Одбележување јубилејни „20 години Солунска агенда“, 20 години сопствен ЕУ-неуспех

Првично исчитаната порака за Украина и Молдавија за нивно приклучување на т.н. Солунска агенда за Западен Балкан е дека веројатно и тие ќе бидат залажувани 20 години со неизвесност за членство во Унијата. Од друга страна, за земјите од Западен Балкан се поставува прашањето дали покрај сите досегашни нестандардни услови, надвор од Копенхашките критериуми за проширување што им ги поставуваше Унијата, се додава и условот – завршување на војната во Украина?

Веројатно барајќи „пригоден повод“ за свечено придружување на Украина и Молдавија во кандидатскиот клуб на трпеливи чекачи на ЕУ-иднина, бриселската бирократија се сети на Солунската агенда од пред 20 години, кога на шест држави, кои ги нарече Западен Балкан, им вети дека набрзо ќе ги прими во членство. Настојувајќи да го направи неважен 20-годишниот период на неисполнети ветувања, бриселски еквилибристики, глумење на поставени цврсти евроинтегративни критериуми од Копенхаген и испорачување нови и нови барања, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис токму чинот на одбележување на јубилејната дваесетгодишнина го наведе како повод за неформалната одбележувачка ЕУ-вечера во Атина, пред некој ден, на која присуствуваа лидерите на Европската Унија и претставниците на земјите од Западен Балкан, плус Украина и Молдавија.

Зар треба да се одбележува дводеценискиот „лет во место“?

На тој неформален состанок/вечера беше заклучено дека „е неопходно да се заокружи визијата на ЕУ збогатена со земјите од Западен Балкан, но сега и плус Украина и Молдавија“.
Во заедничката декларација се наведува дека на неформалниот состанок во Атина била подвлечена потребата од „обновен и рефокусиран процес на проширување, кој е опиплив и веродостоен, без кратенки до воспоставените услови“, се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на грчката влада. Понатаму, во текстот се наведува дека „Украина и Молдавија се посветени на преземање на следните чекори во нивниот пристапен процес по завршувањето на неопходните реформи за геополитичка реалност“.
Но, и во досегашната стара, дваесетгодишна декларација од Атина се потсетува дека (на самитот во Солун пред 20 години) е признаено дека Западен Балкан ѝ припаѓа на Европската Унија.

Декларативно – заедничка иднина во ЕУ, во реалноста – ЕУ се користи како инструмент за исполнување ултиматуми од членките на Унијата спрема земјите-кандидати

На состанокот во Атина присуствуваше и македонскиот премиер Димитар Ковачевски, како гостин на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, заедно со претседателката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, премиерот на Косово, Албин Курти, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, претседателката на Молдавија, Маја Санду, и премиерот на Романија, Јон-Марсел Колаку. Присутни беа и претседателот на Европскиот совет и претседателката на Европската комисија, Шарл Мишел и Урсула фон дер Лејен. Но и во отсуството на списокот на поканети гости на одредени лидери од регионот може илустративно да се препознаат симптомите на непринципиелното функционирање на Европската Унија. Дури и грчките медиуми го забележале отсуството на албанскиот премиер Еди Рама, а причината зошто не бил поканет ја лоцираат во фактот дека во моментов Албанија и Грција жестоко се расправаат за малото грчко малцинство во Албанија. Токму тоа е еден пример што јасно покажува зошто земјите од Западен Балкан сѐ уште не се членки на ЕУ. Европските политички аналитичари самите заклучуваат дека „членките на Унијата од југоисточниот дел на континентот користат билатерални проблеми за да го блокираат процесот на пристапување на земјите-кандидати од Западен Балкан.

Македонија и покрај сѐ уште незаздравените лузни од наводното решавање на тридеценискиот спор со Грција и ветувањата на ЕУ дека штом ќе се реши тоа, „на брза лента ќе преговараме за членство во ЕУ“, се чини дека во 2023 година е исто, а можеби и подалеку од членството во Унијата отколку во 2003 година.
И реномираниот германски медиум „Дојче веле“ во својата анализа констатира дека „Бугарија го доведува во прашање македонскиот јазик и сака да го натера Скопје малото бугарско малцинство номинално да се спомене во Уставот на Македонија. Претходно, по децении блокада, Грција протурка промена на името на Македонија во Северна Македонија, за името на соседната земја да се разликува од грчката провинција Македонија, пишува „Дојче веле“. Во анализата се наведуваат примери и дека членката на ЕУ, Хрватска, се обидува да ги реши своите билатерални проблеми со одредени кандидати за членство, како што се Србија и Црна Гора, или со потенцијалниот кандидат за пристапување Босна и Херцеговина, користејќи го своето членство во ЕУ, на пример, преку закани со вето.

