„Кога не можеш да го победиш соперникот или не сакаш да играш против него фер и на спортски терен, оти во голема мера знаеш кој ќе биде крајниот епилог, тогаш послужи се со недозволени средства за да се извадиш или дојдеш до посакуваната цел“. Тоа го видовме во неделата во преполнетиот СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, желен за ракомет, во реванш-натпреварот во финалето на Европскиот ракометен куп, во кој вторпат силите требаше да ги одмерат македонскиот претставник Алкалоид и грчкиот претставник АЕК од Атина. Но што всушност е скриено во потконтекстот на овој скандал со меѓународни размери?
Познати по својот хулигански однос, насилнички навивачки практики и темперамент и не штедејќи валкани планови за да се дојде до посакуваната цел, уште еднаш, група граѓани што дојдоа од Грција во Скопје во врска со еден спортски настан со меѓународен карактер демонстрираа низа елементи што не можат да се наречат спорт, што и не им е прв пат. Со тоа само пред очите на целата меѓународна јавност ја најавија нивната хронична заткулисна и подла игра надвор од теренот: без срам, морал, етика и ферплеј, пред целокупната европска спортска и неспортска јавност. Со други зборови, кога им се игра ќе играат, а кога не сакаат, нема да играат, притоа наведувајќи некакви ирационални причини како оправдување, кои, според низа индикатори, влегуваат во темната зона на политикантството.
Историјата се повторува
Токму овој настан неодоливо потсети и на самата политика на оваа држава (Грција) кон нас, која со години беше главен кочничар поради кој Македонија не можеше да ги почне преговорите со Европската Унија (ЕУ), откако по распадот на поранешна СФРЈ, Македонија беше единствената држава од шесте, која се оддели од федерацијата по мирен пат, без војна, исполнувајќи ги сите услови (според релевантната Комисија на Бадентер) да ги почне преговорите. Но проблемите за името и за нашето знаме од Кутлеш беа причина Грција да го закочи тој процес сѐ до промената на името од Македонија во Северна Македонија, кое беше донесено дури и спротивно на референдумот и волјата на граѓаните на Македонија.
Понатаму, настанот неодминливо нѐ потсети на постоењето на визите со години при влез во Грција, каде што се чекаше со денови и во долги колони, било на дожд или на сонце пред грчката амбасада во Скопје, а потоа и на самиот граничен премин, што само ги зголемуваше притисокот и нервозата кај македонските граѓани, кои се третираа како да се граѓани од втор ред, било тоа да се службени, спортски или туристички патувања. Неделната блокада на натпреварот повторно потсети на нафтените блокади од страна на Грција, кои само го зголемуваа револтот кај Македонците од политиката што ја сервираше Грција кон нашата држава. Врв претставуваше и менувањето на сите имиња на јавните институции каде што мораше да се додаде зборот „Северна“, да не зборуваме за брусењето на шахтите каде што стоеше шеснаесеткракото сонце, а од грчка страна не се ни обидуваа да ги сменат патните и други табли на кои стоеше името „Скопја“, наоѓајќи разно-разни оправдувања.
И на крајот на краиштата, еден вид прелажување, па и малтретирање на македонските граѓани претставува и самото доаѓање на мечот против АЕК, кои не уживаа во натпревар со голови бидејќи грчките претставници подигнаа ембарго и македонските многубројни навивачи си заминаа нервозни без виден меч… Само затоа што некому не му се играло…, но не е баш така…
Веќе познато сценарио и одамна познати актери
Грција, која ја сметаат за лулка на демократијата, очигледно е далеку од тоа. За да се остварат целите и не се избираат средства, што е препознатливо и својствено за грчките клубови. Вакво сценарио беше видено и во полуфиналето на овој куп, кога АЕК не сакаше да го одигра реванш-натпреварот со белградски Партизан, поради пиротехничките средства што беа употребени во салата од домашните навивачи, но пред натпреварот да почне, па си заминаа од салата како ученици кога се враќаат од училиште по шестиот час. „Не ни се игра нема соодветни услови и точка“. Тоа им пројде, па издејствуваа кај колебливата Европска ракометна федерација (ЕХФ), која како да е загубена во овој лавиринт од вакви настани и не знае да го најде вистинскиот пат и реши мечот да се одигра на неутрален терен, во Бугарија, каде што Партизан ја дополни негативата од пет гола, па загуби по изведувањето пенали. Тензии, слични проблеми, немили сцени, претседатели на клубови со пиштоли на фудбалски терени правда делат, тепачки можат да се видат на нивните натпревари, а имаше и еден загубен живот, кога играа фудбалски клуб од Хрватска и од Грција.
