Денеска во општинската сала во Прилеп беше конституиран новиот 27 член Совет,
кој ќе работи во следните четири години и ќе донесува одлуки значајни за функционирањето на општината и за подобрување на животот на прилепчани. Во него има 17 советници од ВМРО ДПМНЕ, шест од СДСМ со коалицијата, тројца се од Левица и еден советник е од ЗНАМ.
По конституирањето на советот беше избран и претеседателот на Советот на Општина Прилеп. Со мнозинство гласови за претседател е избрана доктор Билјана Кржеска (специјалист гинеколог) од ВМРО ДПМНЕ, која заблагодарувајќи се за довербата што и ја дадоа советниците, рече дека заедно ќе ги вгради заложбите за Прилеп – посилен, пофункционален, похуман, модерен.
– Голема е честа што ја добив да бидам претседател на Советот на Општина Прилеп. На сите нас ни е дадена шансата да оставиме свој белег и да испишеме уште една страна во постоењето на Општина Прилеп. Локалната власт е најуспешна кога им служи на граѓаните и на народот. А на граѓаните и на народот се служи кога ќе ја почитуваме транспарентноста, кога ќе слушаме со почит и кога ќе делуваме со чесност. Лично верувам дека целиот Совет има потенцијал и капацитет да го направи Прилеп град со кој сите ќе се гордееме. Во различноста е силата! Очекувам индивидуалниот ангажман на секој советник да биде рефлексија на потребите на сите граѓани. Затоа што Прилеп е секоја улица, секое маало, секое село, Прилеп е на сите нас. А токму нас ни е дадена довербата не само да управуваме, туку и да се грижиме- да се грижиме за луѓето, да се грижиме за животната средина, да се грижиме и за иднината… Прилеп и граѓаните заслужуваат да имаат советници кои секогаш ќе ги имаат предвид заедничките, а не партиските интереси. Од разновидноста на политичката понуда што ја има овој состав на советот, очекувам богата дебата, аргументираност на ставови и конструктивност во реализација на проектите кои претстојат пред нас, а тие се многу ….Затоа ќе работиме со визија, со одговорност и со љубов — љубов кон Прилеп. За Прилеп кој го сакаме, бидејќи Прилеп не е само место на мапата, туку дел од секој од нас – рече Кржеска, новоизбраната претседателка на Советот на Општина Прилеп. Ка.М.




































