Во овој период на очигледни промени во меѓународниот поредок, на будење на американскиот (но и на некои од европските народи), и македонската нација и државно-политичкото раководство чувствуваат дека е моментот за преструктурирање за претстојниот период. Тоа е еден нов приод кон возобновувањето и воспоставувањето одржливост на Македонија во наредните години и децении на 21 век, но со својата изворна делчевистичка „македонска доктрина“!
Став
Eврокомесарката за проширување Марта Кос од Светскиот економски форум во Давос во расправата „Проширување заради напредување: Дали Европа ќе расте?“, на 22 јануари, многу јасно и многу отворено нагласи (или, според лично мое мислење, призна) дека „проширувањето на Европската Унија не е засновано врз временска рамка, туку врз заслуги“. Е, сега, кога веќе падна во вода блефот дека „ќе влеземе во ЕУ до 20230 година“, чуму толку брзање, толку спотерување од еврокомесарите, евроамбасадорите, од претходната американска администрација на Бајден, од Олаф Шолц, од Макрон, а специјално од нетрпеливата официјална Софија, Македонија веднаш да го променела Уставот и да ги внела Бугарите во неговата преамбула?
Момент за наше преструктурирање за претстојниот период
Кога веќе еврокомесарката Марта Кос уште еднаш јасно и гласно признава дека нема временски рокови за влез во ЕУ, а се бара само и само влез на Бугарите во Уставот, „ништо повеќе и ништо помалку“, „по принципот земи или остави“, како што тоа „фино“ си го кажуваат врвните европретставници, се наметнува нешто друго, потребата да се завртиме кон себе, бидејќи оттаму и треба да тргнеме, бидејќи резултатите на внатрешен план, во колосален дел зависат токму – од самите нас.
Императивна потреба да се пристапи кон целосен и коренит пресврт во македонската надворешна и внатрешна политика. Тоа веќе го детектираат македонските државни лидери, при што се забележливи чекори во една таква насока.
Во овој период на очигледни промени во меѓународниот поредок, на будење на американскиот (но и на некои од европските народи), и македонската нација и државно-политичкото раководство чувствуваат дека е моментот за преструктурирање за претстојниот период. Тоа е еден нов приод кон возобновувањето и воспоставувањето одржливост на Македонија во наредните години и децении на 21 век, но со својата изворна делчевистичка „македонска доктрина“!
– Македонија не е скроена само за Македонците. Таа е повеќеслојна, по повеќе основи, но единствениот народ што е носител на државноста, дефинитивно (треба да) се Македонците. Следејќи ги трагите на својот апостол Делчев, ќе треба денес Македонците самите да прават политика со Македонија, многу различна и многу повеќе отколку досега. Приоритет се длабоки реформи на внатрешен план. Но македонското државно-политичко раководство паралелно не треба да запостави своевидна политичка и дипломатска офанзива низ Европа и низ светот да ги отвори новите хоризонти за Македонија, а пред сѐ да му се спротивстави на „евроколонијалниот однос“ кон македонската држава, исто како што го стори тоа и Џемс Монро пред два века против тогашните моќни европски држави. Како што овој американски претседател се побуни против интервенцијата на европските држави на американскиот континент во 1823 година, еднакво ќе треба и денес да им се укаже на Европската Унија и на европските држави дека немаат право да се мешаат во внатрешните работи на суверена Македонија – истакнуваат наши соговорници, професори, историчари, но и експерти по меѓународно право.
Идејата за „македонска доктрина“
Кој ќе треба да ја операционализира идејата за таа „македонска доктрина“? Во анализата со наслов „Има ли Македонија своја доктрина“ објавена на 7.10.2019 година во весникот „Нова Македонија“, уште тогаш, своевремено се истакна:
„Сегашните политички предизвици, кои се поставуваат пред македонската држава како последица од асиметричните билатерални (добро)соседски договори со Бугарија и со Грција, наведуваат на самокритичното прашање: дали Македонија некогаш имала долгорочна стратегија за заштита на своите национални интереси? Зошто сме доведени во ситуација да го докажуваме македонскиот национален идентитет во 21 век, да бараме спас од спроведувањето на договорите со соседите, кои систематски ги поништуваат македонската државност, национален идентитет, историја, јазик? Сите соседски држави што ја опкружуваат Македонија имаат свои национални стратегии во однос на македонското прашање, кои се провлекуваат и спроведуваат од 19 век, а македонската држава сѐ повеќе се повлекува (или дури и откажува) од своите стекнати права, како државноправен субјект во меѓународната политика, пред експанзионизмот на соседските стратегии, овој пат спакуван како услов (уцена) за македонската евроинтеграција. Речиси сите национални академии на соседните држави имаат изработено меморандуми со национални стратегии, кои се засноваат токму на загрозување на автентичното македонско постење“.
Денес државата ја почувствува насушната потреба преку своите највисоки институции (државни, научни) да изготви дејствителна, акциона, ајде работно да ја наречеме како нашите соговорници „македонска доктрина“, како долгорочна стратегија на Македонија, исто како што беше активно, борбено и решително и Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург, во Русија, во 1902 година, испраќајќи со потписите и на Крсте Мисирков и Димитрија Чуповски, „Меморандум“ до руската влада. Тој „Меморандум“ претставува прва национална програма, во која се бара признавање на Македонците како посебна нација и народ, со посебен македонски јазик и култура, со своја црква, во границите на Турција.
МАНУ е обединител на македонските интелектуалци и врв на македонската наука, со јасна визија и мисија за патот на државата и нацијата да одговорат на предизвикот на времето, на сите угрози на постоењето на Македонија и на овој народ, но пред сѐ за одржлив раст и развој… Потенцијалот за полн капацитет го покажа доскорешниот претседател на МАНУ, академик Коцарев, а сега палката ја има новиот претседател Живко Попов, пред кого се наоѓаат сѐ уште силни предизвици и искушенија. Меѓутоа, тој труст на мозоци е незаобиколна институција за проекциите и трасирањето на патот за иднина на македонскиот народ и држава. Нашите соговорници, за крај, ја издвојуваат демонстрираната стаменост при донеодамнешните притисоци да биде променето нејзиното име, при што таа остана со изворното – Македонска академија на науките и уметностите.
Свето Тоевски