Фото: Маја Јаневска-Илиева

Повод: Бугарскиот претседател Радев тврди: „Бугарија покажува добра волја кон Македонија“!?

  • Она што последните неколку години го прави Бугарија кон Македонија е сѐ друго само не добрососедство, туку намерно загрозување на европската перспектива и воопшто иднината на соседната земја
  • Ако имаше каква било „добра волја“ од бугарска страна, тогаш зошто не се држеа до втората точка од договорот, дека ќе ѝ помагаат на земјава на патот кон ЕУ, туку наметнаа еден куп други работи, протоколи, уставни измени, историски комисии и слично. Зошто беше сета онаа френетична реакција на бугарските европратеници околу извештајот за напредокот на земјава во Европскиот парламент само затоа што се спомнуваат македонски идентитет и јазик? Тоа не е ништо друго, туку класичен чин на непријателство, подвлекуваат нашите соговорници

Добрососедските односи се градат врз основа на заемно почитување и меѓусебно разбирање, како основа за севкупна соработка на сите можни полиња, што придонесува за создавање атмосфера на доверба и пријателство меѓу општествата.
За жал, она што последните неколку години го прави Бугарија кон Македонија е сѐ друго само не добрососедство, туку намерно загрозување на европската перспектива и воопшто иднината на соседната земја.
Да биде апсурдот уште поголем, истите оние што негираат постоење на цел еден народ и на неговиот јазик, историја и култура, говорат дека кон соседната земја пристапуваат со „добра волја“ и дека тие не се пречката на нејзините евроинтеграции.
– Бугарија не ја блокира С. Македонија на патот кон членство во ЕУ. Земјата се блокира себеси затоа што не сака да ги исполни Копенхашките критериуми за членство – изјави неодамна бугарскиот претседател Румен Радев за време на заедничката прес-конференција со неговиот хрватски колега Зоран Милановиќ во Загреб.
Радев уште додаде дека Софија чека три години од Скопје да „усвои еден услов“, а тоа е вклучување на бугарското малцинство во македонскиот устав, притоа дополнувајќи дека неговата земја му пристапува на својот сосед „со добра волја“.
– Немаме никакви дополнителни услови, освен оние за кои е договорено. Сакаме да го исполниме она што е договорено – истакна Радев.
Познавачите на македонско-бугарските состојби се категорични дека Бугарија со ништо не ја потврдила „добрата волја“ кон Македонија, туку целосно ја злоупотребува позицијата на членка на Европската Унија за да ги задоволи сопствените апетити од минатото.

– Никаде во Договорот за добрососедство и пријателство, со сите негови мани и недоследности, не пишува дека Македонија треба да ги впишува македонските граѓани што се чувствуваат како Бугари во својот устав. Ако имаше каква било „добра волја“ од бугарска страна, тогаш зошто не се држеа до втората точка од договорот, дека ќе ѝ помагаат на земјава на патот кон ЕУ, туку наметнаа еден куп други работи, протоколи, уставни измени, историски комисии и слично. Зошто беше сета онаа френетична реакција на бугарските европратеници околу извештајот за напредокот на земјава во Европскиот парламент само затоа што се спомнуваат македонски идентитет и јазик? Тоа не е ништо друго, туку класичен чин на непријателство. Да беше официјална Софија искрена во намерата да ѝ помага на земјава, таа прва ќе ја туркаше кон ЕУ, наместо да го опструира нејзиниот пат и на тој начин да го зголемува јазот меѓу двете општества. Бугарија вистинска добра волја ќе покаже така што ќе го тргне ветото, ќе почне да ги споделува искуствата во евроинтеграциите, а билатералните прашања ќе ги тргне настрана и за нив ќе се разговара во една поинаква релаксирана атмосфера. Впрочем, да не беше ваквиот непријателски негаторски однос на Бугарија кон Македонија, уставните измени ќе беа одамна завршена работа. Тоа е вистинска добра волја што треба да ја покаже Бугарија, а не она што го говори и прави Радев – заклучуваат познавачите.


И известувачот Томас Вајц се соочи со бугарската „добра волја“ преку смртните закани по него поради извештајот

Негаторите на македонскиот идентитет не избираат средства

Без оглед што станува збор за земји членки на Европската Унија, жестината на нивните напади доволно говори дека тие ниту во 21 век не се излезени од стегите на 19 век, а трн во нивните очи секогаш биле Македонија и Македонците. Токму затоа е толкавата жестина во нивните напади, кои одат дури дотаму да се загрозува и нечиј живот само затоа што некој мисли поинаку од нивните однапред зацртани проекции

Бурната расправа во Европскиот парламент по извештајот за напредокот на земјава во евроинтеграциите, во кој беа споменати македонскиот идентитет и јазик, всушност ја покажа клучната цел на соседните земји, еднаш засекогаш да се расчисти со македонството на овие простори.
Без оглед што станува збор за земји членки на Европската Унија, жестината на нивните напади доволно говори дека тие ниту во 21 век не се излезени од стегите на 19 век, а трн во нивните очи секогаш биле Македонија и Македонците. Токму затоа е толкавата жестина во нивните напади, кои одат дури дотаму да се загрозува и нечиј живот само затоа што некој мисли поинаку од нивните однапред зацртани проекции.
Имено, известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, откри дека бил цел на жестоки напади и закани по неговиот живот поради извештајот за напредокот на земјава, кој минатата недела беше изгласан во Европскиот парламент.
Тој во интервју за Канал 5 ја осуди кампањата на оцрнување што била водена против него, особено од страна на бугарските европратеници.

– Да, бев под силен напад, тоа беше цела кампања за оцрнување против мене. Ме нарекуваа пристрасен, бев обвинет дека сум имал повеќе разговори со Македонија отколку со Бугарија. Ме обвинуваа дека сум корумпиран – изјави Вајц.
Тој додаде дека неговиот приватен телефонски број бил споделуван во екстремно десничарски групи на Телеграм, што резултирало со закани од сериозен карактер.
– Добив смртни закани и секакви закани, а ова продолжува и по гласањето. За жал, ова тотално ескалираше во Бугарија – нагласува Вајц.
Сето ова јасно говори дека не се мобилизирани само бугарските и грчките европратеници туку и други екстремистички групи, кои преку притисоци и закани се обидуваат да влијаат врз некои процеси.
– Сите тие екстремистички групи што упатуваат смртни закани до известувачот за Македонија, само затоа што споменал постоење на македонски народ и јазик, се мотивирани од однесувањето на бугарските и грчките европратеници. Ако тие европратеници беа достојни на нивната функција, тогаш ќе им беше јасно дека правото на самоопределување на кој било народ е неприкосновено и немаше зошто да го оспоруваат. Но од нивните настапи можеше само да се констатира едно продолжување на хегемонистичките политики, кои некои екстремистички групи и натаму ги негуваат. Впрочем, третата политичка сила во Бугарија отворено говори за анектирање на Македонија. Прашањето е зошто Европа не ги осуди ваквите напади – прашуваат аналитичарите. С.Т.