Илустрација: „Нова Македонија“

Останува отворено прашањето дали и барањето за уставните измени е обичен блеф што води кон една поширока палета на нови условувања и уцени, кои ќе бидат испорачувани во текот на преговарачкиот процес на земјава со ЕУ, за кои навистина треба да се биде „и слеп и глув“ за да не се забележи дека се има амбиција од Софија за целосно идентитетско обезличување на македонскиот народ

Бугарската влада се повлече од железничкото поврзување со Македонија

Предупредувањата од македонска страна упатени до европските челници дека дури и да се направат уставните измени тоа нема да ја премисли Бугарија и натаму во текот на преговарачкиот процес да поставува нови услови, уште еднаш се покажуваат како целосно оправдани и легитимни.
Имено, и покрај тоа што во 2017 година Македонија и Бугарија потпишаа меморандум за разбирање со кој беше преземена обврска железничката линија меѓу Софија и Скопје да биде готова во 2027 година, бугарската страна сега се повлече од договореното и го напушти проектот за железничко поврзување.
Дилемата што сега логично се наметнува во македонската јавност е колку може да ѝ се верува на Бугарија дека ќе остане само на барањето за уставни измени или, пак, ќе продолжи со условувањата додека не бидат задоволени сите нејзини барања содржани во декларацијата усвоена од бугарското Народно собрание.
Премиерот Христијан Мицкоски, во завчерашното гостување на „Само интервју“ на Канал 5 телевизија, изрази скепса дека Бугарија ќе си достои на дадениот збор, а тоа го потврдила со повлекувањето од договореното за меѓусебно железничко поврзување.
– Вистината е дека немаме ние проблем со ништо, ниту со Бугари во устав, ниту со ништо друго, проблем имаме што нѐ лажат и што распродадовме сѐ што можеме да распродадеме, а не добивме ништо. Ако тие за коридорот 8, кој требаше да биде формалност, за кој нас нѐ обвинуваа, денеска носат одлука да ја прекинат модернизацијата, па замислете што сѐ нас нѐ чека понатаму. Бугарскиот министер за надворешни работи му кажа на нашиот министер дека уставните измени се само за да ги почнеме преговорите, за после ќе видиме. Бугарски европратеник во едно свое интервју истото тоа го повтори. Тоа е стратегија. Ако некој се лаже и вели ајде Бугарите да ги ставиме во Уставот и тоа е завршена работа, тоа е малодушност. Утре ќе го отвориме Уставот и ќе ги внесеме и Хрватите и Словенците и Црногорците, немаме никаков проблем со тоа. Проблемот е што тоа е само почеток. Суштината е сосема поинаква. Како исчезнаа стотици илјади Македонци меѓу двата пописа во Бугарија 1956 и 1965 година од близу 200 илјади на речиси 10 илјади? Изумреа? Тоа е стратегија – вели Мицкоски.
Ако сега Бугарија се повлекува од нешто за што ставила параф и се обврзала да го спроведе, тогаш какво ќе биде нејзиното однесување за работи за кои нема ставено потпис, туку сѐ е оставено под директен нејзин мониторинг, а под патронат на Европската Унија. Тука можеби и треба да се бараат причините зошто никој во рамките на Унијата не сака да даде какви било гаранции дека уставните измени се последниот бугарски услов, свесни дека и самите биле изневерени токму од Бугарија.
Впрочем, слично однесување Бугарија демонстрирала и низ историјата кога еднострано и без никакво образложение се повлекувала од веќе потпишаните договори.
Имено, во 1947 година тогашната Народна Република Бугарија потпиша повеќе билатерални договори со поранешна ФНР Југославија на Блед, сите инкорпорирани во таканаречениот Бледски договор со кој требаше да се развијат нови блиски меѓусебни односи, а за возврат Југославија да ѝ ги прости воените репарации наметнати на Бугарија поради окупацијата на Македонија.
Сепак, без оглед на потпишаното, Бугарија во 1948 година еднострано се повлече од овој договор, единствено не се повлече од договорот да не ги плаќа воените репарации.
Имајќи ги предвид ваквите искуства, останува отворено прашањето дали и барањето за уставните измени е обичен блеф што води кон една поширока палета на нови условувања и уцени, кои ќе бидат испорачувани во текот на преговарачкиот процес на земјава со ЕУ и кои на крајот би резултирале со целосно идентитетско обезличување на македонскиот народ.

