Неодамнешното ненајавено присуство на првиот човек на ЦИА во регионот отвори многу дилеми во јавноста, почнувајќи од тоа дека е дојден да испрати јасна порака дека САД ќе превенираат секакви обиди за дестабилизација на регионот до тврдењата дека има потврдени информации за присуство на влијанија на трети страни во земјите од Западен Балкан, кои во следниот период ќе се обидат да ја искористат нерешителноста на Европската Унија околу проширувањето за да го наметнат сопственото влијание и да воспостават регионална противтежа на силите
Зошто НАТО во Македонија и на Косово испраќа сили за брза реакција (АРФ)
Регионот на Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија, и натаму останува во фокусот на САД како потенцијална цел за можни дестабилизирачки сценарија во текот на есента, а како превентива на ваквите непосакувани настани може да се протолкува испраќањето сојузнички сили за брза реакција во Македонија и на Косово. Имено, околу 200 припадници на новоформираните сили за реакција на сојузниците (АРФ) до 16 октомври треба да спроведат обука и да им обезбедат поддршка на постојните мировни сили на Косово, КФОР, но ќе имаат задачи и во Македонија.
Станува збор за прво распоредување на силите на АРФ во некој регион од нејзиното формирање во јули 2024 година. Според официјалните најави, воен контингент на Оперативниот тим за врски и извидување на АРФ (ОЛРТ) од околу 50 члена ќе биде во Косово, додека околу 150 члена ќе бидат испратени во Македонија.
Членовите на АРФ ќе спроведат обука за одржување високо ниво на подготвеност и за тестирање на нивните вештини и процедури за брзо распоредување на големи сили. Дел од штабот на АРФ ќе биде привремено интегриран во командните и контролните структури на мисијата на КФОР, со задача да ги идентификува логистичките, инфраструктурните и оперативните барања за поддршка, со цел значително да се зајакне позицијата на КФОР.
АРФ е стратегиска сила со висока готовност, која може да се активира за многу кратко време, со поддршка од други сили, за да се одврати непријателот во различни ситуации.
– Ова распоредување на АРФ, заедно со тековното распоредување на стратегиските резервни сили (СРФ) на Косово, кое беше најавено во текот на месецов, испраќа јасна порака за решителноста и посветеноста на НАТО за одржување на мирот и стабилноста во регионот – се наведува во соопштението од КФОР.
Во него се додава и дека командата на НАТО стационирана во Неапол со големо внимание го следи развојот на настаните на Западен Балкан, регион од стратегиско значење за Алијансата, што јасно говори дека има некакви безбедносни импликации што сојузниците сакаат навремено да ги превенираат.
Распоредувањето на оперативците на АРФ има превентивна улога!?
Одлуката за распоредување на 150 припадници на воен контингент на Оперативниот тим за врски и извидување на АРФ во Македонија следува по неодамнешната мини-турнеја на првиот човек на американската централна разузнавачка агенција (ЦИА) Вилијам Барнс на регионот, при што во релативно краток временски период ги посети БиХ, Србија и Косово. Неговото ненајавено присуство отвори многу дилеми во јавноста, почнувајќи од тоа дека е дојден да испрати јасна порака дека САД ќе превенираат секакви обиди за дестабилизација на регионот до тврдењата дека има потврдени информации за присуство на влијанија на трети страни во земјите од Западен Балкан што во следниот период ќе се обидат да ја искористат нерешителноста на Европската Унија околу проширувањето за да го наметнат сопственото влијание и да воспостават регионална противтежа на силите.
И во последниот извештај на ЦИА за состојбите во регионот не се исклучуваат потенцијалните опасности од регионални конфликти, кои во услови на војна во Украина и на ескалација на воените дејства на Блискиот Исток би биле дополнителна капка во дестабилизацијата на поширокиот регион, што е целосно спротивно на американските стратегиски интереси.
Во таа насока може да се набљудува доаѓањето на 150 извидувачки оперативци во Македонија, кои ќе имаат задача директно на терен да ги проверат сите информации околу влијанијата на трети страни и како тие се рефлектираат во општеството.
Дополнително, не е исклучено извидницата на АРФ да ги провери и индициите за можна есенска дестабилизација во земјава од некои внатрешни структури што веќе извесно време и јавно почнуваат да ја истакнуваат воената реторика карактеристична од пред времето на воениот конфликт во земјава.
САД веќе искажаа јасен став дека нема да дозволат никаква внатрешна дестабилизација во Македонија и упатија јасна порака до некои политички актери што, за да ги избегнат евентуалните кривични прогони, подготвени се и да преземат одредени радикални чекори што може да доведат до конфликтни ситуации, слични на онаа во Диво Насеље. Од тие причини, САД веќе ја активираа превентивната мисија и работат на одвраќање на какви било планови за дестабилизација.
Индолентноста на ЕУ создаде безбедносен вакуум-простор на Западен Балкан
За познавачите на безбедносните состојби нема никаква дилема дека сојузниците имаат некакви сознанија и дека токму затоа се упатуваат 150 припадници на АРФ во прва мисија од формирањето токму во земјава.
– Целата оваа операција на испраќање 150 оперативци на новоформираните сили за реакција на сојузниците (АРФ) токму во Македонија, а дел и на Косово, не е нималку случајна и треба да се набљудува во еден поширок регионален безбедносен контекст. Сѐ започна со фамозниот извештај на ЦИА во кој беше посочено дека се можни дестабилизирачки сценарија есенва низ кризните подрачја во регионот. Затоа и дојде првиот човек на централната разузнавачка агенција Барнс, да им каже на регионалните лидери да не ги загрозуваат американските стратегиски интереси во регионот кога веќе има војна во Украина, конфликт што се заканува да излезе од контрола на Блискиот Исток, како и изборен циклус во САД. Американците знаат дека има обиди да се наметнат трети сили користејќи ја нерешителноста на ЕУ, која упорно ги држи земјите од Западен Балкан премногу долго надвор од членство, како намерно да сака тука да се случат конфликтни ситуации. Кога веќе со политичка одлука ги пикна Романија и Бугарија, ЕУ исто така можеше досега да ги интегрира и земјите од Западен Балкан и да го затвори прашањето за инфилтрирање на трети земји тука. Не го направи тоа, остави празен вакуум-простор, па сега САД тргнуваат во офанзива да ги превенираат состојбите настанати поради европската неспособност. Тензиите на Косово, заканите за распад на БиХ, но и најавите за некаква дестабилизација на Македонија се јасен сигнал САД да преземат чекори и тука треба да се бараат причините зошто доаѓаат оперативци обучени за брзи реакции – велат безбедносни експерти, кои поради сензитивноста на прашањето овој пат инсистираа да останат анонимни.
Според нив, тоа што во Македонија доаѓаат 150 оперативци, а на Косово само 50, е одраз на актуелниот распоред на силите во регионот.
– На Косово веќе е присутен КФОР со огромна оперативна и разузнавачка логистика, така што овие 50 луѓе се сосема доволни за таа територија. Во Македонија случајот е друг. Тука поголемиот број оперативци на АРФ би требало да дејствуваат во две насоки, превентивно на надворешни влијанија, но и на спречување внатрешни потенцијални кризни сценарија што некои внатрешни актери веќе ги заговараат и ги навестуваат. На САД не им одговара дестабилизација на Македонија и ќе направат сѐ што е во нивна можност да не се случи тоа – посочуваат соговорниците.