Методија Андонов-Ченто го актуализирал прашањето за обединување на Македонија и на македонскиот народ како главна задача и крајна цел што требало да се остварат на првото заседание на Македонското народно собрание. Тој исто така нагласил дека единствено Македонското народно собрание, избрано по демократски пат, непосредно од народните маси, ќе може легитимно да го претставува македонскиот народ и како единствен претставник на народниот суверенитет треба да прокламира ослободување на Македонија и создавање македонска национална држава!

Потсетување на историските стремежи и чекори на апостолите на македонската државотворност, во контекст на иницијативите за уставни промени

Македонското националноослободително движење својата кулминација ја доживува во текот на Втората светска војна, односно преку народноослободителна борба во периодот 1941-1944 година. Во овој период македонскиот народ преку својата НОБ стана составен дел од антифашистичката коалиција насочена против нацистичка Германија и нејзините сојузници, како што била Царска Бугарија на Балканскиот Полуостров. Со тоа се создале меѓународни услови за создавање македонска држава, како и национално ослободување на Македонците. Истовремено, водачите на македонското национално движење се залагале за ревизија на Букурешкиот договор од 1913 година и Версајскиот договор од 1919 година, со кои беше санкционирана политичката поделба на Македонија. Со други зборови, македонските национални дејци се залагале за промена на државните граници на Балканскиот Полуостров за обединување на Македонија и македонскиот народ во една држава. Тоа е особено очигледно од неколку акти што произлегле во текот на НОБ, како и од средбата на македонската делегација, во состав Методија Андонов-Ченто, Емануел Чучков и Кирил Петрушев, која на островот Вис се сретнала со Народниот комитет за ослободување на Југославија, на чело со Јосип Броз-Тито, кога било поставено и разгледувано прашањето за обединување на Македонија по ослободувањето од окупацијата.

Ревизија на Букурешкиот договор и Версајскиот договор

Народноослободителното движење од Втората светска војна по својата суштина е движење за национално ослободување на македонскиот народ и создавање македонска држава. Не случајно движењето било продолжувач на илинденската традиција, а многумина млади македонски дејци се пројавиле како продолжувачи на илинденските традиции, а меѓу нив бил и Кузман Јосифовски-Питу, кој укажувал дека Македонците мора сами да си ја извојуваат слободата, со сопствени сили и без помош. Илинденската традиција е очигледна и од активностите на централниот Акционен народноослободителен комитет (АНОК), особено забележливо во прогласот од септември 1943 година. Во него, АНОК го повикуваше македонскиот народ на самостојна масовна, сенародна, оружена борба за национално ослободување. Во прогласот cе потенцираше континуитетот на македонското националноослободително движење на македонскиот народ за слобода, обединување и самостојна македонска национална држава врз идеалот на Илинден, како и дека ослободувањето на македонскиот народ зависи од него и треба самиот „да ja доведе борбата до победоносен крај“.
Истовремено НОБ како продолжувач на илинденската традиција, а претставено од АНОК, не ги признавало Букурешкиот и Версајски договор со кои била поделена Македонија помеѓу Бугарија, Србија, Грција и Албанија. Ова е забележливо во приговор на АНОК кон Манифестот на Главниот штаб подготвен од Киро Глигоров и Благој Хаџипанзов. Во приговорот меѓу другото се наведува дека „слобода и рамноправност на една третина од Македонија“, онаа што беше во границите на бивша Југославија, не се доволни, затоа што „делумно ослободен народ не е слободен народ“. Затоа тие принципи не можеа да се прифатат како применливи на македонската реалност, односно во „тесните рамки на Југославија“ не можеше да се реши македонското национално прашање.
Во споменатиот приговор исто така било нагласено дека македонското прашање битно ce разликува од националните прашања на другите поробени народи во Кралството Југославија и проблемот на Македонија и неговото решение ги надминува рамките на Кралството Југославија. Потоа се наведува дека југословенското раководство не е доволно информирано за македонското национално прашање, дека за македонскиот народ Југославија симболизира „најцрно ропство“ и таа претставува „вештачка комбинација“. Со приговорот кон манифестот се повикува Главниот штаб да се откаже од него, нагласувајќи дека македонскиот народ мора самостојно да cе избори за обединување на Македонија и треба да се направи друга автономна национална програма врз основа на историските национални стремежи.
Националните стремежи биле претставени и од страна на Методија Андонов-Ченто, кој своите заложби ги објавил во весникот „Илинденски пат“. Ченто го актуализирал прашањето за обединување на Македонија и на македонскиот народ како главна задача и крајна цел што требало да се остварат на првото заседание на Македонското народно собрание. Тој исто така нагласил дека единствено Македонското народно собрание, избрано по демократски пат, непосредно од народните маси, ќе може легитимно да го претставува македонскиот народ и како единствен претставник на народниот суверенитет треба да прокламира ослободување на Македонија и создавање македонска национална држава.