И сега истото сценарио го гледаме и во Скопје против младата екипа на македонскиот претставник во Европскиот куп, која навистина ги презеде сите чекори за натпреварот да помине во најдобар ред, да нема испади или несакани сцени, во што целосно успеа. Барем така и вербално потврди официјалниот делегат (од Франција) пред почетокот на натпреварот. Не верувајќи дека тешко ќе ги дополни тие пет гола од Атина, АЕК се одлучи за веќе изготвениот план, добро однапред осмислен уште пред реваншот во Скопје во нивите заткулисни кујни, како да се извадат или да си го олеснат вториот натпревар, ако воопшто дојде до него.
Атина избегна јавна бламажа од тежок пораз, „и спортски и политички“?!
Според извор во противничкиот грчки „навивачки“ табор, поразот на грчкиот претставник ќе беше повеќеслоен и тежок: спортски, но и политички. (Поразот на АЕК би бил само метафора на неодржливоста/неперспективноста на политиките на официјална Атина кон Македонија, а групата што дојде од Грција не можеше да си го дозволи тоа). Скандирањето „Македонија, Македонија“, како и веењето на знамето од Кутлеш требало да се спречат на кој било начин, е изјавата на изворот од Грција. Според неговото „скромно мислење“, биле мобилизирани ресурси на повеќе нивоа за остварување на ваквото сценарио…
Официјалната верзија само „загребува“ по површината и открива само дека проблемот настанал кога грчкиот клуб побарал 10 отсто билети од вкупниот капацитет на салата, односно 650, додека управата на Алкалоид и МВР донесоа одлука, по некои оперативни анализи и по некои работи што се случуваа во Македонија, дека во моментов тоа не е возможно и бројот на билети за гостинските навивачи беше ограничен на 200. Тука била настаната и замката да се влезе во спиралата проблеми, што понатаму беше искористено како „алиби“. Имено, дел од навивачите на АЕК допатуваа во Скопје, а дел не, за потоа да се солидаризираат со тие што немаат билети, па да си заминат назад за Грција уште пред да почне натпреварот, но со ултиматум до претседателот на грчкиот клуб да не го игра натпреварот, кој, пак, не криеше дека ја донел одлуката да не играат, за разлика од неговите играчи, кои сакале да истрчаат на теренот, а некои го доживеале тоа и со солзи во очите.
Но најмногу од сѐ зачудува краткото соопштение објавено на официјалната интернет-страница на ЕХФ, кое во најмала рака е скандалозно, оти не соодветствува со вистината и со сето она што се случуваше во неделата во СЦ „Борис Трајковски“.
– Натпреварот од финалето на Европскиот куп меѓу Алкалоид и АЕК е откажан поради безбедносни причини – објави ЕХФ!
Чија безбедност била загрозена, ако се знае дека грчките ракометари во ниеден момент не беа во опасност од домашните навивачи. Дури и се сликаа со нив на теренот, играчите на двете екипи мирно се загреваа, а проблемот настана поради интерни несогласувања меѓу претседателот на АЕК и навивачите на клубот. ЕХФ, каде се тука безбедносните причини?
