Економистите стравуваат дека падот на животниот стандард на жителите на ЕУ може да биде уште поголем во текот на годинава поради новите рестриктивни мерки што се воведуваат. Од една страна прекина испораката на руски гас преку Украина, а истовремено САД најавуваат раст на царините. Сето тоа ги наведе земјите членки на ЕУ да испратат јасен сигнал дека сепак ќе размислат за обнова на договорите со Русија. За тоа време, додека политичарите си ги одмеруваат силите, граѓаните се во очекување на разврската дали и како, односно по која цена ќе ги загреваат своите домови
Светските кризи што се надоврзаа едноподруго силно удираат врз животниот стандард на граѓаните. Појавата на ковидот и мерките за негово сузбивање, а подоцна и војната во Украина, и нивното влијание врз економските текови значително ги влошија состојбите, па голем број граѓани низ Европа западнаа во тешкотии и неможности да ги покријат домашните потреби.
Освен инфлацијата, која силно удри врз луѓето во земјите низ целиот свет, пристигна уште еден показател дека животниот стандард се влошува, и тоа на жителите на Европската Унија.
Имено, во согласност со последните податоци на европскиот статистички центар „Евростат“, во текот на 2023 година дури 10,6 отсто од населението на ЕУ не можеше да си дозволи да го загрее домот соодветно. Во споредба со 2022 година, ова учество е зголемено за 1,3 процентни поени, објави „Евростат“.
– Најголем процент на луѓе што не можат соодветно да ги загреат своите домови е забележан во Шпанија и во Португалија, каде што тој достигнува до 20,8 проценти, а потоа следува Бугарија со 20,7 отсто, па Литванија со 20 проценти и Грција со 19,2 отсто – наведува „Евростат“.
Домашните експерти со кои се консултиравме на оваа тема го потврдуваат сознанието дека токму инфлацијата или зголемените цени, што се чувствува како кај храната, така и кај енергентите, значително влијае врз животниот стандард на европските граѓани.
– Зголемената инфлација и повисоките трошоци за енергенти несомнено го поткопуваат животниот стандард, особено кај ранливите категории на населението. Поразителен е фактот што сè повеќе граѓани низ Европа не можат да си дозволат затоплување на домовите, што ја нагласува потребата од целни (наместо линеарни) мерки за заштита. Владините субвенции за енергетска ефикасност, директната финансиска поддршка за најзагрозените и реформите во образованието за зголемување на квалификациите на работната сила се три клучни насоки што можат да придонесат за долгорочно подобрување на животниот стандард. Иако целосна еднаквост е тешко достижна, вложувањето во човечки капитал и создавањето услови за одржлив економски раст се најсигурниот пат кон подобар живот за сите – укажува професорот Марјан Петрески за „Нова Македонија“.
Меѓу земјите во кои животниот стандард е подобар и каде што има најмалку граѓани што се соочуваат со проблеми при затоплување на домовите се Луксембург, Финска, Словенија, Австрија и Естонија.
– Во Луксембург само 2,1 проценти од населението не можеле да си дозволат соодветно затоплување. Потоа следува Финска со 2,6 проценти, па Словенија со 3,6 отсто, Австрија со 3,9 проценти и Естонија со 4,1 отсто, и тоа се земјите што имаат најмал удел на граѓани што не можат да си дозволат соодветно затоплување – се укажува во анализата на „Евростат“.
Економистите стравуваат дека падот на животниот стандард на жителите на ЕУ може да биде уште поголем во текот на годинава поради новите рестриктивни мерки што се воведуваат. Од една страна прекина испораката на руски гас преку Украина, а истовремено САД најавуваат раст на царините. Сето тоа ги наведе земјите членки на ЕУ да испратат јасен сигнал дека сепак ќе размислат за обнова на договорите со Русија. За тоа време, додека политичарите си ги одмеруваат силите, граѓаните се во очекување на разврската дали и како, односно по која цена ќе ги загреваат своите домови. Е.Р.