Во очекување на изборите за Европскиот парламент, кандидатите за европратеници Македонци се во исчекување да добијат глас повеќе во своите матични земји како што се Грција и Словенија. Доколку успеат да бидат избрани за членови на Европскиот парламент, тоа би била одлична шанса изворно да се заштитат интересите на македонскиот народ во европските институции. Со досегашниот модел, Македонија се потпираше на неколку европратеници што известуваа за земјава, а кои немаа македонско потекло. Ќе има ли можност Македонија изворно во Европарламентот да ја запознава Европа со искушенијата низ кои минува?
На ЕУ-изборите ќе учествува и партијата на Македонците во Грција, Виножито, како членка на Европската слободна партија. Партијата со седиште во Лерин (Егејска Македонија) го мина филтерот на Врховниот суд на Грција и таа ќе биде една од 40-те партии што ги исполнија условите за европските избори. Во исто време во трка за Европскиот парламент влегува и 42-годишниот Андреј Дочински од Словенечката национална партија (СНС), кој е вториот македонски претставник во трката за европратеник.
Иако Македонците во некои од регионалните парламенти како малцинство активно учествуваат во дел од политиките на нивните матични земји, сепак шансата да добиеме претставник во Европарламентот со македонско потекло е извонредна, коментираат некои од домашните познавачи на состојбите.
Според експертите, иако е минимална шансата Виножито со свој претставник и словенечкиот пратеник со македонско потекло да влезат во ЕП, сепак доколку успеат да бидат избрани за членови на Европскиот парламент тоа би била одлична шанса изворно да се штитат интересите на македонскиот народ во Европа, за разлика од досегашниот систем на кој се потпираше Македонија, а тоа беше преку европратеници што известуваа за земјава, но немаа македонско потекло. Поранешниот амбасадор и познавач на состојбите во ЕУ, Ристо Никовски, коментира дека иако ваквото сценарио е речиси невозможно сепак доколку се случи, гласот на Македонците би се чул во европарламентот погласно.
– Сѐ заедно шансите да имаме европратеник се многу мали меѓутоа тоа не значи дека не треба да се учествува. И да не забораваме, доколку некој успее во тамошниот парламент од над 600 пратеници влијанието ќе биде мало, но сепак гласот би се чул. Македонија може и самата да влијае во Стразбур и во Брисел, но за тоа треба да имаме наша концентрирана и координирана надворешна политика, но сепак, за жал, такво нешто кај нас нема ниту ќе има во блиска иднина – вели Никовски. Од друга страна, професорот по меѓународна политика во пензија Лазар Лазаров објаснува дека може да имаме европратеници во идниот состав на ЕП не само во Грција и во Словенија, туку вакви случаи има и во Хрватска и во Бугарија, иако тие лица не се декларираат јавно како политичари со македонско потекло.
– Ваквиот евентуален развој на претстојните евроизбори би бил многу позитивен за нас како мала земја, која сепак не може да има некое силно влијание во ЕП. Но, според мене, добро е да се почне од некаде. Користа е огромна, а штета ќе немаме ни во еден случај, особено по угледот на Македонија во евроинституциите од тие наши Македонци, кои се претставници во ЕП од властите на други земји во Европа и во регионот – вели Лазаров.
Професорот додава дека Македонците што живеат како малцинства во соседните држави, Грција, Албанија и Бугарија, и натаму не можат да ги остварат своите основни човечки права, но со добивањето датум за преговори со Унијата и подоцна со влез на земјава во ЕУ тие работи ќе се исправат.
– Најголемо малцинство ние имаме во соседна Србија. Според моите процени, таму имаме околу 100.000 Македонци, кои живеат главно во Панчево, Јабука и во предградието на Белград и така натаму. Таму веќе македонскиот јазик е застапен во училиштата, а според моите информации имаме и претставник со македонско потекло во извршната власт. Во исто време случајот со Бугарија е сосема различен. Таму има голем број Македонци, но тие се претставуваат како Бугари, што е недозволиво за една земја-членка на ЕУ да не признава малцинство на друга соседна земја. Слична на Бугарија е и состојбата во Албанија. Иако во оваа западна соседна земја имаме многубројно малцинско население, правата на Македонците се мизерни, но како што напоменав очекувам во наредниот период тие да се подобрат – додава Лазаров.
Професорот истакнува дека македонската влада треба посилно да вика и да ги бара правата на македонското малцинство најпрво во соседството па потоа во Европа.
Во меѓувреме, ретко кој се осмелува да ги истакнува своите славомакедонски корени во соседна Грција, пишува „Дојче веле“ на македонски јазик.
– Не е јасно за колку луѓе станува збор. „Во најдобар случај има 6.000 избирачи на избирачкиот список, но има повеќе луѓе што ја негуваат културата во северна Грција“ – објаснува Евагелија Апсис од партијата Виножито.
Проблемот, вели таа, е што многу луѓе се плашат јавно да зборуваат за своите корени.