Фото: Маја Јаневска-Илиева

Повод: Објавата на ДУИ за формирање СПАК – партиска структура за борба против корупцијата, инспирирана од моделот во Република Албанија

 

  • Во врска со СПАК, исклучително интересно размислување добивме од нашите соговорници, кои ваквиот потег го лоцираат во контекст на „востановената партиска пракса, од своето трансформирање од паравоена структура до политичка партија, да практикуваат специфични подземни дезавуирачки партиски политики што се директно насочени кон создавање паралелни институции и непризнавање на легалните и легитимни македонски надлежни тела и органи“, а тоа се потврдува и со овој нивен последен потег. Според соговорниците, партијата ДУИ со тоа си држи „континуитет во продолжување на активностите за разбивање на унитарноста на државата“
  • Наместо да ги почитува легалните институции на државата, ДУИ создава сопствени структури со амбиција да ги заменат државните, продолжувајќи ја илузијата дека Македонија е бинационална федерација под нивна контрола. Демократскиот надзор и борбата против корупцијата не може да се реализираат преку партиски спектакли. СПАК, како што е најавен, е само уште една потврда дека ДУИ ја гледа државата како етноцентрична играрија, а не како правна и унитарна институција, тврдат соговорници што имаат подолга меморија и знаење од оваа област

ДУИ во Чаир неодамна го најави формирањето на својот СПАК – партиска структура за борба против корупцијата, инспирирана од моделот во Р Албанија (SPAK-Struktura e Posaçme Kundër Korrupsionit dhe Krimit të Organizuar, која е специјализирана државна структура во Албанија основана во 2016 година како дел од реформата на правосудството за борба против корупцијата и организираниот криминал на високо ниво).
Во врска со иницијативата за формирање ваква слична, но партиска структура во ДУИ, според наши политички аналитичари и соговорници, „на хартија, тоа звучи како чекор кон транспарентност, но во реалноста, овој СПАК е повеќе спектакл отколку институционална алатка“. И од коалицијата Вреди со иронија го поздравуваат потегот, но истакнуваат дека ако ДУИ навистина сака акција, треба прво да ги истражи своите „недопирливи“.
– ДУИ навистина има кого да истражи: Артан Груби, симбол на ароганција и злоупотреба на моќ; Фатон Ахмети, со сомнежи за злоупотреба на средства во ФЗО; Арбер Адеми, со отворени случаи од Министерството за образование; Бујар Османи, поврзан со скандалот „Пациент“ – сите лица што денес седат во раководството на ДУИ како недопирливи. Ова е партија што најавува антикорупциска структура, додека истите лица што ја дефинираат корупцијата се имуни на каква било контрола – истакнуваат нашите соговорници.
Но она што е уште поинтересно, соговорниците го лоцираат во специфичните подземни дезавуирачки партиски политики на ДУИ, кои се директно насочени и со овој потег кон создавање паралелни институции и непризнавање на легалните и легитимни македонски надлежни тела и органи и, според соговорниците, партијата со тоа има континуитет во продолжување на активностите за разбивање на унитарноста на државата.

Формирањето паралелни институции, историја на игнорирање на државата

Неодминлив е впечатокот дека ДУИ одамна практикува т.н. параинституционалност. Од конфликтот во 2001 година, преку трансформацијата на ОНА во политичка партија, ДУИ константно инсистира на паралелни албански етнички структури и процедури, додека го минимизира постојниот уставен и законски установен предвиден редослед на дејства со содржина и форма, со што го загрозува од етноцентрични позиции, унитарниот карактер на државата.
Претставници на партијата во билатерални разговори со Тирана или на ниво на ЕУ честопати се однесуваа како функционери на Албанија, а не како носители на јавни функции на Република Македонија, игнорирајќи ги легалните македонски институции. Етикетирањето на државните органи како „само македонски“ е дел од стратегијата за создавање паралелен систем на власт и контрола. Во таков контекст и континуитет, создавањето на СПАК покажува дека ДУИ продолжува со стратегијата на паралелизам.
– Зошто партијата да формира свој антикорупциски орган кога постојат Државната комисија за спречување корупција и Јавното обвинителство? Одговорот е едноставен: за да се контролира истрагата и да се заштитат „недопирливите“ од сопствените редови. Ако ДУИ навистина сакаше да се бори против корупцијата, и без СПАК ќе почнеше со расчистување во сопственото раководство, со имињата што веќе се предмет на истраги и меѓународни потерници. Но создавањето партиска институција под маска на реформа открива дека вистинскиот мотив е спектакл, политичка заштита и во заднината на сето тоа е непризнавање и непочитување на институциите на Р. Македонија и создавање паралелни институции што како модел е познат од поодамна во Македонија, по осамостојувањето.

Параинституционалноста како политичка стратегија на ДУИ

Таканаречениот СПАК ја потврдува долгогодишната тенденција на ДУИ: користење параинституции за сегрегација и создавање свои институционални ентитети што ќе функционираат автономно или целосно одделно од системот. Таква стратегија промовираа и додека беа во коалицијата на власт, поточно со два владини дури физички одделни ентитети на „етнички министри“, кои си решаваа проблеми сами во својот дел по поделени надлежности и делокруг, форматирајќи де факто федерација наместо од Владата да генерираат процеси на една функционална унитарна држава, велат соговорниците.
– Наместо да ги почитува легалните институции на државата, ДУИ создава сопствени структури со амбиција да ги заменат државните, продолжувајќи ја илузијата дека Македонија е бинационална федерација под нивна контрола. Демократскиот надзор и борбата против корупцијата не може да се реализираат преку партиски спектакли. СПАК, како што е најавен, е само уште една потврда дека ДУИ ја гледа државата како етноцентрична играрија, а не како правна и унитарна институција – тврдат соговорници што имаат подолга меморија и знаење по оваа основа. П.Р.