Инаугуриран папата Лав XIV во Ватикан, присуствуваа претставници на држави од 150 земји
Папата Лав XIV во својот говор на инаугуративната миса на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан вети дека ќе работи на единството, за Римокатоличката црква да стане симбол на мирот во светот.
– Браќа и сестри, би сакал нашата прва голема желба да бидеме обединета црква, знак на единство и заедништво, што станува квасец за помирен свет – рече тој на италијански јазик.
Литургиската служба се одржа пред базиликата „Свети Петар“ во Ватикан, а на неа присуствуваа делегати од 150 земји и околу 150.000 верници, како што беше официјално соопштено.
Во својот говор, новиот папа рече дека „службата на Петар“ – ученикот на Исус на чиј гроб, како што се вели, бил изграден Ватикан – се „карактеризирала“ со „саможртвувачка љубов“.
– Бидејќи Римската црква претседава со љубов, а нејзиниот вистински авторитет е љубовта Христова, никогаш не станува збор за ограбување на другите со сила, религиозна пропаганда или преку моќ. Наместо тоа, секогаш е само прашање на љубов, како што правел Исус – додаде тој.
Повторувајќи ги приоритетите на својот претходник Франциск, Лав го критикуваше глобалниот економски систем за кој рече дека „ги експлоатира ресурсите на Земјата и ги маргинализира најсиромашните“. Тој, исто така, предупреди против централизацијата на моќта во рамките на папството, додавајќи дека ќе се стреми да владее „без никогаш да се предаде на искушението да биде автократ“.
Папата заврши со повик до верниците да останат „заедно како еден народ“ и да „одат кон Бога и да се сакаат едни со други“.
Повикот на папата за единство е значаен со оглед на поларизацијата во Римокатоличката црква во САД и пошироко, наведуваат американските медиуми.
За време на молитвата „Небесна кралица“, папата исто така рече дека го чувствува „силното духовно присуство на папата Франциск, кој нè придружува од небото“.
Претходно, на папата му беа врачени официјалните симболи на неговата папска функција: палиумот, литургиската облека, и папскиот рибарски прстен.
Литургиската облека е изработена од јагнешка волна, што ја симболизира улогата на папата како пастир на верниците. Палиумот се носи преку рамо и се прицврстува со три иглички што личат на шајките на Христовиот крст.
Папскиот прстен го симболизира односот на папата со Свети Петар, кој бил рибар. Прстенот се уништува или се крши по смртта на папата.
Папата пред мисата првпат се провози со папамобилот низ плоштадот „Свети Петар“, кога ги поздрави верниците. Камбаните на базиликата биеја додека папамобилот полека минуваше низ плоштадот. Верниците вееја перуански, американски, ватикански знамиња, како и знамиња на други држави.
Кои државници од светот беа пред базиликата
„Свети Петар“ во Ватикан, на инаугурацијата на папата
Меѓу официјалните лица што присуствуваа на мисата беа американскиот потпретседател Џеј Ди Венс со неговата сопруга и американскиот државен секретар Марко Рубио, австрискиот канцелар Кристијан Штокер, канадскиот премиер Марк Карни, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, францускиот премиер Франсоа Бајру, германскиот канцелар Фридрих Мерц. На мисата присуствуваа и италијанскиот претседател Серџо Матарела и премиерката Џорџа Мелони, израелскиот претседател Исак Херцог, украинскиот претседател Володимир Зеленски, руската министерка за култура Олга Љубинова. Р.С.
Македонија не го искористи максимумот од посетата на папата Франциск, а сега се отвораат нови можности
Отворањето квалитетен дипломатски канал со Лав XIV отвора нови шанси за Македонија
Несомнено верската дипломатија јасно потврдува дека има и други начини преку кои може да се дојде до посакуваната цел, а Македонија во минатото имаше такви искуства, кога благодарение токму на таа дипломатија инспирирана од религиски врски овозможи остварување на македонско-американски контакти на највисоко ниво во моменти кога тоа беше од исклучителна важност за земјава.
Посетата на сега покојниот папа Франциск на земјава исто беше резултат на активностите, меѓу другото, и на таа верска дипломатија, а пораките што тој ги упати за Македонија и македонскиот народ беа јасна потврда за засебниот македонски идентитет токму во време кога се засилија идентитетските атаки од околните земји.
– Ватикан располага со мека моќ, што значи моќ на убедување, моќ на преговарање, моќ на влијание, впрочем обновата на односите меѓу САД и Куба во 2015 година ја покажа моќта на Ватикан во поглед на онаа тајна дипломатија што ја водеше. Во Венецуела понудија своја помош, присутни се во светските организации како непостојана членка каде што имаат големо влијание во конципирањето, односно насочувањето на светската политика, така што се работи за исклучителен светски играч кој е многу моќен – вели Звонимир Јанкуловски, професор и поранешен македонски амбасадор во Светиот Престол.
