Саботниот израелски воздушен напад од големи размери врз Техеран и врз други цели во Иран не означува дека двете држави сега се вклучени во сеопфатен конфликт, од кој многумина стравуваат. Израелскиот напад, со цел одмазда за иранскиот ракетен бараж извршен претходно месецов, всушност значи дека е искачено уште едно скалило на ескалација на конфликтот
Израелско-иранскиот латентен конфликт добива поотворена форма и облик
Израел и Иран со години водат „војна во сенка“, индиректно напаѓајќи се меѓусебно со користење посреднички сили, атентати, шпиони и хибридни невоени тајни средства. Сега оваа необјавена и главно тивка војна излегува на виделина. Конфликтот стана бучен и не му се гледа крајот, пишува британски „Гардијан“.
Саботниот израелски воздушен напад од големи размери врз Техеран и врз други цели во Иран не означува дека двете држави сега се вклучени во сеопфатен конфликт, од кој многумина стравуваат. Израелскиот напад, со цел одмазда за иранскиот ракетен бараж извршен претходно месецов, всушност значи дека е надмината уште една „бариера“ или нагорно скалило на ескалација во конфликтот.
Иран, пак, побрза да го минимизира влијанието на израелските напади на неговата територија извршени минатиот викенд, сугерирајќи дека избрал избегнување поширока војна. Но нападот постави преседан што Исламската Република се обидува да го избегне повеќе од 40 години.
Долготрајната рамнотежа на силите досега спречи регионална војна – сè додека Хамас не го нападна Израел минатата година, убивајќи 1.200 луѓе и земајќи повеќе од 250 заложници. Тоа предизвика жесток израелски напад во кој се проценува дека загинале 42 илјади Палестинци. Проширувањето на тој конфликт во јужен Либан доведе до убиство на Хасан Насрала од страна на Израел и ја десеткуваше командувачката хиерархија на организацијата.
Израел првпат призна напад врз Иран
Регионалните ривали поминаа децении избегнувајќи директна конфронтација, разменувајќи удари во рамките на „војната во сенка“. Израел користеше тајни операции за да ги убие клучните ирански фигури и да изврши сајбер-напади врз витални објекти додека Иран продолжи да ги активира своите регионални милиции за да ја напаѓаат еврејската држава.
Израел сега првпат призна дека го нападнал Иран, со што „војната во сенка“ излезе на виделина, принудувајќи многумина во Иран да се сомневаат во способностите за одвраќање на Исламската Република.
Израел не го призна јавно претходниот напад врз Иран во април, извршен како одговор на ирански ракетен напад. Последниот случај, сепак, беше поинаков. Израел отворено соопшти дека извршил „прецизни напади“ врз воени цели во Иран.
Набргу по нападот, државните медиуми на Иран објавија како секојдневниот живот продолжува како и вообичаено во неговите градови. Училиштата продолжија со работа, а на улиците во Техеран беше прикажан сообраќаен метеж. Тврдокорните коментатори го исмејуваа израелскиот напад, а на социјалните мрежи се потсмеваа на ограничената природа на израелскиот удар.
Во своите први коментари по нападот, иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, се одлучи да даде одмерен одговор, велејќи дека нападите не треба „ниту да се преувеличуваат ниту да се минимизираат“.
Но тој првичен бран на опуштање стивна и се појави внатрешна дебата за тоа дали Иран треба да даде остар одговор за да спречи нормализирање на израелските напади.
Нападите не ги опфаќаа нуклеарните и нафтените постројки на Иран, туку го погодија она што израелската војска го опиша како „стратегиски системи во Иран“ што имаат „големо значење“. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека иранските одбранбени системи и нивната способност се сериозно оштетени. Иранските власти велат дека некои воени локации претрпеле „мали штети“ што биле „брзо санирани“. Сепак, експертите велат дека штетата била позначајна отколку што Техеран признава.
Загрозено иранското производство на балистички ракети?
Нападот на Израел врз Иран во саботата најверојатно оштетил база управувана од иранската Револуционерна гарда, која произведува балистички ракети и лансира ракети како дел од сопствената вселенска програма, покажаа сателитски снимки анализирани од „Асошиејтед прес“.
Штетата во базата во Шахруд отвора нови прашања во врска со нападот на Израел, особено затоа што ја вклучува Револуционерната гарда, моќна сила во иранската теократија, која досега молчи за каква било можна штета. Иран ги идентификуваше израелските напади само во провинциите Илам, Кузестан и Техеран – не во руралната провинција Семнан, каде што се наоѓа базата.
Сателитските фотографии претходно анализирани од „АП“ сугерираат оти се уништени и две воени бази во близината на Техеран што исто така беа цели на Израел. Се смета дека се уништени тамошните локации што Иран ги користи за производство на балистички ракети.
– Не знаеме дали иранското производство на балистички ракети е осакатено како што велат некои или само е оштетено – рече Фабијан Хинц, ракетен експерт и научен соработник во Меѓународниот институт за стратегиски студии што го проучува Иран.
Техеран потроши години создавајќи регионални милиции дизајнирани да служат како „безбедносен чадор“ и прва линија на одбрана против Израел. Овие милиции, стационирани на границите на Израел, исто така дејствуваа како сила за одвраќање, обесхрабрувајќи го Израел директно да го нападне Иран. Идејата беше дека ако Израел го нападне Иран, Техеран ќе возврати со ослободување на своите милиции против Израел. Р.С.