Јапонија: Националното стопанство во ниедно сценарио не се доведува во прашање

Соговорниците на „Нова Македонија“, коментирајќи на оваа тема, истакнуваат дека и државните политики во врска со менаџирањето на феноменот „храна“ (производи за широка потрошувачка) се исклучително сензитивни за која било држава, вклучувајќи и за Јапонија, а се разбира и за Македонија.
– Дисбалансот на политиките за (ис)храна за граѓаните во државите (домашно производство, увоз на храна, земјоделство, сточарство итн.) загрозува уште една од низата форми на различните суверенитети на државата. Овој пример со Јапонија покажува дека и храната, доколку не се внимава, може страшно да го загрози суверенизмот и да направи зависност, што долгорочно се одразува и на самостојноста и на независноста, но и на управувањето на владите со своите земји – велат нашите соговорници

Јапонија нема да го жртвува земјоделскиот сектор во преговорите со САД за царините, изјави министерот за економија и главен преговарач на Јапонија, Рјосеи Аказава, наведувајќи го ставот на Токио пред истекот на рокот за склучување трговски договор.
Во преговорите со САД, Токио сака да постигне укинување на американските царини од 25 проценти за увоз на автомобили и најавената „реципрочна“ царина од 24 проценти за увоз на друга јапонска стока. Вашингтон го одложи воведувањето на „реципрочните“ царини до 9 јули, а на Токио му истекува времето за склучување трговски договор.
Автомобилскиот сектор е „најголемиот работодавец и извозник во Јапонија“, но земјоделците традиционално се важен дел за одржливоста.

Земјоделството е темел на јапонската нација

– Многупати повторив дека земјоделството е темел на јапонската нација. Нашата позиција во преговорите со САД е непроменета. Нема да водиме разговори што би го жртвувале земјоделскиот сектор – изјави на прес-конференција главниот јапонски преговарач, министерот за економија Рјосеи Аказава.
Ќе ги продолжам преговорите со САД со цел да ги заштитам националните интереси на Јапонија!, додаде министерот, кој се врати пред неколку дена од својата последна, седма посета на Вашингтон. Аказава не кажа дали на состанокот било разговарано и за оризот.
Трамп напиша на Трут соушл дека неподготвеноста на Јапонија да увезува американски ориз покажува дека партнерите на Америка се „разгалени“.
– Имам големо почитување кон Јапонија, тие не го сакаат нашиот ориз, и покрај огромниот недостиг – напиша Трамп.

Јапонија троши седум милиони тони ориз годишно

Јапонија увезе незапаметено големи количества американски ориз во последните месеци за да ги ограничи цените, но го ограничува увозот без царина на ориз наменет за човечка потрошувачка на 100.000 тони годишно. Доколку ја надмине таа квота, увозникот мора да плати такса од 341 јен (2,37 долари) по килограм.
Јапонија троши приближно седум милиони тони ориз годишно, забележува статистиката. Министерот за земјоделство Шинџиро Коизуми се пожали дека поплавата од увезен ориз претставува закана за безбедноста на храната во Јапонија.
Резултатите покажуваат дека на јавниот тендер, одржан на 27 јуни, биле добиени понуди за испорака на 81.853 тони ориз, вклучувајќи дури 25.541 тон од САД. Компаниите од Австралија понудија 1.500 тони, а од Тајланд 708 тони.
Увозот на ориз што подлежи на царини, исто така, се зголеми, според податоците на Министерството за финансии, при што приватните компании увезоа околу 10.600 тони ориз наменет за човечка потрошувачка само во мај, при што околу три четвртини од тие пратки доаѓаат од САД.

Предимензираниот увоз на храна го загрозува суверенитетот

Соговорниците на „Нова Македонија“, коментирајќи на оваа тема, истакнуваат дека и државните политики во врска со менаџирањето на феноменот „храна“ (производи за широка потрошувачка) се исклучително сензитивни за која било држава, вклучувајќи и за Јапонија, а се разбира и за Македонија.
– Дисбалансот на политиките за (ис)храна за граѓаните во државите (домашно производство, увоз на храна, земјоделство, сточарство итн.) загрозува уште една од низата форми на различните суверенитети на државата. Овој пример со Јапонија покажува дека и храната, доколку не се внимава, може страшно да го загрози суверенизмот и да направи зависност, што долгорочно се одразува и на самостојноста и на независноста, но и на управувањето на владите со своите земји – велат нашите соговорници. Р.С.