ИНТЕРПЕЛАЦИЈАТА ЗА ЈАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ ЉУПЧО КОЦЕВСКИ КАКО ПОВОД
ОСВРТ НА НЕКОЛКУ НОВИ МОМЕНТИ ПО СЕРИЈАЛОТ ВО „НОВА МАКЕДОНИЈА“: „ЛУЃЕТО ОД ЗАТВОРЕНИОТ ОБВИНИТЕЛСКИ КРУГ“
- Можеби и по интерпелацијата ќе останат повеќе прашања од одговори, сепак јавноста треба да знае што се случува во тој „бастион“ на нефункционалноста што ја прави и самата држава таква. И до кога токму таму ќе се случуваат работи каде што има партиско влијание, наместени случаи, влијанија, поткупи, уцени? Тоа најодговорно го тврдат и го елаборираат професионалци од судско-обвинителската фела, кои секојдневно ја работат таа работа како обвинители, судии, адвокати…
- Затоа ќе биде многу важно токму преку случајот „Коцевски“ да видиме дали уставните начела ќе добијат потврда и валоризација. Да се потсетиме што значеше одлуката на Уставниот суд за балансерот и како една негова одлука ја врати довербата во судството, а не остави простор партиските кујни и улицата да ја дефинираат законската рамка
За денес е закажана собраниска седница на која како прва точка на дневен ред е интерпелацијата за јавниот обвинител Љупчо Коцевски поднесена од група пратеници од Левица. Можеби на прв поглед „станува збор за преседан, ако се земе предвид дека обвинителството работи самостојно“, но секогаш е потребна дебата.
Но пред да навлеземе подлабоко во моменталната состојба со случувањата во Обвинителството, ќе потсетиме на една одлука на Уставниот суд што се смета за темелна и таа е маркерот кон кој не само што треба туку и мора да се движи државата. Во однос на таа одлука нема дилеми, нема компромиси, туку таа, метафорички искажано, е „нештото што ја обележува аеродромска писта на која слетува авионот и, ако не го следи тој маркер, излетува од пистата“…
Станува збор за решение донесено на 17 април 2024 година кога претседателка на Уставниот суд е Добрила Кацарска, кога судот решава да не поведе постапка за оценување на уставноста на членот 76 став 1 точка 7 во делот „различното толкување на правото и фактите не може да претставува основ за утврдување на одговорност на судијата“. Во образложението уставните судии истакнуваат неколку важни поенти, кои би требало да испливаат на површина кога ќе се дискутира за интерпелацијата. Дали пратениците ќе останат само на видливиот дел од сантата мраз на која пливаат долгогодишните проблеми во Обвинителството или ќе отидат подлабоко, останува да видиме. Точката е многу важна и не би смеела да се сведе на собирање поени за локалните избори. Собирањето ситни трошки да им го оставиме на пилињата во кокошарникот, а Собранието е храм на демократијата.
Напомена што треба да се има предвид за да се дојде до главната тематска
поента: ТРЕТАТА ВЛАСТ Е САМОСТОЈНА И НЕЗАВИСНА
Еве што рекоа уставните судии: „Согласно со Амандманот XXV, со кој е заменет член 98 од Уставот, судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Според точка 1 на Амандманот XXVII на Уставот, судија не може да биде повикан на кривична одговорност за искажано мислење и одлучување при донесувањето на судските одлуки. Но, последново апсолутно го апсолвира претходно кажаното (чл.98 ст. 2 од Уставот) – а приори антиципирајќи го фактот дека судиите само и само судат ’врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот‘, и НЕ го злоупотребуваат амандманот 27 за нивна ’неказнивост за искажано мислење и одлучување‘“!
Слично е и за Јавното обвинителство: „Согласно со член 7 ставови 1 и 3 од Законот за јавното обвинителство, јавниот обвинител функцијата ја врши законито, непристрасно и објективно, ги почитува и заштитува слободите и правата на човекот и граѓанинот и правата на другите правни субјекти и во рамките на своите надлежности, се грижи за ефикасноста на кривичното гонење. Никој не може да влијае врз законитото, непристрасното и објективното вршење на функцијата на Јавното обвинителство. Член 70 став 1 од истиот закон пропишува дека јавен обвинител не може да биде притворен ниту повикан на одговорност за преземено дејствие, искажано мислење и донесување на одлука, освен ако во вршењето на функцијата јавен обвинител стори кривично дело“.