Според него, посетата на папата не беше сфатена како што требаше да се сфати, ниту, пак, пораката што папата ја испрати од Македонија.
– Не можете да ја исклучите религијата од надворешната политика бидејќи религијата е поврзана и со човековите права, поврзана е со многу работи што во основа ги детерминираат меѓународните односи во последниве децении, вклучувајќи ги и војните на Блискиот Исток, кои повеќе наликуваат на религиски. Едноставно не го можете тоа, иако дипломатски најлесно е тоа да го игнорирате како што го прави тоа класичната дипломатија. Размислувањата за Ватикан се дека се работи за црковна организација, папата се доживува како поглавар на Римокатоличката црква, притоа се заборава на неговата улога во светската политика и она што тој може е она што вие сакате преку Ватикан да го остварите затоа што моќта на Ватикан е голема. Можеби нема да биде видлива во јавниот простор на она дипломатско дејствување, но надвор од јавниот простор влијанието е исклучително големо, па дури и во европските интегративни процеси, кои се исклучително важни во Македонија, убаво е да имате држава на ваша страна, која ве поддржува. Мислам дека не го искористивме максимумот од таа посета на папата, кој го кажа истиот наратив што ние го носиме во светот, што нашата класична дипломатија треба да го дисеменира во светски рамки, тоа е наративот што успеавме да го наметнеме во Ватикан – нагласува Јанкуловски. С.Т.
Сѐ повеќе земји го препознаваат потенцијалот на верската дипломатија
Во време на постојани немири, војни, пораст на екстремизмот и појава на агресивен секуларизам, религијата често е цел на напади. Религијата, доколку се практикува доследно, може да биде важен мост за дијалог и помирување меѓу различните групи.
– Верската дипломатија е пристап кон меѓународните односи што ги користи религиозните вредности и институции за промовирање на дијалог, мир и решавање на конфликти. Се заснова на принципи како што се простување, заштита на верската слобода и промоција на улогата на религиите во јавниот живот. Овој вид дипломатија често вклучува меѓурелигиски дијалог и соработка меѓу различни религиозни заедници за да се постигне мир и стабилност во областите каде што традиционалните дипломатски методи не успеале.
Во минатото, религиозните институции како што е Светиот Престол беа активни во дипломатските активности, но нивната улога не беше секогаш сфатена како дел од модерната верска дипломатија. Сепак, во последно време, сè поголем број земји и организации го препознаваат потенцијалот на религијата како алатка за постигнување мир и стабилност во светот. Првите сериозни чекори кон модерната верска дипломатија можат да се проследат во контекст на глобализацијата и зголеменото признавање на улогата на религиите во меѓународните односи, што е особено видливо во работата на организации како што е Светиот Престол и во развојот на меѓурелигискиот дијалог – вели д-р Ведран Обуќина, претседател на Центарот за меѓурелигиски дијалог.
Според него, иако секуларизмот е сè позастапен во светските општества, верската дипломатија добива на значење како средство за промовирање на мирот, дијалогот и решавањето на конфликтите. С.Т.
Верската дипломатија да ја промовира Декларацијата против насилен екстремизам на светско ниво
Несомнено со неодамнешното потпишувањето на Декларацијата против насилен екстремизам сите верски лидери во земјава со личен пример покажаа како преку верата се гради кохезија во македонското општество, откако политиката не успеа во доволна мера да ги сплоти граѓаните.
Содржината на оваа декларација не смее никако да остане врамена само во македонски рамки, туку преку верската дипломатија нејзината порака треба да се испрати до сите големи верски центри во светот, почнувајќи од Рим, Ерусалим, Истанбул, Москва, со цел Македонија да се прикаже како држава каде што верскиот соживот е вековна традиција, во која битисува нација што е духовно синхронизирана со универзалните и човечки вредности, кои подразбираат чесност, меѓусебно почитување, помагање, мир, соживот, просперитет и сите оние основни вредности кои што денеска сѐ помалку го има во светот.
Поентата што македонската верска дипломатија треба да ја постигне е да покаже дека ако Македонија како мала држава успева на мал простор да хармонизира толку многу различности, тогаш заслужува да не биде предмет на постојани уцени, ултиматуми и напади врз идентитетот на македонскиот народ, на името на државата, на црквата, па дури и да се соочува со територијални претензии. С.Т.