал, денес – осумдесет и три години по нападот извршен на 11 октомври 1941 година во кој учествуваа 16 борци од Прилепскиот партизански одред, македонските институции се целосно разнебитени. За превирањата, предизвиците и заблудите во Македонија и во нејзините институции – причина за нивното разнебитување, во денешниов текст нема да говорам – напротив, тука ќе зборувам за меѓународниот поредок – еден од основните фактори што ги оцрта, постави – врз погрешни основи, меѓите на (не)опстојувањето на Македонија.
Според евроцентризмот, не постои меѓународен поредок (а со тоа и меѓународни односи) пред 17 век – пред Вестфалскиот мир во 1648 година кога Европејците го создадоа регионалниот поредок, а потоа го проширија низ целиот свет. Во последниве години, „Вестфалскиот мит“ беше (и сѐ уште е) под значителна критика, за повеќе информации ги упатувам читателите на книгата „Пред Запад: Подемот и падот на источните светски поредоци“ (анг. „Before the West: the Rise and Fall of Eastern World Orders“ 2022) на професорката Ајше Зеракол (Ayse Zarakol) од Универзитетот во Кембриџ. Според нејзиното мислење, проблемот произлегува од современата терминологија којашто користи карактеристики на светската политика, кои постојат исклучиво во изминатите неколку столетија и ги вградија во карактеристиките што веројатно постојат многу подолго (на пример, суверенитет или механизми за мирно решавање на споровите). Според Зеракол, терминот меѓународен поредок е погрешен бидејќи претпоставува национални држави, кои се релативно доцна карактеристика на човековата политика, оттука таа го предлага терминот светски поредок. Центризмите (евроцентризмот, синоцентризмот или русоцентризмот) не се решение, меѓутоа евроцентизмот беше (и сѐ уште е) погубен за опстојувањето на Македонија и нејзиниот историски и митски наратив.
Тука ќе потсетам, парафразирајќи ја Катица Ќулавкова, дека „нашиот јужен сосед, кога ја формирал својата национална држава, точно пред два века, имал слобода да го избира“ својот колективен идентитет – тие во мај 1827 го одбраа грчкиот колективен, а не македонскиот колективен идентитет како свој. Тоа што денес во Грција неколку милиони нејзини граѓани избираат нивниот личен идентитет да биде македонски, не значи дека нашиот колективен идентитет не може да биде македонски. Напротив! Оттука, потреба од враќањето на името Македонија.
Фразата, што на банту јазикот зулу гласи „umuntu ngumuntu ngabantu“ – „едно лице е личност преку други личности“, може да се восприми и да се спротивстави на индивидуалистичката максима на Декарт „мислам, значи постојам“. Меѓутоа, Мбити предупредува дека таа фраза може да упатува на мешани, валкани, релации меѓу луѓето, наведувајќи дека: „Прво, постои вредност во однос на скршената врска исто толку автентично човечка колку и хармонична врска. Второ, прекината врска може да биде етички пожелна колку и хармонична. На пример, слободата следува од прекинот од угнетувањето. Конечно, хармоничните односи можат да бидат подеднакво угнетувачки и лажни како и нехармоничните“. Тоа уште повеќе се однесува и за синтагмата воведена во денешниов есеј: „еден народ е народ преку другите народи“, оттука, честитајќи им го празникот 11 Октомври на Македонците и на граѓаните на Македонија, уште еднаш ќе подвлечам – за навек, дека остварување на македонското национално единство и враќање на името Македонија се единствениот исправен пат по кој денешнава генерација Македонци и македонски политичари треба да зачекори.