За двојните стандарди на ЕХФ
Само да потсетиме за двојните сандарди на ЕХФ? Кога се случи трагедијата во Кочани, неколку дена потоа Македонија требаше да игра ракомет со Словенија за пласман на ЕП и Ракометната федерација на Македонија (РФМ) замоли да се одложи овој меч оти никому не му беше до играње поради толку загубени животи. Но таа иста ЕХФ само кратко одговори дека, ако не игра Македонија, автоматски ќе биде дисквалификувана, па македонските ракометари мораа да играат. Да не зборуваме и како поминаа нашите ракометари во Атина, кога грчките навивачи фрлаа разни предмети по теренот, а еден играч на Алкалоид беше погоден во главата. Какви се санкциите за тоа во тој фамозен правилник на ЕХФ? А се поставува и прашањето колку влезници доби Алкалоид за своите навивачи во Атина во сала од 8.000 гледачи? Само 170?!
И сега за вакви случувања не постои никакво друго пишано правило во правилникот на ЕХФ, освен службен резултат од 10-0 за македонскиот претставник. Секоја друга одлука од ЕХФ ќе биде калкулантска, скандалозна и без преседан во аналите на ракометната историја. Одлуката од Виена ќе ја чекаме денеска. Се надеваме ќе биде очекувана, а противникот драстично казнет и временски и парично. За политикантските заднински калкулации од Атина и на европските спортски „елити“, доволно навестивме, но се надеваме дека ја измотивиравме правдата во скоро, разумно време, да ја задоволи правдината. И на спортски и на политички план.

Тони Менкиноски, адвокат
Ова беше провокација што бара итен одговор од наша страна
Нашата официјална реакција како држава е неопходна, со укажување на нашите соседи дека во договорот од Преспа се опфатени и вакви ситуации и тоа треба да го имаат предвид. Кога веќе го потпишавме тој договор, што јас лично не го признавам, тогаш барем да се придржуваме до пропишаното
Адвокатот Тони Менкиноски со внимание ги следи настаните поврзани со неодиграниот ракометен натпревар меѓу Алкалоид и АЕК и има свој став околу целата новонастаната ситуација.
– Мислам дека е ова уште една смислена провокација од грчка страна да се направи инцидент и да не се признае поразот на спортскиот терен, кој беше неминовен.
Ваквата провокација мора да се сфати крајно сериозно од страна на нашите надлежни. Тука пред сѐ мислам на Министерството за надворешни работи и на Министерството за внатрешни работи, па и на Владата, кои треба веднаш да реагираат.
МНР треба да упати нота до грчкото Министерство за внатрешни работи, за тие таму да ја испитаат целата работа околу наводните закани до раководството на АЕК, бидејќи ова што се случи во Скопје е надвор од сите стандарди на ЕХФ и на спортот воопшто.
И тука би додал дека нашата официјална реакција како држава е неопходна, со укажување на нашите соседи дека во договорот од Преспа се опфатени и вакви ситуации и тоа треба да го имаат предвид. Кога веќе го потпишавме тој договор, што јас лично не го признавам, тогаш барем да се придржуваме до пропишаното – вели адвокатот Тони Менкиноски.
Д-р Жанета Трајкоска, директорка на Институтот за комуникациски студии
Мора докрај да се бориме за своето
Мора да се научиме или да се потсетиме дека во глобалните односи нема правда и дека помалите „плаќаат“, но во исто време и да паметиме дека мора докрај да се бориме за своето!
Вчерашниот настан и повлекувањето на АЕК од финалето уште еднаш покажаа дека политиката на Балканот влијае врз сите сегменти од нашите животи. Иако на почетокот имавме информација дека управата не смее да им се спротивстави на навивачите на АЕК, подоцнежните изјави на претседателот на АЕК само ни потврдија дека политиката има многу врска со спортот и дека се користи како оправдување за нелогични и, во најмала рака, чудни одлуки.
