Низ цела Македонија секојдневно се одржуваат собири за простување од жртвите, но и за силна поддршка на семејствата на настраданите и желби за закрепнување на повредените. Истовремено, општините започнаа со активирање на системот за солидарност, па одвојуваат финансиски средства за помош на настраданите

СТУДЕНТИТЕ ВО СКОПЈЕ НА ПЛАТОТО ПРЕД ТЕХНИЧКИТЕ ФАКУЛТЕТИ

Седумминутен молк за простување од загинатите

Студентите на техничките факултети во Скопје вчера одржаа собир со кој има оддадоа почит на настраданите во пожарот во Кочани. Студентите, заедно со своите професори од ФИНКИ, Електротехничкиот, Машинскиот, Технолошко-металуршкиот и други факултети, на мирниот собир организираа седумминутен молк, по што положија цвеќе на платото на техничките факултети во Скопје.
На собирот, како што беше претходно најавено, немаше говор. Присутните во долги колони чекаа да го остават цвеќето и да запалат свеќи.


Куманово

Советот на Општината одлучи да одвои два милиона денари за настраданите во Кочани

Советот на Општина Куманово одржа вонредна седница и одлучи да одвои вкупно два милиона денари (околу 32.000 евра), по еден за семејствата на загинатите и за повредените во пожарот со 59 жртви во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Во меѓувреме, граѓаните на Куманово, претежно млади луѓе и ученици, на градскиот плоштад со палење свеќи, со цвеќе и со транспаренти се простуваат од 59-те загинати во пожарот во Кочани. Тишината на моменти го нарушуваше звукот на дождот, а на лицата на граѓаните се гледаше неизмерна тага, но и солзи во очите.
На плоштадот имаше свеќи, а беше поставена и фотографија од Филип Стевановски, музичарот на групата ДНК, кој по потекло е од Куманово, а чиј живот згасна во пожарот. Стевановски, кој постојано беше дел од културниот и музичкиот живот во градот, беше продуцент, пијанист, тромбонист и композитор, магистер по џез-науки, а пред неколку години од Куманово се пресели во Штип и од јануари стана директор на центарот за култура „Ацо Шопов“. Тој беше и уметнички директор на Џез-фестивалот во Куманово.
На собирот на градскиот плоштад со кој им се оддаде почит на загинатите присуствуваа главно средношколци и професори, а им се придружија и голем број граѓани. Собирот беше организиран преку социјалните мрежи.


Општина Аеродром ќе донесе одлука за финансиска помош за настраданите во Кочани

Општина Аеродром ќе додели 1.000.000 денари финансиска помош за настраданите во Кочани. Во координација со советниците, в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, поднесе барање за одржување вонредна седница на Советот на Општина Аеродром, на која ќе има само една точка за доделување 1.000.000 денари финансиска помош на семејствата на настраданите во стравичната несреќа во Кочани.
– Силниот оган ја зави Македонија во црно и секој од нас чувствува длабока тага и болка за трагично згаснатите 59 млади животи. Сите се молиме за семејствата на починатите, а во срцата носиме верба и надеж дека повредените херојски ќе се изборат и ќе заздрават што е можно побрзо. Не постојат зборови со кои може да се даде утеха, но преку солидарност и хуманост можеме да им подадеме рака на оние на кои најмногу им треба помош. Општина Аеродром паричните средства ќе ги уплати во Фондот на солидарноста на Црвениот крст на Република Македонија.
Никогаш и никаде да не се повтори – велат од Општината.