Средбата со Тито на островот Вис

На 6 мај 1944 година се одржала заедничка седница на ИО за свикување на АСНОМ и Главниот штаб под претседателство на Методија Андонов-Ченто, на која била избрана тричлена македонска делегација за посета на југословенското раководство, во состав: Методија Андонов-Ченто, Емануел Чучков и Кирил Петрушев, а нешто подоцна било договорено кон делегацијата да се приклучи и Светозар Вукмановиќ-Темпо. Непосредно пред доаѓањето на македонската делегација на Вис, југословенското раководство имало средба со делегација од КПГ. Делегацијата на КПГ на разговорите со Тито го обвинува македонското политичко и воено раководство за загрозување на линијата на КПГ. Притоа, извесно е дека југословенското раководство прифатило продлабочување на соработката меѓу двете партии и задржување на версајските граници, но наедно добиле впечаток за погрешниот став на КПГ кон Македонците во Грција.
Во јуни 1944 година македонската делегација оди на островот Вис, тогашното седиште на НКОЈ, Врховниот штаб на НОВЈ и Президиумот на АВНОЈ. На споменатата седницата од 6 мај 1944 година, покрај изборот на македонската делегација, таа била ополномоштена за следниве барања до југословенското раководство: да се продолжи борбата за целосно обединување на Македонија, ако тоа го допушта меѓународната состојба; да се побара од Советскиот Сојуз да испрати своја мисија во Главниот штаб на HOB и ПОМ, да се засили пропагандата на македонски јазик и да му се даде ист третман со другите југословенски јазици во емисиите „Слободна Југославија“, на радио Лондон и радио Њујорк.
Состанокот со Јосип Броз-Тито и со високи претставници на НКОЈ и Президиумот на АВНОЈ и македонската делегација се одржал на 24 јуни 1944 година. Членот на македонската делегација Емануел Чучков на состанокот поднел реферат во кој го потенцира очекувањето на македонскиот народ дека до крајот на војната ќе ги оствари своите национални права. Методија Андонов-Ченто и Кирил Петрушев го дополниле изнесеното во рефератот. Методија Андонов-Ченто ги презентирал заклучоците и инструкциите што македонската делегација ги добила од Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ
Ставот на НКОЈ на македонските претставници категорично им го соопштил Јосип Броз-Тито. Поставување на целосното решавање на македонското прашање ги загрозувало меѓународните позиции и виталните интереси на Југославија. Но, бидејќи се разговарало со македонската делегација, југословенското раководство на состанокот декларативно го поддржало барањето на македонскиот народ и националното право на обединување. Но исто така тоа право може да cе оствари единствено по пат на самоопределување на деловите на македонскиот народ, откако секој од нив самостојно ќе се избори за тоа свое право во заедничка антифашистичка борба со народите во државите под чијашто власт се наоѓа. Прашањето на правото на самоопределување требало да се решава со раководствата на комунистички партии во тие држави. Д.Ст.


Ченто – првиот претседател на Македонија

Методија Андонов-Ченто е истакнат македонски национален борец, деец и политичар и прв претседател на Президиумот на АСНОМ. Често поради неговата функција претседател на Президиумот на АСНОМ се именува и како прв претседател на Македонија. Ченто ја прифатил и ја бранел македонската национална кауза уште од раната младост. На слободната територија во Дебрца, Охридско, Ченто преминува во октомври 1943 година. Именуван е за член на Главниот штаб, а по основањето на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ станува негов претседател. По враќањето на делегацијата од Вис, се привршуваат подготовките околу АСНОМ и на 2 август се одржува Првото заседание. На него Ченто е избран за претседател на Президиумот на АСНОМ на ова највисоко државно тело на Демократска Федерална Македонија (подоцна НР Македонија). Сака да се повлече од политиката и намира да живее во Прилеп, но на 14 јули е уапсен од полицијата пред својата куќа во Прилеп, а на 31 јули Министерството за внатрешни работи објавува дека Ченто бил уапсен поради обид за бегство во Грција. На 8 август против него е поднесен обвинителен акт, а на 19 ноември е изведен пред суд. Осамен и во тешки болки и маки, Ченто на 24 јули 1957 умира од рак на желудникот, во својот дом во Прилеп.