За жал, мислам дека приказната не е завршена и ќе бидеме, се плашам, разочарани од одлуката на ЕХФ за судбината на натпреварот. Но мора да се научиме или да се потсетиме дека во глобалните односи нема правда и дека помалите „плаќаат“, но во исто време и да паметиме дека мора докрај да се бориме за своето.
Дечките од Алкалоид заслужија со победа да го кренат пехарот. Се надевам дека нема да има други непријатни случувања, оти ние веќе го имаме победникот.
Илија Димовски, аналитичар
Лош чекор што ќе фрли сенка на меѓусебните односи
Политичката недоверба очигледно постои, иако континуирано се разменуваат добри зборови, но да бидеме искрени, таа ќе трае долго бидејќи последиците од претходните постапувања и договори не се лесно прифатливи за огромното мнозинство од македонските граѓани
Пред сѐ морам да кажам дека изгубивме спортски празник. Сите чекавме дерби, спектакл, а видовме едно чудно неспортско, можеби и политичко дејствување на управата на грчки АЕК. Ова секако беше лош чекор што ќе фрли сенка на меѓусебните односи, ќе отвори полемика по медиумите и ќе шири непотребна лоша енергија за идни спортски или културни настани.
Верувам дека Европската ракометна федерација (ЕХФ) ќе донесе правилна и правична одлука, водена единствено од спортските принципи, со што ќе се зачува интегритетот на натпреварувањето.
Пред една недела имаше одличен концерт на уметници од Солун во нашиот главен град. Помина перфектно и беше подобар пример за соработка.
Би сакал да потсетам дека двете влади, доколку сакаат добри односи, мораат да покажат иницијативност за мерки што ќе значат градење доверба и запознавање на едно човечко секојдневно ниво.
Политичката недоверба очигледно постои, иако континуирано се разменуваат добри зборови, но да бидеме искрени, таа ќе трае долго бидејќи последиците од претходните постапувања и договори не се лесно прифатливи за огромното мнозинство од македонските граѓани.
Она што треба да се прави засилено е културна, образовна, научна и спортска размена или заеднички проекти. Ние можеби нема да се договориме за историјата на Балканот и неговите народи, но нашите технички факултети може да бидат поддржани ако соработуваат со сродните факултети во Солун или во другите големи градови во Грција. Ни треба соработка во образованието, во науката. Ни требаат повеќе концерти на грчки групи во Македонија и на македонски во Грција (на сите што сум бил, а сум бил на многу во двете држави поминале прекрасно). Двете влади треба да разберат дека само така можеме да ги надминеме стереотипите и непријатностите. Многу ќе биде полесно ако се запознаеме и разбереме дека границите не се значајни за човековиот ум. Имаме повеќе заеднички работи отколку што можеме да мислиме низ призма на секојдневните негативни чувства наследени од минатото.
Грција покажа висок степен на пријателство со брзата и огромна помош што ѝ ја даде на Македонија при несреќата во Кочани. Да пробаме тој однос да биде пример за понатамошната меѓусебна соработка.
Лиза Пантековска, универзитетска професорка на студиска програма по спортски менаџмент и поранешна репрезентативка во пливање
Задача е на државата низ законски регулативи да ги заштити темелните вредности на спортот, дури до степен на заштита на основните човекови права
- Проблемот е кога неразумните владини доктрини ги надминуваат спортската етика и ферплејот, нешто што историски се провлекува кај Грците кога македонското прашање е во игра, дури и на спортските терени, а чии сведоци сме
- Задача е на државата низ законски регулативи да ги заштити темелните вредности на спортот, дури до степен на заштита на основните човекови права. Но, од друга страна, неретко се случува и свесна (зло)употреба на нивното постоење за цели што се далеку од спортски
Она што треба да се знае е дека спортското случување не се јавува во социјален вакуум. Тензиите што се интензивни во глобален контекст стануваат поле на уште посилни конфронтации на терен. Оттаму е исклучително важна точноста на безбедносното превенирање, што во случајов е направено.
