Фото: „Нова Македонија“

Пренесувањето на славата од колено на колено укажува на грижата за зачувување на традиционалните вредности и сеќавање на потеклото, што е основа на идентитетот на секое семејство и заедница, вели проф. д-р Виктор Недески, продекан на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ при УКИМ Скопје, кој, помеѓу другите предмети, предава и Агиологија со хеортологија, во кој се застапени и истражувањата на христијанските празници

Почна периодот на семејните домашни слави

Славите во македонската култура се многу значајни и имаат длабоки корени во традицијата и обичаите на народот. Славењето на славите не само што е начин за оддавање почит на православните светители туку е и повод за собирање на семејството, пријателите и соседите, што дополнително ја зајакнува врската меѓу луѓето и создава чувство на заедништво.
Во Македонија славите се прославуваат во чест на различни светители, а секој од нив носи свои специфични обичаи и традиции. Обично се прославуваат во зимскиот период и започнуваат кон крајот на октомври, а завршуваат со почетокот на пролетта. Најпознати слави кај нас се Покров на Богородица (14.10) Света Петка (27.10), Свети Димитриј (8.11), Свети Архангел Михаил (21.11), Свети Георгиј (9.12), Свети Никола (19.12), Свети Атанасиј (31.1) и други. На пример, Свети Никола, кој се слави на 19 декември, е еден од најпознатите светители во македонскиот календар. На овој празник, кој е посветен на заштитникот на морепловците и трговците, традиционално се приготвуваат риба и различни посни јадења. На овој ден семејствата се собираат, се вршат молитви и се делат оброци, а во многу семејства Свети Никола се смета за семеен патрон.
Како што објаснува проф. д-р Виктор Недески, продекан на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ при УКИМ Скопје, кој, помеѓу другите, го предава и предметот Агиологија со хеортологија, во кој се застапени и истражувањата на христијанските празници, домашната или куќната слава претставува одбележување одреден светител или празничен ден од православниот христијански календар, кој семејството го смета за свој заштитник и покровител.
– Овој обичај е распространет не само во Македонија туку и во Србија, Црна Гора, Република Српска, делови од Бугарија, како и кај католички семејства во Бока Которска, Конавли, јужна Херцеговина и Далмација, па дури и во северна Албанија, а исто така е присутен и кај некои муслимански семејства во Босна и Херцеговина и во Санџак, Србија, кај Горанците и Јањевците – појаснува професорот Недески во разговор за „Нова Македонија“.

Во историјата на славите, првите податоци за овој обичај датираат уште од 11 век, и тоа од околината на Охрид. Професорот Недески нагласува дека во согласност со најстариот запис во кој се спомнува прославувањето на домашната слава, војводата Ивец во градот Девол, јужно од Охридско Eзеро, го одбележувал домашниот празник Успение на Пресвета Богородица. Византискиот војвода Евстатиј му дошол на празникот и откако од домаќинот бил гостопримливо примен, тој се нагостил и на заминување лукаво го повикал домаќинот, насамо на разговор, при што го ослепел.
– Постојат повеќе истражувачи што славата ја поврзуваат со времето кога јужнословенските народи го прифаќале христијанството, некаде кон крајот на деветтиот век. Некои веруваат дека самиот ден на масовното крштевање се сметал за ден на светецот заштитник, додека други тврдат дека секое племе усвоило свој заеднички заштитник. Трети, пак, тврдат дека славата само ја заменува претходниот пагански бог заштитник. Понекогаш се случува нова слава да се усвои кога семејството смета дека одреден светител во одредена пригода особено се застапил за тоа семејство – вели професорот за настанувањето на овој обичај.
Тој укажува дека давањето нов христијански контекст на овој стар словенски обичај резултирало со создавање уникатен обичај, кој не само што ги чува семејните вредности туку и потсетува на врската со предците и семејниот континуитет.
– Обичајот на прославување на домашната слава каков што го имаме денес покажува дека со христијанизацијата на Словените, но и на сите други народи, Црквата немала за цел да ги уништи културата и обичаите на тој народ. Таа само ги преобразила во светлината на Христовата вистина, слично како што ги преобразила целокупниот живот и светоглед на новопокрстените народи – нагласува проф. Недески.
Тој дополнува дека славата е само еден од многуте примери за ваквиот пристап на Црквата во минатото и потсетува дека и денес не треба да се напушта овој пристап. Одбележувањето на славата на населението, или селото, или градот, обично се врши околу црквата, или на места што се сметаат за свети и често биле обележувани со крст. Овие практики создаваат контекст во кој славата добива не само лична туку и општествена димензија, што дополнително ја зајакнува важноста на славите во животот на македонскиот народ. Така, славите не само што претставуваат верски обред туку и културен и социјален феномен, кој продолжува да ги поврзува луѓето и да ги поттикнува на почитување на своите корени и традиции. Професорот Недески во оваа анализа за „Нова Македонија“ заклучува дека „пренесувањето на славата од колено на колено укажува на грижата за зачувување на традиционалните вредности и сеќавање на потеклото“, што е основа на идентитетот на секое семејство и заедница.
Славите не само што ги обединуваат семејствата туку и носат со себе елементи на културна идентификација и традиција. Тие се време на размислување, почитување на предците и одбележување важни моменти во животот.

Многу семејства го задржуваат обичајот да се покануваат роднини и пријатели, што создава топла и пријатна атмосфера. Во последно време славата и традициите добиваат нови форми, особено помеѓу младите генерации. Се забележува зголемен интерес за обичаите, што се рефлектира во обновените обреди, организирани на современ начин. Младите луѓе се стремат да ги задржат традициите, но и да внесат нови елементи, како што се музика, игри и кулинарски специјалитети од различни региони. Традицијата на славите е и дел од општествениот живот. Многу луѓе ја користат оваа пригода за повторно воспоставување контакт со семејството и пријателите, што создава простор за размислување за значењето на семејството, пријателството и социјалната поврзаност. Славите нудат можност за прослава, но и за поддршка и солидарност во заедницата.
На крајот, славите се не само верски или семејни обичаи туку и важен дел од идентитетот на македонскиот народ. Тие не само што ги пренесуваат историјата и традицијата туку и ја одразуваат важноста на заедништвото и културното наследство. Славењето на славите е начин за одржување на поврзаноста со минатото и за создавање нови спомени, кои ќе се пренесат на идните генерации.


проф. д-р Виктор Недески

При славите во посни денови да се принесе посна трпеза

Славите во Македонија се исто така поврзани со разни обичаи и ритуали, кои може да се разликуваат од регион до регион. Овие варијации ги прават славите уникатни и разнолики и секој крај има свои посебни карактеристики. Местата каде што се слави, обредите и храната се одраз на културната и историската заднина на одредената област. Во таа насока проф. Недески нагласува дека сите обреди што не се спротивни на основните постулати на православната вера претставуваат убав украс и дополнување на празничната атмосфера. Што се однесува до храната, тој забележува дека на славите што ќе се паднат во посни денови треба да се принесе посна трпеза.
– Вистинското почитување на одреден православен светител претставува подражавање и на неговиот светоглед, а не само собирање во негово име. Иронично е светители што целиот живот го поминале во пост и подвиг да бидат прославувани на начин што не е во согласност со духот на православната традиција. Тоа не значи дека молитвеното прославување не треба да се заокружи со пригодна трпеза. Собирањето околу трпезата е важен елемент од културата и традицијата на македонскиот народ. Меѓутоа, кога тоа се прави во посни денови, односно кога се слави слава во ден во кој Црквата пропишала пост, тоа треба да се почитува и исполнува – објаснува Недески.

Живко Здравкоски