Европската Унија на пат кон внатрешен непомирлив идеолошки судир
- Бранот протести низ Европа, кој потсети на бурните 70-ти години од минатиот век, има една заедничка линија – тие се против неконтролираната имиграција и бараат да си ја земат државата во свои раце. Но, последните неолиберални Мохиканци во Брисел, каде што долетаа и колегите од „преку барата“, не се подготвени да го предадат престолот, со што е доведен под закана големиот проект Пакс Европа, затоа што ЕУ оди кон опасна милитаризација. Во вакво геополитичко цунами би било наивно Македонија заради отворање поглавје со Брисел да ја изгуби главата
- Денес ние сме сведоци на две тотално различни идеологии што се движат кон еден „мост на кој нема разминување“. Дали Европа се движи кон стравотен внатрешен судир? Ова е наметнато како логично прашање, затоа што атмосферата што владее е дали си за или си против. Тоа најдобро го знаат помалите држави, да не ги набројуваме сите, да ја споменеме Македонија, или Србија, Молдавија, Унгарија, Словачка…
Стотици и стотици лица неодамна во центарот на Хаг, административниот капитол на Холандија, одржаа протести против неконтролираната имиграција и притоа се судрија со полицијата. Одамна немало таков истурен гнев по улиците на, инаку, мирниот Хаг. Во тој период се забележани и едни од најголемите протести, исто така, против имиграцијата во Лондон. Некои излегоа со цифра од околу три милиони! Потоа имаше повторно протести, на кои е речено дека биле присутни повеќе од 300.000 лица, кои го кренаа гласот против неконтролираната имиграција. Но, во Велика Британија се истакнуваат и други пароли за што извесни активисти се соочени со казни – рекоа дека се против правата на ЛГБТ-заедницата. Она што е доминантно на овие протести е истакнување на знамето на Велика Британија (јунион флег), а за тоа Британците имаат сериозна причина.
Голем број медиуми известија дека овие протести се организирани од десничари, некои пак користат термин крајни или ултрадесничари. Што ли значи тоа?
ДИКТАТ од Брисел – СЕКОЈ МОРА ДА СЕ ИЗЈАСНИ: ЗА ИЛИ ПРОТИВ
Сликата низ многу европски градови многу потсетуваа на 70-тите години од минатиот век, кога бран социјални, синдикални и ултралевичарски протести ја зафатија Европа. Крајот на Виетнамската војна донесе политички тероризам во Европа, особено во Германија, но и во Италија, кога во атентат беше убиен поранешниот премиер Алдо Моро. За време на Олимписките игри во Минхен во 1972 година палестински терористи од групата „Црн септември“, истурена рака на Фатах, влегоа во Олимпиското село и убија повеќе израелски спортисти. Наместо спортски натпревари, една милијарда гледачи низ светот гледаа директен пренос на антитерористичка операција на Западна Германија. Денес народот е повторно на улиците. Десетина града во Италија се под сериозна закана нештата да излезат од контрола. Таму се веат палестински знамиња. Така е и низ Франција. Претседателот Емануел Макрон објави признавање на држава Палестина и донесе потег без преседан – на државни институции го крена и палестинското знаме. Дали денес ние сме сведоци на две тотално различни идеологии, кои се движат кон еден мост на кој нема разминување. Дали Европа се движи кон внатрешен судир? Ова е наметнато како логично прашање, затоа што атмосферата што владее е дали си за или си против. Тоа најдобро го знаат помалите држави, да не ги набројуваме сите, да ја споменеме Македонија, или Србија, Молдавија, Унгарија, Словачка. Но, и големата Италија е под притисок – дали премиерката Џорџа Мелони ќе ја признае Палестина, а ако не – зошто. Дали Македонија ќе ја признае Палестина, а ако не – зошто? Интересно, никој не крена глас против она што им се прави на Македонците и нивното цивилизациско исчезнување во еден лабораториски смислен геополитички процес, а во тек е и македонски киберцид. Не, денес треба секој да се изјасни дали е за или против Палестина. Зошто?
Дали зад ова притискање стојат неолибералните последни Мохиканци утврдени низ Европа, особено во Брисел? Прашање што бара анализа и одговори. Убиството на Чарли Кирк, иконата на десничарското конзервативно движење во Америка, секако дека ќе има одглас и во Европа, која е под доминација на неолибералите, очигледно собрани од сите страни токму на нашиот континент. Дали токму од Брисел ќе се брани поредокот за кој и самата Европска Унија кажа дека е пропаднат? И зошто би се правело тоа?
Во Лондон најавена искрата на културната револуција
Концептот дека само небото е граница за правата што ги дава Европа е готов, тоа е јасно и за тоа нема одбрана. Пропадна мултикулти затоа што не се потпираше на традиционални вредности и историја, туку на вештачки концепт. Пропаѓа и концептот на виножитото затоа што луѓето природно се враќаат во своите лежишта, таму каде што се најбезбедни, а тоа е домот. Народот по улиците го кажува тоа. Европа се наполни со имигранти, кои сега не само што се товар на буџетите туку се и предизвик за европскиот социјален проект, за образовните, за здравствените системи. Парите ги снемува. Најџел Фараж, лидер на реформистичката партија во Велика Британија, моментално е најпопуларен политичар. Анкетите покажаа дека ако денес има избори, тој ќе стане премиер и ќе го земе клучот од вратата на која пишува „Даунинг стрит 10“. Тој вели дека ова лудило треба да запре затоа што британскиот систем е под опасност и изнесува податок дека за година-две во Британија 3,8 милиони имигранти ќе добијат зелено светло за постојан престој. Фараж предлага на тие лице да им се даде билет во еден правец затоа што богата Англија ќе банкротира!
