– Ќе дебатираме за интерпелацијата и ќе ги кажеме сите недоследности и забелешки за работењето на Гаши како претседател на Собранието, но од принципиелни причини нема да гласаме за негово разрешување – изјави Блерим Беџети од ДУИ пред почетокот на денешната собраниска седница.
Според Беџети, Гаши треба да им се извини на Албанците без разлика на нивната политичка провиниенција и да се повлече не само од претседател на Собранието, туку и од политичката сцена.
-По вчерашното интервју што кратко успеав да го следам, тој мислам дека треба да им се извини на Албанците без разлика на политичката провиниенција и не само од претседател на Собранието, туку треба да се повлече и од политичката сцена зашто такви гафови не се прават случајно. Изгледа вазалството оди до крајности и не сметаме дека е потребно веќе да дебатираме на таа тема – нагласи Беџети.
Фатмир Битиќи кусо кажа дека има спротивен став од СДСМ, а Венко Филипче, по ваквата изјава на Битиќи, прашан дали ќе гласа против интерпелацијата на Гаши, одговори дека партијата вчера го кажала ставот.
Според Илире Даути, Европскиот фронт нема намера да биде дел од сценаријата на ВМРО- ДПМНЕ и Левица и нема да гласа за интерпелацијата на Гаши.
-Ние немаме намера да бидеме дел од ваквите сценарија кои се подготвени од ВМРО-ДПМНЕ и неговите соработници. Овој пат изгледа тоа со Левица го прави. Ова не е првпат тие вака да играат. Затоа и велам дека се подготвени сценарија. Преку Левица често ги водат политиките кои ги користат за нивна употреба. Ние сигурно нема да гласаме за оваа интерпелација и ова е единственото нешто што можеме да му помогнеме на Гаши и на Вреди иако тие сами одлучија да ја играат улогата што им ја даде Мицкоски по последните парламентарни избори – рече Даути.
На денешната собраниска седница прва точка на дневен ред треба да биде интерпелацијата на Гаши што ја поднесоа пратениците на Левица.