Охридските средношколци со молчење им оддадоа почит на настраданите во Кочани

Ученици од четирите охридски средношколски центри, заедно со нивните професори, се собраа на марш и собир на кој им оддадоа почит на загинатите во големата несреќа од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Како што и беше најавено, тие се собраа во дворовите на училиштата, од каде што се упатија кон градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“, каде што палеа свеќи, положуваа цвеќе пред параклисот и со молчење изразија сочувство до семејствата на настраданите во кочанската трагедија.
Самиот марш и собир се иницијатива на Сојузот на средношколци, која беше прифатена од сите средношколски установи од Охрид и помина според најавеното, без какви било пораки и официјални изјави.
Инаку, младите од Охрид пред новинарите што го следеа настанот говореа дека по несреќата во дискотеката во Кочани поинаку гледаат на потенцијалните опасности при такви помасовни собири, како што се забавите во преполните дискотеки и ноќни клубови. Според она што го рекоа, не се убедени дека ноќните клубови, дискотеките и угостителски локали што работаат до рано наутро ги исполнуваат стандардите за безбедност, дека честопати се пуштаат повеќе гости од она што го дозволува капацитетот на самите објекти.


Кичево жали за настраданите

Кичево жали за настраданите во пожарот во Кочани. Голем број ученици се собраа пред училиштата и се упатија во центарот на градот, каде што во гробна тишина запалија свеќи и положија свежо цвеќе. Пред зградата на музејот учениците ги истакнаа своите пароли со сочувство, но и поддршка за брзо закрепнување на повредените.


Во центарот на Дебар му се оддаде почит на Андреј ДНК

Во центарот на Дебар, на плоштадот „Скендербег“, членови и приврзаници на коалицијата Влен му оддадоа почит на Андреј ДНК, кој загина во пожарот во Кочани.
– Со длабока болка ја примивме веста за трагичната загуба на нашиот дебарски син Андреј Ѓорѓиевски, живот неправедно згаснат во трагедијата во Кочани. Заедно, со болка и почит ќе се сеќаваме на нашиот син, нашиот голем човек и уметник, кој повеќе не е меѓу нас – рекоа од коалицијата.
Околу поставената фотографија на Андреј тие положија црвени рози и напишаа „Дебар тагува за својот голем човек, уметник, хуманитарец“.
– Изразуваме искрено и длабоко сочувство до неговото семејство и до семејствата на сите жртви од трагедијата во Кочани, до пријателите, цел Дебар и цела Македонија. Со мислите сме со сите нив и се молиме ваква трагедија да не се повтори никогаш и никаде – рекоа од Влен.
Андреј Ѓорѓиевски беше роден во 1982 година во Скопје, но родителите живееја во Дебар, каде што тој го мина своето детство.


Во центарот на Гостивар цвеќе и едноминутно молчење за жртвите од пожарот во Кочани

Гостиварци ги споделија тагата и болката што цела Македонија и регионот ги чувствуваат за загубените млади човечки животи во пожарот што се случи во дискотеката во Кочани.
Собирот што се одржа на градскиот плоштад го организираше Општина Гостивар, а присуствуваа градоначалникот Ваљбон Лимани, општинската администрација, советниците, професори и ученици од гостиварските училишта и други граѓани.
– Се собравме заедно сите гостиварци, јас со советниците и сите други граѓани да оддадеме пред сѐ почит, но во исто време да се солидаризираме со семејствата што ги изгубија своите најблиски во овој трагичен настан. Во исто време да испратиме пораки до сите што беа засегнати и се моментално на лекување во болниците што побрзо да закрепнат и да се надеваме дека нема да има други жртви од овој немил настан. Во иднина да се собираме сите вака заедно сплотени само за убави пригоди – изјави Лимани.
Присутните положија цвеќиња и со едноминутно молчење оддадоа почит кон жртвите.
На градскиот плоштад во Гостивар собир се одржа и околу пладне, а го организираа млади преку социјалните мрежи.


Средношколците од Тетово испратија моќна порака

Говориме различен јазик, но плачеме исто!

Она што најмалку можеме да направиме во овие моменти е да искажеме сочувство. Токму тоа на уникатен начин го направија средношколците од средното општинско медицинско училиште „Никола Штејн“ од Тетово, кои преку видео порачаа дека тагата не познава етнички, верски или јазични разлики, бидејќи во болка и тага сите сме исти.
„Средношколците од Тетово со моќна порака: Говориме различен јазик, но плачеме исто!“, се наведува во описот на видеото.