Што е уште поинтересно – Британците масовно ги истакнуваат државните знамиња како одговор на сѐ поочигледното игнорирање на нивното знаме, заменувајќи го со палестинското. Цели дебати се посветени на оваа тема. Дали во Британија е формирана критична маса за да се веат палестинските знамиња со барање за признавање или во заднина стои некоја идеологија?
Во Холандија протестите, на кои се вееја холандски знамиња, почнале со повик на социјалните мрежи и организаторите не очекувале дека тие ќе станат насилни. Притоа се оштетени јавен имот и канцеларијата на една левичарска партија од центарот. Ете како може многу брзо да дојде и до идеолошки судир. Холандија е во очекување парламентарни избори откако десничарот Геерт Вилдерс реши да излезе од владата. Атмосферата е зовриена.
Така е и во Лондон. Демонстрантите вееле британски, американски и израелски знамиња и извикувале „испратете ги дома“. Јасно е за кого се наменети тие повици. Се вели дека организатор бил извесниот новинар што се претставува како Томи Робинсон, очигледно влијателна фигура. На протестите се носеле МАГА-капите на Доналд Трамп, појасно здравје. „Тивкото мнозинство нема повеќе да молчи. Денес се појави искрата на културната револуција“, повика до масите Робинсон. Тие му оддадоа почит и на убиениот Чарли Кирк, а имал видеообраќање Илон Маск. Некој ќе забележи дека суверенистите се зближуваат, се вмрежуваат. Дали е тоа најава на новото трансатлантско партнерство? Работите одат неминовно и брзо во таа насока. Еве ја пораката на Маск: „Левицата е партија на убивањето и тие го слават убивањето“.
Дека е во залет процесот на вмрежување на суверенистите покажува и тоа што на лондонските протести биле францускиот десничар Ерик Земур и Петр Бистрон од Алтернатива за Германија. АфД во моментов има поголема поддршка од ЦДУ – 27 проценти наспроти 26.
Ако се бара една обединувачка линија од овие протести, тогаш таа е секако содржана во повикот „да си ја вратиме државата“. Ова не е само почеток на таа културна револуција туку и повик за будење, а каде ќе оди тоа е сосема неизвесно. Самиот Илон Маск им порача дека ако не кренат раце во одбрана, ќе бидат елиминирани. Буквално.
Не треба да се заборави дека и покрај тоа што Европа е мировен проект, таа веќе е далеку од таа оска на поврзаност и оди во насока на милитаризам. Ова е опасно одење по жица затоа што голем дел членки на ЕУ до не толку одамна беа воени диктатури. Нашиот најблизок сосед Грција е една од тие земји, така што да се зборува за некаков историски демократски капацитет е, во најмала рака, ризично.
Од друга страна, со влечењето потези за признавање на Палестина пред сѐ од Франција и Велика Британија покажува дека тамошните политичари зависат од гласовите на муслиманското население, кое може да ги реши изборите. Шеријатското право е влезено и во судовите и тоа кажува за драматичните општествени промени во повеќе ЕУ-членки.
Иако никој жив на нашата планета не знае од каде до каде се протега или ќе се протега палестинската држава, денес под сериозен притисок е италијанската премиерка Мелони. Низ десетина големи града неодамна се одржаа протести на кои се вееја палестински знамиња, но, за среќа, ситуацијата се држеше под контрола. Притисокот е голем, а Мелони веќе се изјасни!
Отворањето поглавја за Македонија не смее да биде губење на главата
Либералниот политички естаблишмент во Европа секако дека ќе сака да ги држи конците во свои раце и тоа ќе значи дека суверенистите ќе бидат постојано бомбардирани со закани. Тоа ја очекува и Македонија на патот кон отворање на поглавјата по цена да ја изгуби главата. Ќе се бара натамошно плаќање скапа цена. Молдавија е во тој лонец и таму се забранети политички партии само и само да победат тие што се поддржани од Брисел. Дури се верува дека постои план за надворешна интервенција доколку во Молдавија победат проруски партии. Во тој лонец е и Унгарија, иако таа е внатрешен играч. Прашањето, а тоа е особено важно за Македонија, која сака да се види во ЕУ, е дали либералите го бранат проектот Пакс Европа или се бранат себе и, својот наполеонизам, својот стремеж и страст да се биде власт, да се има моќта.
Европа е зовриен котел. Има сериозни назнаки дека огнот што гори под тој котел е потпален во Америка и дека рецептот според кој се вари чорбата е да се зготви новото трансатлантско партнерство под водството на суверенистите, под знамето на христијанските вредности. Европа без Америка е слаба, но и Америка без Европа не е суперсила. За Македонија е извонредна можност да го преживее овој преоден период во геополитичкиот ултиматум „за“ или „против“ и да игра цврсто на картата на тој нов трансатлантски мост што се гради.