Уставниот принцип за независност и самостојност на судиите и обвинителите е јасен и тоа не смее да се игнорира! (иако за волја на вистината има примери на тешки преседани, па и злоупотреба на поединци – судии и обвинители, кои заради одредени лукративни цели или, пак, партиски директиви донесуваат пресуди и обвиненија (или ставаат предмети ад акта), спротивно на Уставот и законите). Но поради уставното начело за неповикување на одговорност, поради таквите поведенија и преседани, тие судии и обвинители се изземени од каква било одговорност. Но тоа е тема за друго новинарско истражување и опсервација. Овој пат, во текстот што следува, нема да пишуваме за тие преседани и злоупотреби во судско-обвинителската фела, туку, како што вели нашиот наслов, ќе елаборираме зошто „Држава се гради на закони и принципи (а не на преседани)“!
Во еден таков напред елабориран контекст, јасен е уставниот принцип и тој не смее да се заборава – судиите и обвинителите се независни и самостојни!
Е сега преоѓаме на нашиот новинарски предизвик за дебата и анализа, односно овој пат тоа е прашањето: Дали интерпелацијата е политички притисок врз обвинителите?
Не мора да значи, затоа што се предлага да се дебатира и анализира за актуелните состојби, конкретно што се случува во ЈО под раководство на Љупчо Коцевски. Особено што токму сега тој ја води истрагата за еден од најтешките случаи во македонската судска пракса – случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Еве, нема да ги анализираме и „Хашките случаи“ затоа што тие не видоа судска завршница, но беа крупен залак за судскиот систем.
ЧЕТИРИТЕ ГРЕВА НА КОЦЕВСКИ, СПОРЕД ЛЕВИЦА
Што бара Левица, зошто интерпелација? Според пратениците од таа партија, републичкиот јавен обвинител Коцевски, како „шеф“ на врвот во хиерархиската поставеност на институцијата, иако должен да обезбеди непристрасност, стручност, навременост во постапувањето и изолираност од политички влијанија на Јавното обвинителство, со својата работа од неговото назначување до денес, со низата скандали што го следеа ЈОРСМ во неговиот период, не покажа интегритет достоен за вршење на една од најважните функции во државата и е персонално одговорен за хаотичната состојба во начинот на функционирање на Обвинителството, што дополнително придонесе за продлабочена недоверба на граѓаните во правосудниот систем, со што се ставаат во прашање неговата професионалност и стручност за раководење со толку важна институција, која треба да биде гарант за заштита на јавниот интерес.

Левица му става четири грева на душа на Коцевски:
– Селективни кривични истраги за трагедијата во Кочани;
– Политички влијанија врз работата на Јавното обвинителство;
– Функционален хаос во Вишото јавно обвинителство – Скопјe (случаите со Хајрулахи и Цветановски);
– Непостапување по службена должност за дивоградбите на урбаната мафија во Скопје, нов случај обелоденет од градоначалничката на Скопје.
Дел од овие гревови имаат постар датум, односно се од времето кога на власт беше СДСМ/ДУИ. Како ќе изреагира сега власта, која тогаш постави легитимно и многу сериозно прашање со фамозните бонуси во СЈО (под раководство на Катица Јанева), случај што Коцевски го закопа во архивските визби и уште не излегол на видело? Случај за кој во меѓународните организации е кренато црвено знаменце и се алармира на висока корупција. Притоа, треба да имаме на ум дека за јавноста не се важни имињата кој е на која функција, туку важни се функциите и така треба да гледаме на овие случаи. Токму преку нив се гледа дали и како функционира системот и каде е тој евентуално корумпиран.
СВИЛЕН ГАЈТАН ЗА РЕПУБЛИЧКИОТ ОБВИНИТЕЛ?
Коцевски, иако има делумен законски и уставен имунитет, не остана нем на неговата собраниска прозивка, која може да заврши и со негов „свилен гајтан“. Ако партиските групи се најдат на слични позиции, што е многу извесно, во тој случај неговиот мандат ќе стои на стаклени нозе. Дали е можно тоа, кога токму тој го фати најжешкиот костен со катастрофата што однесе повеќе од 60 животи? Секако, да. Но да се потсетиме дека тоа се случи кога беше актуелно прашањето за негово разрешување.
Коцевски истакнува дека „постапката за одговорност на јавниот обвинител на Р.С. Македонија е уредена co lex specialis, односно со Законот за јавното обвинителство и не предвидува можност за политичка одговорност каква што е интерпелацијата. Тоа е така за да се гарантира функцијата на јавниот обвинител, кој раководи со единствен и самостоен орган, независен во постапувањето и одлучувањето. И покрај тоа, на оваа интерпелација ѝ се дава третман како и на секоја друга ваква постапка за одговорност на политички функционер, што во основа покажува недоволно разбирање на подносителите за самостојноста на третата власт“.