ЕУ поставува два колосека за земјите-кандидати

И покрај дваесетгодишната историја на ЕУ со неснаоѓање или немање интерес и желба соодветно да реагира на предизвиците што нејзините членки им ги создаваат на кандидатите од Западен Балкан, сега се чини дека на тој заглавен балкански колосек додава уште еден паралелен, источноевропски – за Украина и Молдавија. Во ваквиот обид за манифестирање некакво европско „единство од безбедносен аспект“, пред сѐ како израз на поддршка на Украина, сепак познавачите на Унијата не препознаваат некаков визионерски импулс за евроинтеграција на сите тие земји.

Според соговорниците со кои се консултиравме, „првично исчитаната порака за Украина и Молдавија за нивно приклучување на т.н. Солунска агенда за Западен Балкан е дека веројатно и тие ќе бидат залажувани 20 години со неизвесност за членство во Унијата“.(?!)

Од друга страна, за земјите од Западен Балкан се поставува прашањето дали покрај сите досегашни нестандардни услови, надвор од Копенхашките критериуми за проширување што им ги поставуваше Унијата, се додава и условот – завршување на војната во Украина?!

Доволно индикативна за ваквите прашања е програмата на шпанското претседателство со ЕУ, во која нема изразено заинтересираност за проширување со Западен Балкан, како и изјавите на францускиот претседател Макрон дека приоритет за Унијата сега е безбедноста, а не проширувањето!


Ида Мантон, експертка за меѓународни преговори и медијација

Критериумите од Копенхаген се закопани со францускиот предлог за Македонија

Oдржувањето на овој состанок во Атина покажува дека ЕУ нема јасна цел и реагира непромислено. Наместо да го најдат патот назад кон критериумите за членство и да ја зголемат имплементација на заложбите и вредностите на ЕУ од страна на нејзиното членство и аспиранти, тие носат краткорочни одлуки во спротивна насока, кои ја поддржуваат националистичката и анти-ЕУ политика. Критериумите од Копенхаген се закопани со францускиот предлог за Македонија. Овој состанок само потврдува дека наместо принципиелност, проширувањето на ЕУ ќе го водат геополитички интереси.

Состанокот исто така покажува и дека ЕУ не може да се справи со своите демони дома. Без алатки за справување со анти-ЕУ политики во ЕУ, го бараат полесниот пат надвор, а тоа често значи поддржување на анти-ЕУ барања на поединечните земји-членки на Унијата. Причината за оваа средба беше тоа што не можеа да ја игнорираат 20-годишнината од солунските ветувања. Тие го организираа состанокот, одбележувајќи го сопствениот неуспех да испорачаат, но ако не го одбележеа ќе беше уште полошо.

Грција прифаќа да биде домаќин, но ЕУ не ја потсетува Грција дека е непримерно да го исклучи Рама од списокот со покани поради причините што ги наведува Грција. Тој малициозен национализам на ЕУ-членки сè уште е помоќен од празната реторика на Мишел и Фон дер Лејен. Колку ли е непријатно за нив да бидат таму без нивната нова, непроблематична блескава ѕвезда Албанија, која сега е исклучена од националистички причини предизвикани од земја-членка на ЕУ? Ова е само потсетник дека голем дел од непотребното одложување во последните 20 години доаѓа од страната на земјите-членки на ЕУ. Тешко е да се најде верба дека ЕУ ќе може да обезбеди гаранции за Украина и Молдавија ако не успее да ги контролира неевропските практики на земјите-членки. Ние не можеме да почнеме преговори поради соседите што влегоа пред нас, а за Украина и Молдавија и нивните многу посериозни проблеми со соседите, тоа ќе биде уште поневозможно. Лицемерно е да ги викнете Украина и Молдавија на состанок со оние што чекаат на прагот на ЕУ, особено со Македонија – казнетиот одличен ученик што жртвуваше премногу, допрва треба уште да жртвува, а влезот е сѐ подалеку. Оваа надолна спирала го уништува кредибилитетот на ЕУ, дури и меѓу оние што го гледаат патот кон ЕУ како пат без алтернативи. Како ЕУ, која не беше способна да го интегрира Балканот, кој е мал и нема да предизвика речиси никакви структурни промени во Унијата, ќе успее да ја интегрира Украина, чиј влез ќе бара масовна реформа на КАП (CAP – Common agricultural policy)? Проширувањето на ЕУ во 2004 година предизвика сериозни политички шокови во Англија, Франција и во Германија, во времето кога десетте централноевропски земји влегоа во Унијата. Мислам дека сегашната ЕУ нема капацитет за таков шок, но жал ми е што гледам дека нема проблем да продолжи со ширење празни ветувања, а има проблем да си ги искара и дисциплинира членките. Чесно би било да се искрени и да не прават прекомплексни пакети, кои се неостварливи и ја покажуваат нивната немоќ и непринципиелност – вели Ида Мантон, експертка за меѓународни преговори и медијација.