Домашните душегрижници и чувари на спогодбата од Нивици пропуштија одлична можност сиве овие години да прашаат зошто официјална Атина го прекршува договорот и не имплементира ниту една точка од спогодбата, но затоа ја користат секоја пригода да ја изустат „Северна“ небаре им останало од предците
ОФИЦИЈАЛНА АТИНА НА ЗАКЛЕТВАТА НА МАКЕДОНСКАТА ПРЕТСЕДАТЕЛКА РЕАГИРАШЕ ВО РАМКИТЕ НА ОЧЕКУВАНАТА ДИПЛОМАТСКА ПРАКТИКА, НО…
Многу врева и прашина се крена за полагањето на заклетвата на новата македонска претседателка Гордана Силјановска-Давкова само затоа што не споменала „Северна“ пред Македонија, со обвинувања дека на тој начин го прекршила Уставот и ја загрозила Преспанската спогодба.
Прво реагираше грчкото МНР со предупредување дека македонските евроинтеграции зависат исклучиво од спроведувањето на Преспанската спогодба.
– Грција, во овој контекст, категорично наведува дека натамошниот напредок во своите билатерални односи со С. Македонија и европскиот курс на оваа земја зависат од целосното спроведување на Договорот од Преспа и пред сѐ од употребата на уставното име на земјата – соопшти грчкото МНР.
На социјалната мрежа Фејсбук вчера реагираше и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, оценувајќи дека македонската претседателка со тоа ја поткопува иднината на државата.
– Провокативниот избор на новата претседателка на С. Македонија да го прекрши официјалниот текст на заклетвата и да ја нарече земјата со различно име претставува нелегална и недозволива иницијатива. Чин што ги прекршува Договорот од Преспа и самиот устав на нејзината држава. Но ја поткопува и иднината на државата, како што веќе изјавија претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел – напиша грчкиот премиер.
И додека реакциите на грчките власти се во рамките на очекуваната дипломатска практика, многу пожестоки реакции стигнаа од домашните поддржувачи на Преспанската спогодба, кои сметаат дека со ваквиот настап на претседателката се загрозени односите со јужниот сосед.
– Со одбивањето да ги изустат целосно зборови на заклетвата што беа кажани од претседателот на Собранието и одбивањето да го користи уставното име на земјава, таа ѝ објави војна на Грција, кршејќи ги стаклените нозе на Преспанскиот договор. Следува грчка реакција, која, како и секогаш, најдиректно граѓаните ќе ја почувствуваат на граничните премини, а Владата во влошените меѓудржавни односи со Грција – пишува поранешниот министер за надворешни работи и универзитетски професор Денко Малески во својата најнова колумна.
Според него, по говорот на новата претседателка, земјава сега има два фронта нa кои ќе треба да го брани достоинството – со Бугарија и со Грција.
Веднаш реагираше и македонското МНР со повик сите да ги почитуваат меѓународно преземените обврски.
– Министерството за надворешни работи ја потврдува цврстата определба на земјата кон недвосмислено почитување на уставните одредби, како и сите меѓународно преземени обврски, како што е целосното почитување на Договорот за стратегиско партнерство меѓу Република С. Македонија и Република Грција, познат како Договорот од Преспа – се наведува во реакцијата на македонското МНР.
Некои од аналитичарите реагираат на жестоките наративи што се упатуваат од страна на дел од јавноста против гестот на претседателката на државата, кои повеќе се во функција на заштита на позициите на друга држава отколку на сопствената.
– Очигледно домашните душегрижници и чувари на спогодбата од Нивици пропуштија одлична можност сиве овие години да прашаат зошто официјална Атина го прекршува договорот и не имплементира ниту една точка од спогодбата, но затоа ја користат секоја пригода да ја изустат „Северна“ небаре им останало од предците. Грција е таа што го прекрши договорот по сите можни точки, но Грција и како колепка на демократијата, како што се декларира себеси, не требаше никогаш на една суверена земја да ѝ го одземе демократското право на себеименување и самоидентификација на народот што живее во неа. Пркосот на народот е поради тоа, а не поради инаетење или непријателство кон некого – посочуваат соговорниците.
Поранешниот вицепремиер за европски прашања и амбасадор Ивица Боцевски смета дека во земјава и натаму постојат луѓе што едноставно не разбираат што значи демократија во вистинската смисла на зборот.
– Очигледно постојат ликови во Македонија што не ја совладаа лекцијата што значи демократијата. Ова е најпогрешен начин за СДСМ и за ДУИ повторно да ја освојат довербата на граѓаните. Ретко што било толку срамно во Македонија како воведното обраќање на анонимниот претседател на Собранието, кој постави своевиден светски рекорд во изговарање на „Северна …“. Сепак, „Македонија“ на новоизбраната претседателка беше мелем за душата на граѓаните на Македонија. Да, една битка е изгубена, но неправдата ја помниме и не ја забораваме. „Македонија“ на претседателката тежи многу повеќе отколку сите „Северна …“ на Заев и неговата клика – порачува Боцевски.
Силјановска-Давкова: Употребата на името Македонија е лично право
на самоопределување и самоидентификација
По многубројните реакции што пристигнаа откако претседателката Гордана Силјановска-Давкова за време на полагањето на свечената заклетва го употреби името Македонија без географската одредница, се огласи Кабинетот на претседателката.
– Во своите јавни настапи, македонската претседателка има право да го употребува името Македонија, како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација, почитувајќи ги основните човекови права и слободи, и во согласност со европските вредности и начела. Претседателката Гордана Силјановска-Давкова ќе се придржува до официјалната примена на уставното име. Во согласност со Уставот, како што беше подготвена од службите на Собранието, свечената заклетва беше потпишана со користење на уставното име – се наведува во соопштението од претседателскиот кабинет.
Понатаму уште се додава дека македонските институции во последниве пет години речиси целосно ги исполнија обврските од Преспанскиот договор и претседателката очекува сите македонски партнери да ги почитуваат билатералните и мултилатерални обврски што ги презеле кон земјата.