Перцепцијата за жената во Македонија во 19 век како затворена, традиционална и неписмена домаќинка на македонското семејство полека исчезнува со откривањето и презентирањето материјали што покажуваат значителни активности на жените на повеќе полиња: образование, револуционерна борба, литература. Во тој контекст, израснувањето на жената како индивидуа во традиционално патријархалната средина било исклучителен подвиг. Токму за овие теми се зборува во книгата „Жени во македонската книжевност од 19 век“ од д-р Славчо Ковилоски, а е во издание на Институтот за македонска литература, која неодамна беше објавена. Книгата, за првпат во македонската книжевна наука, на едно место нуди биографии на досега непознати или малку познати македонски жени со кои започнале развојот на македонското женско творештво (женско писмо) и појавата и развојот на феминистичкото движење и на првите македонски женски револуционерни и просветни друштва. Така, свое место тука ќе најдат повеќе статии, првата полемика водена од македонска жена, првиот расказ, епистоларија, како и првата пиеса и песна пронајдени во ракопис во приватен архив. На таков начин се надминува сликата за немост на македонските жени и ним им се овозможува како авторки да го заземат своето место во македонските книжевни канони. Ќе ги презентираме биографиите и творештвата на повеќе македонски жени од втората половина на 19 век и почетокот на 20 век што активно се вклучиле во јавниот живот, а досега биле малку познати или сосема непознати: Славка Динкова, Митра Миладинова, Јанка Каневчева, Царевна Миладинова-Алексиева, Евтимица Јанчева, Анастасија Милошова, Евгенија Јанчулева, Марија Зрнева, Султана Чикмакова, Олга Маџарова, монахињата Параскева, Параскева Димкова и Дафа Цепенкова, сестра на Марко Цепенков. Авторот д-р Славчо Ковилоски работи како научен истражувач во Институтот за македонска литература, автор е на повеќе монографии за македонската културна историја од 19 век, добитник е на државната награда за наука „Гоце Делчев“ и повеќе од една деценија работи на истражувања поврзани со појавата и развојот на македонското женско прашање
Македонки што пишуваат и се борат за женските права во 19 и 20 век (7)
Во македонската книжевна историја што го проучува 19 век постојат многу женски имиња за кои се знае дека оставиле пишана трага зад себе и кои со својата просветна дејност овозможиле унапредување на женското образование, односно се залагале за унапредување на правата на македонските жени. Славка Динкова е една од најзначајните македонски жени, која со својата книжевно-просветна дејност оставила силен белег во времето во кое живеела и помогнала за надминување на пречките во однос на женското образование. Таа потекнувала од познатото преродбенско семејство Динкови-Држиловци, кое потекнувало од селото Држилово, Негушко, денес во егејскиот дел на Македонија. Од средината на 19 век семејството развило преродбенска дејност, отворајќи книжарница и печатница и отворајќи училиште на народен јазик во Солун. Оваа заслуга, пред сѐ, им припаѓала на браќата Кирјак Држилович (Држиловец) и Константин Држилович (Динката), татко на Георги Динков и Славка Динкова. Мајката Велика, која по потекло била од Охрид, била темпераментна жена со силни патриотски чувства. Братот Георги бил еден од најревносните македонски учители, кои се обидувале да го сузбијат грчкото влијание на македонска територија. Тој бил учител во Прилеп, Битола и во Загоричани, а пишувал многу во тогашните весници.
Славка Динкова (Солун, 1848 – Солун, 1869) била учителка и авторка на повеќе статии што ја афирмирале идејата за образование на жените. Уште на четири години започнала да учи на грчки јазик, на осумгодишна возраст се запишала во главното грчко училиште во Солун, а на дванаесет години го завршила училиштето. Веќе следната година се запишала во француското училиште на милосрдните сестри, кое со успех го завршила по две години. Во тоа време Славка, покрај грчкиот, добро го владеела и францускиот јазик.