Рековме уште на почеток дека оваа интерпелација е сериозен предизвик и Македонија треба успешно да го исплива овој Рубикон. Една реченица може да ја дефинира македонската приказна – кога Коцевски подвлекува дека судиите и обвинителите се независни тоа се однесува на сите. Дали можеме да најдеме двојни стандарди кај државниот јавен обвинител? Еве можност да се открие тоа во расправата и евентуално да се демаскира. Дали тој го почитувал овој врвен принцип кога се во прашање неговите колеги, обвинителите Јован Цветановски и Мустафа Хајрулахи, против кои поведе дисциплинска постапка, а сега се под суспензија. Со месеци, без да се дојде до разврска и до решение. Зошто? Со што двајцата толку тешко го повредиле Законот за јавното обвинителство? (Во врска со одговорот на ова прашање, не сакајќи да го оптоваруваме главниот текст, ви ги донесуваме најклучните поенти поврзани за „кривичната пријава против Љупчо Коцевски, Лиле Стефанова (јавна обвинителка) и Елвин Вели (јавен обвинител), во која подносителите образложуваат дека се постапувало спротивно на членот 3 од Законот на ЈО, па и Законот за спречување корупција“, кои следуваат по овој текст, во рамка со наднаслов „Индиции за сериозни преседани во работењето на Јавното обвинителство сторени од страна на етаблирани јавни обвинители“).
Ќе дознае ли јавноста што се случува во „обвинителскиот бастион“?
Можеби и по гореспоменатата интерпелација ќе останат повеќе прашања од одговори, сепак јавноста треба да знае што се случува во тој „бастион“. И до кога ќе се случуваат такви работи каде што има партиско влијание, наместени случаи, влијанија, поткупи, уцени?
Тоа не се наши оцени, туку тоа го кажуваат лица од фелата, професионалци што секојдневно ја работат таа работа како обвинители, судии, адвокати.
Затоа ќе биде многу важно да видиме дали уставните начела ќе добијат потврда. Да се потсетиме што значеше одлуката на Уставниот суд за балансерот и како една негова одлука ја врати довербата во судството, а не остави простор партиските кујни и улицата да ја дефинираат законската рамка.
Затоа и ќе повториме – држава се гради со закони и со принципи, а не со преседани!
Индиции за сериозни преседани во работењето на Јавното обвинителство сторени од страна на етаблирани јавни обвинители
Кривична пријава во ЈО чека „во низок старт“?
Двајцата обвинители на 28 јануари 2025 година поднесуваат кривична пријава против Љупчо Коцевски, Лиле Стефанова, јавна обвинителка, и Елвин Вели, јавен обвинител. Во пријавата се образложува за еден навистина жежок случај, за кој подносителите велат дека се постапувало спротивно на членот 3 од Законот на ЈО, па и Законот за спречување корупција. Притоа на двајцата обвинители им се прекршени правата, но тоа не е утврдено во постапка, затоа што многу нешта се одвивале зад кулиси, нетранспарентно.
Но главниот случај навистина е пресудната точка – во кривичната пријава се тврди дека „потешко се повредени правата на оштетените како јавни обвинители во ВЈО-Скопје, Јован Цветановски и Мустафа Хајрулахи, на начин што на 19.09.2024 година, во својот кабинет, пријавениот Љупчо Коцевски како службено лице ЈО на ЈОРСМ, директно над вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство – Скопје, Мустафа Хајрулахи, извршил влијание преку притисок и закана за носење конкретна одлука по конкретен предмет, заведен во ВЈО-Скопје по повод жалба на политичката партија-ВМРО-ДПМНЕ, изјавена на решение донесено од ОЈО за ГООК со кое е отфрлена кривичната пријава поднесена од нивна страна против јавните обвинители од СЈО, за кривично дело се гони по службена должност, а во врска со незаконито поделени дополнителни бонуси“. По предметот, во втор степен по повод жалба постапувал ЈО во ВЈО Јован Цветановски, а во моментот не била донесена јавно обвинителска одлука, додека барањето било да се потврди решението на ОЈО за ГОКК за отфрлање на пријавата, со што постапил спротивно на членот 3 од Законот за ЈО „и не почитувајќи ги принципите на хиерархија и субординација, ја загрозил самостојноста и одговорноста на јавен обвинител во вршењето на функцијата на јавен обвинител…“.
Накусо – двајцата обвинители биле спречени да го завршат случајот со бонусите и тоа бил нивен грев. Која била улогата на Коцевски и зошто постапил така како што постапил, дали бил под нечие влијание? За јавноста е важно да се знае дека, според обвинителот Цветановски, а зад неговата одлука застанал и Хајрулахи, во расформираното специјално јавно обвинителство под раководство на осудената Катица Јанева незаконски биле доделени над четири милиони евра како дополнителни бонуси. Четири милиони евра наши пари!
Незаконските бонуси, значи парите, се едната клучна точка во овој случај, а втората е зошто досега не се реагирало на кривичната пријава на двајцата обвинители, а изминале речиси осум месеци? Кој го спречува тоа и зошто? Х.И.