Општина Аеродром

Долно Лисиче за првпат добива спортска сала во рамките на подрачното основно училиште „Гоце Делчев“, со површина од 650 м2. Изградбата на спортската сала е финансирана од македонската влада, односно од Министерството за образование и наука, во вредност од 31.989.202,00 денари, а рокот за изведба е 10 месеци.
На почетокот на градежните активности присуствуваа в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и министерката за образование и наука Весна Јаневска, кои го поставија и камен-темелникот на спортската сала.
Градоначалникот Митески истакна дека станува збор за капитален и многу значаен проект не само за Долно Лисиче туку и за Аеродром воопшто, затоа што учениците, наместо како досега во училници или на отворено, конечно ќе можат да имаат часови по физичко и здравствено образование во соодветни и современи услови.
Во ова подрачно училиште учат над 200 ученици, кои за неколку месеци ќе добијат сала изградена според сите современи стандарди. Оваа сала, освен за одржување на редовната настава во рамките на училиштето, ќе претставува и место каде што жителите на Долно Лисиче ќе можат да тренираат и да се запознаат со различни спортови, за што досега одеа во други населби. О.Р.