Фото: „Нова Македонија“

Историски реминисценции: Континуитет на една нечуена и невидена антимакедонска кампања (2)

  • Понекогаш историјата не мора да се толкува – доволно е да се прочита

Во февруари 1991 година, меѓународната организација „Хелсинки воч“ (денешен „Хјуман рајтс воч“ / Human Rights Watch) објави документ со наслов што и денес звучи застрашувачки актуелно:
„Уништување на етничкиот идентитет: селективен прогон на Македонците во Бугарија“.
Триесет и повеќе години подоцна, овој документ не е архива. Тој е дијагноза.
Во него не зборуваат македонски политичари, не зборуваат „националисти“, не зборуваат балкански страсти, зборува меѓународна организација за човекови права, со факти, сведоштва, имиња, датуми и правни квалификации. И она што го кажува е едноставно и поразително: Бугарија систематски го негирала, репресирала и казнувала македонскиот идентитет – и тоа не како инцидент туку како државна политика.

„Во Бугарија не постои македонско малцинство“!?

Оваа реченица, која и денес ја слушаме во разни дипломатски варијанти, во документот е посочена како извор на масовни прекршувања на човековите права.
„Хелсинки воч“ јасно констатира дека лицата што се идентификувале како Македонци биле следени, испрашувани, заплашувани, отпуштани од работа, лишувани од пасоши, спречувани да се здружуваат, казнувани за јавно изразување на својот идентитет.
Еден сведок на „Хелсинки воч“ јасно констатира велејќи: „Целиот живот страдав. Двапати бев во затвор, дванаесет пати отпуштен од работа… и моите деца беа казнувани поради моите активности.“ Тоа не е далечна историја. Тоа е методологија.
Документот опишува како бугарската држава прво насилно менувала идентитети, а потоа тврдела дека тие идентитети „никогаш не постоеле“. Натаму се опишува како пасоши со ознака „македонска националност“ биле заменувани со сила. Оние што одбивале, биле приведувани, казнувани или затворани за „антидржавна дејност“.
„Хелсинки воч“ повторно јасно констатира како судија во Благоевград им рекол на обвинетите: „Вие сите сте Бугари.“ Тоа не е судска одлука. Тоа е идеолошка пресуда.

Селективен прогон и влевање страв кај Македонците

Особено циничен е делот во кој бугарските власти признаваат дека македонските организации не користат насилство, но сепак ги забрануваат бидејќи нивното постоење само по себе било „провокација“.
Да се биде Македонец – станало проблем. На 2 август 1990 година, мирен македонски собир бил ставен во физичко опкружување од над 120 полицајци, со специјални единици, палки и кучиња. Биле конфискувани знамиња, книги од Гоце Делчев, документи. Учесниците биле казнети со високи глоби. Ова „Хелсинки воч“ го нарекува селективен прогон. Не поради тоа што луѓето правеле нешто незаконско, туку поради тоа што се.

Зошто потсетувањето на документот насловен „Уништување на етничкиот идентитет: селективен прогон на Македонците во Бугарија“ на „Хелсинки воч“ (денешен „Хјуман рајтс воч“) е важно денес?

Според соговорникот, наш исклучително ценет адвокат и застапник во Стразбур на македонското малцинство од Бугарија, одговорот на ова прашање е многу едноставен: Затоа што истиот наратив продолжува и денес:
дека македонскиот идентитет е „погрешен“,
дека јазикот е „дијалект“,
дека историјата е „туѓа“,
дека правото на самоидентификација е „закана“ итн.

– Разликата е само во формата. Методот е ист. Кога денес ни велат дека барањата се „само историски“, доволно е да се потсетиме дека истата држава, пред три децении, била фатена од меѓународна организација како крши фундаментални човекови права врз основа на идентитетот. И најстрашното прашање не е што ни правеле, туку: затоа што никој не одговарал – и затоа што мислат дека можат да продолжат. А така нема да биде – уверено тврди нашиот соговорник.