Планот за префрлање на барателите на азил од Италија во Албанија, нападнат од италијанските опозициски партии како „целосен неуспех“, кој ќе чини околу милијарда евра во текот на пет години, предизвика тежок спор меѓу извршната и судската власт
Италијанско-албанската соработка за создавање мигрантски кампови во Албанија наиде на законски оспорувања од судската власт
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, своевремено го претстави мултимилионскиот договор за мигрантите меѓу Италија и Албанија, чија цел е да се ограничат пристигнувањата, како нов модел за тоа како да се формираат центри за прифаќање и задржување за барателите на азил што доаѓаат надвор од Европската Унија. Објектите во Албанија требаше да примат до три илјади мажи пресретнати во меѓународните води при патешествието од Африка во Европа. Но се чини дека ниту Фон дер Лајен ниту премиерката на Италија, Џорџа Мелони, не ја зедоа предвид актуелната законска регулатива по тој основ.
Еден месец по отворањето на центрите, само 24 баратели на азил беа испратени во Албанија, со што ниту еден од нив веќе не е таму. Петмина поминаа помалку од 12 часа во центрите, додека преостанатите останаа нешто повеќе од 48 часа.
Сите беа префрлени во Италија откако италијанските судии оценија дека е незаконски да ги задржат во Албанија пред да се вратат во земји што Рим ги смета за „безбедни“, како што се Бангладеш и Египет. Притоа, судиите ја поддржаа пресудата од 4 октомври на Судот на правдата на Европската Унија (ЕСП) дека земја надвор од европскиот блок не може да се прогласи за безбедна, освен ако целата нејзина територија не се смета за безбедна.
Планот нападнат од италијанските опозициски партии како „целосен неуспех“, кој ќе чини околу милијарда евра во текот на пет години, предизвика спор меѓу властите и судиите, кои беа обвинети од крајно десничарските партии за попречување на проектот.
Игнорирани сомнежите за спроведување на договорот
Сепак, набљудувачите велат дека Мелони и нејзините сојузници уште од самиот почеток знаеле дека постои ризик спроведувањето на договорот да не функционира, при што пресудата на ЕСП е само едно од многуте правни прашања. Кјара Фавили, професорка по право на Европската Унија на Универзитетот во Фиренца, рече: „Од 1993 година неколку европски држави предлагаат решенија слични на договорот на Италија со Албанија. Сепак, тие отсекогаш биле одбивани. Договорите како тој меѓу Албанија и Италија се непомирливи со некои основни норми“.
Месеци пред потпишувањето на договорот меѓу Албанија и Италија голем број невладини организации, академици и експерти поттикнаа сомневања дали тој може да се смета за хуман или дури и легален според меѓународното право. Нивните повици беа игнорирани. Поддржувачите инсистираа дека проектот е похуман во однос на испраќање на имигрантите во земјите во развој, при што италијанската држава е одговорна за судбината на мажите и за почитувањето на одредени норми. Тие сметаат дека шемата е помалку проблематична од сегашната практика на ЕУ за давање пари на северноафриканските земји со цел да се засилат нивните гранични контроли.
Сепак, бидејќи се чини дека ќе се соочи со дополнителни правни предизвици, договорот станува фијаско. Според една неодамнешна анкета, спогодбата не им се допаѓа на 55 отсто од Италијанците.
Сериозно загрозен кредибилитетот на италијанската влада
На тој начин е загрозен кредибилитетот на владата што ја направи имиграцијата централно прашање во изборната кампања и која во минатото ги критикуваше претходниците за трошење јавни пари за справување со миграциската криза. Притоа превозот по морски пат со италијански воен брод на осумте мажи што пристигнаа во Албанија минатиот викенд чинеше 250.000 евра – повеќе од 31.000 евра по барател на азил на бродот.
Во време кога владата се бори да го избалансира буџетот – кратејќи ги средствата за образование, здравство и социјално осигурување – опозициските партии го опишаа договорот како „финансиска катастрофа“.
– Мелони ги зголемува даноците и троши речиси милијарда евра од парите на даночните обврзници во центрите за мигранти во Албанија. Можевме да ги искористиме тие за зајакнување на националната здравствена служба, каде што повеќе од четири и пол милиони луѓе не можат да добијат третман секоја година. Сега е време Мелони да ги растури центрите. И тогаш, време е таа да им се извини на сите Италијанци – категорично истакна Ели Шлајн, лидерката на италијанската Демократска партија.
Соочена со постепеното пропаѓање на договорот, италијанската влада го нападна судството, опишувајќи ги оние што пресудиле против договорот како „политизирани судии“, кои „би сакале да ги укинат италијанските граници“.
Минатата недела полицијата ја зајакна заштитата на Силвија Албано, една од шесте судии на одделот за имиграција на римскиот суд, која на 18 октомври не го потврди притворот на барателите на азил во Албанија. Таа добива смртни закани по пресудата.
– Она што многумина не го разбираат е дека ако судијата одобри репатријација или притвор на мигранти во Албанија, спротивно на меѓународните закони што ја обврзуваат Италија, нивните пресуди би биле незаконски – објасни Стефано Мусолино, заменик-обвинител на Реџо (регионот), Калабрија, и член на националната асоцијација на судии.
Дури и американскиот милијардер Илон Маск се вклучи во расправијата, давајќи ѝ поддршка на Мелони: „Овие судии мора да си одат“. Во исклучително необичен потег, претседателот на Италија, Серџо Матарела, му одговори на Маск: „Италија знае како да се грижи за себе“. Р.С.
Албанија доби поддршка за евроинтеграциите, а Италија локација за задржување на мигрантите
Италија во октомври отвори два нови миграциски центри во Албанија, во чија изградба инвестира 670 милиони евра. Центрите се наоѓаат близу градот Шенѓин, околу 75 километри северно од Тирана, поточно лоцирани се во поранешниот воен аеродром „Ѓадер“. Центрите функционираат под италијанска контрола и јурисдикција, а сосема надворешниот периметар го обезбедуваат албански припадници на јавната безбедност.
Во тие центри беше предвидено да бидат сместени мажи пресретнати во меѓународни води додека се обидуваат да преминат од Африка во Европа. Според условите на договорот, центрите во Албанија требаше да примаат до 3.000 мажи месечно додека ја чекаат обработката на нивните барања за азил во Италија. Во тој контекст треба да се напомене дека беше предвидено „децата, жените и ранливите групи да продолжат да се префрлаат директно во Италија“.
Договорот, потпишан од италијанската премиерка Џорџа Мелони и од албанскиот премиер Еди Рама во ноември минатата година, ѝ донесе поддршка на Албанија за пристапување во Европската Унија, додека Италија доби извонредна локација за задржување на мигрантите надвор од своите граници. Премиерката на Италија, Мелони, веќе подолго време се залага за построги мерки против миграцијата. Таа нагласи дека овој план е клучен за намалување на бројот на мигранти што пристигнуваат по морски пат. Р.С.