Спортот е легитимна алатка за јакнење на националниот идентитет и ова прашање е едно од многуте што литературата ги реферира во мноштвото улоги што тој ги има во политичкото дејствување на владите.
Проблемот е кога неразумните владини доктрини ги надминуваат спортската етика и ферплејот, нешто што историски се провлекува кај Грците кога македонското прашање е во игра дури и на спортските терени, а чии сведоци сме. Уште едно горливо прашање се провлекува за спортот во наведената ситуација. Тоа се навивачките групи и нивната улога дури во безбедносно-управувачките политики на спортот, во случајов спортскиот клуб.
Задача е на државата низ законски регулативи да ги заштити темелните вредности на спортот, дури до степен на заштита на основните човекови права. Но, од друга страна, неретко се случува и свесна (зло)употреба на нивното постоење за цели што се далеку од спортски.
И на крајот, низ сите овие спортски интеркорелации стои интернационалната спортска федерација, чија примарна задача е унапредување на спортот што го управува по принципи на непристрасност.
Таква одлука треба и да очекуваме. Непристрасна и првенствено спортска.
Александар Русјаков, колумнист
Уште еден тројански коњ што се обидуваат да го подметнат Данајците
- Можеби по поразот во Атина, нацикретените сега имаат гадни кошмари во кои им се прикажуваат сцени од Херонеја. Да, да, ЕХФ секако е загрижена за безбедноста на грчките неспортски фрустрации. Каков блам за Европската ракометна федерација! Ај што ги сведочиме безобразниот кукавичлук и идиотизам на челниците на Аек (не и на играчите, тие не се виновни), ама ЕХФ вака да се бламира…
- С ега веројатно ќе им успее и уште еден тројански коњ што се обидуваат да го подметнат Данајците, затоа очигледно имаат соучесници кај Европската ракометна федерација. Баш ме интересира дали лобирањето, фрустрациите, кукавичлукот и политикантството ќе го победат спортот?
Во моментот кога го пишувам ова ја имам информацијата што ја објави ЕХФ дека натпреварот меѓу Алкалоид и Аек во Скопје е откажан од безбедносни причини. Не знам дали во меѓувреме од ЕХФ излегле со некое ново соопштение за да се доизбрукаат. Безбедносни причини, а? Генијално. А којзнае, можеби се во право. Можеби се загрижени за безбедносна на голманот на Аек поради можноста сериозно да му биде наполнета мрежата. Или се грижат за кревкото здравје на челниците на грчкиот тим, за безбедноста на нивните нежни чувства, кои при пораз од Македонци ќе се трансформираат во тешки фрустрации.
А тука е и безбедноста на грчките хулигани наречени навивачи. Не знаеме, можеби по поразот во Атина, нацикретените сега имаат гадни кошмари во кои им се прикажуваат сцени од Херонеја. Да, да, ЕХФ секако е загрижена за безбедноста на грчките неспортски фрустрации.
Каков блам за Европската ракометна федерација. Ај што ги сведочиме безобразниот кукавичлук и идиотизам на челниците на Аек (не и на играчите, тие не се виновни), ама ЕХФ вака да се бламира, да не му ја додели веднаш титулата на Алкалоид што ја заслужи, во тоа до сабајлево не сакав да верувам. Додуша, ЕХФ им помогна на Грците и во дуелот со Партизан, ги погази ферплејот и спортското однесување, па им смести на белграѓаните, за нежните атињани да се извлечат. Еве, сега веројатно ќе им успее и уште еден тројански коњ што се обидуваат да го подметнат Данајците, затоа очигледно имаат соучесници кај Европската ракометна федерација. Баш ме интересира дали лобирањето, фрустрациите, кукавичлаукот и политикантството ќе го победат спортот?