Брзата реакција на пријателските земји несомнено придонесе добар дел од пожарите да биде ставен под контрола, што без ангажманот на леталата што пристигнаа од соседството ќе беше невозможно. На првиот повик помош стигна од Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора, но и од Турција и Романија, кои без задршка одговорија на повикот за помош упатен од страна на македонските власти
Странските тимови што се справуваа со пожарите заминуваат од Македонија
Странските пилоти и пожарникари заминаа од Македонија со згаснувањето на пожарите, притоа изнесувајќи ги нивните искуства од соработката со македонските колеги и генерално добри впечатоци од земјава, стекнати за време на неуморната борба против огнената стихија во изминатиот период. Од Македонија замина кипарскиот тим, а претходно земјава ја напуштија пилоти и воздухопловни посади од Словенија, Чешка, Шведска, Србија… А помош за гаснење на пожарите беше побарана и пристигна и од други земји од регионот, како што се Словенија, Црна Гора, Хрватска, Романија и Турција.
Почувствувавме дека го ценат нашиот труд
– Си заминавме со позитивни чувства, имавме одлична соработка, драго ни е што помогнавме и што бевме корисни за луѓето. Почувствуваме дека го ценат нашиот труд – истакна Андреас Антониу, шеф и координатор на кипарската мисија што учествуваше во гаснењето на пожарите во Македонија, во изјава за кипарската новинска агенција КИПЕ.
Два авиона „ертрактор“ со четворица члена на екипажот и пет припадници за копнена поддршка од Кипар учествуваа во справувањето со пожарите од 7 до 14 август, во рамките на помошта од механизмот за цивилна заштита на Европската Унија.
Антониу наведе дека пожарите во Македонија биле од големи размери и оти неговиот тим интервенирал во подрачја каде што огнот бил директна закана за имотите и човечките животи. Тој притоа нагласи дека кипарските пожарникари се нашле во сосема поинаква средина од онаа на Кипар.
– Првиот ден нѐ информираа дека има 38 пожари, во земја што е два и пол пати поголема од Кипар. Тоа беа огромни површини, недопрени области во кои е многу тешко да оперираат копнените сили и затоа единственото решение што можеше да се понуди беше од воздух. Видовме имот како станува пепел. Жално е природата да се уништува и да гледаме како се губат шумите – посочи Антониу.
Тој изрази надеж дека создадената позитивна атмосфера ќе придонесе за подобрување на односите меѓу двете земји, а како пример за добриот прием во Македонија раскажа за случка во која таксист што ги превезувал членовите на кипарскиот тим одбил да им земе пари кога му кажале дека се во земјава за да помогнат при гаснењето на пожарите.
Голема благодарност, признанија и плакети за странските тимови
Противпожарните сили што гаснеа пожари во Македонија добија признанија и плакети при нивното заминување од земјава, а им беше изразена и голема благодарност во име на сите граѓани од страна на директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
– Ангелов изрази благодарност до храбрите пилоти и воздухопловните посади од Словенија, Чешка и од Шведска, кои овие денови, заедно со македонските пилоти на противпожарни воздухоплови, ги гаснеа пожарите што ја пустошеа и сѐ уште ја пустошат нашата татковина. Тие изразија подготвеност да помогнат и во други ситуации, ако е тоа потребно за нашата држава, посочувајќи и на големата гостољубивост и кооперативност од сите луѓе со кои се сретнале на терен – информираа од ЦУК.
Со благодарница од земјава, која им ја врачи Ангелов, заминаа и припадниците на српското министерство за внатрешни работи, односно на Хеликоптерската единица и на Секторот за вонредни состојби на Србија, откако ја завршија меѓународната мисија за помош на Македонија во гаснењето шумски пожари.
Со српскиот хеликоптер „камов Ка-3“2, над жариштата во Македонија беа исфрлени 182 тони вода. Притоа српските власти за првпат го испратија надвор од границите на Србија.
– За пет работни дена припадниците на МВР успешно го изгаснаа пожарот кај селото Росоман, го ставија под контрола пожарот кај градот Радовиш, а заедно со други домашни и меѓународни екипи дејствуваа и на локации на планината Огражден кај Ново Село, како и на местото Пиперево – се наведува во соопштението на српското МВР.
Пригодно признание од ЦУК доби и Клер Ковалески, офицерка за врска од ЕУ-механизмот за цивилна заштита.
Несебичната помош остави силен впечаток
Силен впечаток кај македонските граѓани остави несебичната помош од соседните земји, кои иако и самите се соочуваат со високи ризици од избувнување пожари поради високите температури што го зафатија Балканот, без никакви резерви испратија авиони и хеликоптери за да помогнат во гаснењето на пожарите од воздух.
На првиот повик помош стигна од Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора, но и од Турција и Романија, кои без задршка одговорија на повикот за помош упатен од страна на македонските власти.
Брзата реакција на пријателските земји несомнено придонесе добар дел од пожарите да биде ставен под контрола, што без ангажманот на леталата што пристигнаа од соседството ќе беше невозможно.
Како неоспорен факт се покажува конзистентноста на поддршката што овие земји ја искажуваат кон Македонија. Дури и по повеќе од три децении од раздружувањето од заедничката држава СФР Југославија, врските меѓу државите што произлегоа од поранешната федерација останаа нераскинливи и тоа може да се забележи на секој чекор. Н.М.