Украина се обидува да ја компензира загубата на нуклеарната централа „Запорожје“ со купување два нуклеарни реактора од Бугарија, од бугарската нуклеарка „Белене“. Украинската нуклеарна централа „Запорожје“ сега е под руска контрола. Таа има шест реактори и се смета за најголема нуклеарна централа во Европа. Бугарија, пак, пред повеќе од десет години за својата нуклеарна централа „Белене“ ги купи реакторите, но тој проект не проработе. Украинските власти соопштија дека Бугарија претходно ја одредила цената на двата реактора на 600 милиони долари. Се очекува сумата да биде намирена од западни фондови
Бугарија ѝ ги продава на Украина реакторите од нуклеарката „Белене“
Бугарија ќе ѝ продаде два нуклеарни реактора од руско производство на Украина, потврди Бојко Борисов, лидерот на ГЕРБ, најголемата партија во бугарската владејачка коалиција. Украинскиот парламент во вторникот усвои закон со кој му дозволува на државниот нуклеарен оператор во земјата да ги купи двата нуклеарни реактора ВВЕР-1000, дизајнирани од Советскиот Сојуз од Бугарија за украинската централа „Хмелницки“.
Украина се обидува да ја компензира загубата на нуклеарната централа „Запорожје“, која е под руска контрола, а која има шест реактори и се смета за најголема нуклеарна централа во Европа. Бугарија ги купи реакторите пред повеќе од десет години за својата нуклеарна централа „Белене“, проект што оттогаш го напушти.
Украинскиот закон не ја одредува висината на договорот. Украинските власти соопштија дека Бугарија претходно ја одредила цената на двата реактора на 600 милиони долари. Се очекува сумата да биде намирена од западни фондови.
Проруската Бугарска социјалистичка партија, сега коалициски партнер на ГЕРБ на Борисов, претходно цврсто се спротивстави на продажбата на реакторите, бидејќи ги потхранува надежите за заживување на проектот „Белене“. Но Борисов рече дека не очекува БСП да создаде пречки за продажбата на реакторите.
Аналитичарите исто така сметаат дека продажбата на реакторите е завршена работа.
– На прв поглед нема никакви пречки за продажба на двата руски реактора што Бугарија требаше да ги користи за централата „Белене“ – изјави за „Еурактив“ Калојан Стајков, претседател на Управниот одбор на Институтот за управување со енергијата.
Тој потсети дека бугарскиот парламент веќе донел одлука за продажба на реакторите на Украина, иако БСП, во тоа време во опозиција, гласаше против.
– Ако БСП се спротивстави на договорот, коалицијата може да се распадне – вели Стајков, иако таквиот исход е малку веројатен, според познавачите на политичката состојба во Бугарија. Р.С.