Неочекувана одлука на новата бугарска влада околу модернизацијата на коридорот 8

Бугарија ја спушти рампата со Македонија

Не толку одамна Бугарија од петни жили вршеше притисок врз македонската страна да ја продолжи изградбата на железничката пруга по должината на коридорот 8 како важна сообраќајна конекција за НАТО, но од друга страна, самата не правеше ништо да ги заврши потребните градежни активности од бугарската страна на границата.
Откако македонскиот министер за транспорт Александар Николовски претходно во неколку наврати најави дека би било логично парите наменети за третата делница на пругата кон Бугарија, која е сложена и скапа, да се пренаменат за изградба на брза пруга по должината на коридорот 10, Бугарија го засили притисокот во рамките на ЕУ и НАТО, по што беше договорено двете земји заеднички да го пробијат тунелот на границата и така да финишира железничкото поврзување.
На почетокот на оваа година, бугарската влада го испрати до земјава нацрт-договорот за подготовка, изградба и работа на прекуграничен железнички тунел што ги поврзува двете земји. Предлогот на бугарската држава е двете влади да преземат конкретни и јасни обврски за реализација на граничниот железнички тунел. Тоа е клучен елемент на изградбата на европскиот транспортен коридор 8, кој го поврзува Црно Море со Јадранско Море и поминува низ териториите на Бугарија, Македонија и Албанија.
И кога се чинеше дека можеби работите ќе тргнат од мртва точка, Бугарија ненадејно ја одложи модернизацијата на бугарската делница. Оваа одлука ја донесе новата бугарска влада на чело со Росен Желјазков, која одобри измени во програмата „Транспортна поврзаност“ 2020 – 2027 година.
Истиот премиер, кој во 2019 година од позиција на министер за транспорт најавуваше дека во 2025 година делницата од Софија до Скопје ќе ја помине со воз за помалку од еден час, сега ретерира откако неговата влада гласаше да се откаже од проектот за модернизација на железничката линија Софија–Радомир–Перник за сметка на реализација на други железнички проекти.

– Колкав стратегиски партнер на НАТО е нашиот источен сосед, Бугарија, говори и одлуката да не вложува во коридорот 8, кој е втор по важност за НАТО, за кој потпиша на самитот на НАТО во Вашингтон во јули минатата година. Тоа што го зборувавме, гледаме како функционира на дело. Бугарската влада донесе одлука да не вложува во модернизација на коридорот 8 – изјави македонскиот премиер Христијан Мицкоски.
Клучното прашање е зошто Бугарија вршеше притисок врз Македонија да се изложува на дополнителни трошоци за изградба на пругата по должината на коридорот 8, кога самата нема намера да ја гради. Истовремено, Бугарија веќе работи на планови за ново железничко поврзување од Грција, кон Романија, како алтернатива за коридорот 10, имајќи предвид дека од неодамна е дел од шенген-зоната и на тој начин сака да го преземе приматот на главен транспортен коридор по должината на оската север-југ. Ваквиот потег остава сомнеж дека можеби сето тоа е смислено направено, односно додека да влезе Бугарија во шенгенот зборуваше за поврзување со Македонија, а сега се прекинуваат сите конекции и се гради нов конкурентен коридор.
Дилемата на која деновиве бараат одговор македонските граѓани е дали со ваквите потези од бугарска страна може да се говори за добрососедство, а уште помалку да му се верува на сосед и партнер што не се држи до дадениот збор.
С.Т.