Нејзината мајка Велика силно влијаела врз одлуката Славка да отвори женско училиште во Солун. Училиштето најверојатно започнало со работа во 1866 година, во една соба во куќата на татко ѝ Константин. Во однос на бројот на ученичките, првата година била мошне скромна: започнала со една, а завршила со три ученички. Втората година започнала со 13, а завршила со 30 ученички, додека, пак, третата година започнала со 28 ученички. Во училиштето Славка работела бесплатно. Поради таквиот начин на работа на училиштето му биле потребни материјална помош и помош во книги и учебници. Најмногу пари вложиле самото семејство Држилович и солунскиот шивачки еснаф. Одредена сума пари дале и некои граѓани од Велес, Битола и од Прилеп, како и самите ученици. Во дописката од Динкова упатена до весникот „Македонија“, таа му се заблагодарила на „нашиот сотатковник еднородец и наукољубив родољубец г. Д.Х. Узунов, кој кога помина низ градот ни го посети новоотвореното училиште, имал добрината да подари 25 букварчиња од неговите за да се употребуваат од сиромашни ученици“. Анонимниот автор на дописката објавена во весникот „Македонија“ од 28 февруари 1868 година, пак, Динкова ја нарекува „достојна за звањето“ и „родољубива“. Непосредно пред смртта, во октомври 1868 година, Славка се свршила со некое момче од Воден, Ване Г.Х. Мичев, „син единец на татка и од древна и богата фамилија од колено“.
Сметаме дека тука е местото каде што треба да се нагласи дека честопати во македонската наука погрешно се назначуваше 1868 или, пак, 1878 година како време на нејзината смрт.
Во едно писмо на нејзиниот брат Георги Динков упатено до Стефан Верковиќ, тој го информирал дека неговата сестра Славка била „болна при смрт“. Веќе во „Притурката“ на весникот „Македонија“ од 27 мај 1869 година се наоѓа „Некрологот“ на Динкова, во кој ни се потврдуваат зборовите на Георги Динков дека Славка била тешко болна веќе пет месеци. Во некрологот од 27 мај 1869 година пишува дека таа починала, па, во тој контекст, сметаме дека треба да го нагласиме точно утврдениот датум на смртта на Динкова: 19 април 1869 година.
Значи, по повод нејзината смрт, весникот „Македонија“ објавил „Некролог“, во кој дознаваме дека Славка објавувала статии „и други народно полезни пишувања и преводи учебни и романовидни, но тоа останува под одговорноста на нејзиниот брат Георги да ги обнароди“ (Притурка, Македонија, 1869: 104б). На оваа важна информација за дејноста на Динкова досега како да не се обрнувало премногу внимание. Напоменувањето дека Славка имала „преводи учебни и романовидни“ ни укажува дека таа веќе имала преведено учебници и романи (најверојатно од француски јазик), кои во идно време требало да им послужат на учениците и на ученичките во наставата. Понатамошната судбина на нејзините преводи не е позната.
Сите статии и дописки познати досега Славка Динкова ги објавила во весникот „Македонија“ во текот на 1868 година. Динкова испратила две дописки во кои изразувала благодарности до помагачите на учебното дело, го публикувала „Отчетот“ за својата работа во женското училиште, како и статиите: „За моралното воспитување на момите“, „Мненија за женското домаќинско воспитување“ и „Првите воспитувачки основи“. Во една од статиите, Динкова запишала дека, за несреќа, не се школувала на мајчиниот јазик, туку била принудена да учи „инороден“ јазик.
Затоа, продолжува таа, „сега го преведувам на својот, кога можам да пишувам на него, како самоука; затоа ги молам читателите и читателките да не ми сметаат за грев ако почувствуваат оддалеку грцизми или францизми во начинот на пишување; гревот не е мој, но на веков“.
Динкова се противела на ограничените можности за школување на жените. Дозволата да учат само машките деца придонела таа да го крене својот глас за правото на образование на жените. На мажите им било дозволено да учат, а на жените не им било, заклучува таа, „како жените да се еден друг вид“. Оттука, објавените статии и текстовите што ги пишувала имаат афирмативен карактер за женското образование. Таа наведува: „Сакам да верувам дека милите еднородци од обата пола ќе ги примат моите умствени трудови со благонаклоност и ќе ми ги простат недостатоците, неопходни и поради моите сили и поради состојбите во кои се наоѓам и поради недостигот од средства што се потребни за едно писание. Јас не сум правела ништо друго, но само да дадам повод да пишуваат други подобро за полза на моите едноротки“.
Дејноста и творештвото на Славка Динкова оставиле силен впечаток кај нејзините современици. Своевремено таа била единствената македонска учителка, која активно се вклучила во преродбенско-просветителските тенденции на новоформираната македонска интелигенција. Активностите што ги презела Динкова ја направиле една од првите (ако не и прва) македонски преведувачки од француски и од грчки јазик, една од првите македонски учителки, прва жена новинар во Македонија и прва жена борец за еманципација на жените во Македонија.
Славчо Ковилоски
продолжува