Нов систем за влез и излез во ЕУ: Попедантно управување со границите или кревање ѕидови
Дали новиот систем за влез и излез (ЕЕС) во ЕУ и надвор од неа, како нов дигитален систем за управување со границите, ќе претставува само систем за контрола и управување со европските граници или тоа може да се сфати и како своевидно кревање ѕидови околу Европа, не само во однос на брановите мигранти и лицата со регистрирани криминални досиеја туку и наспрема граѓани од одделни држави што не се дел од ЕУ? Дали новите правила за влез во земјите членки на ЕУ можат да се сфатат и како правила за забрана за влез во ЕУ, за полесно дигитално отфрлање на поднесуваните апликации за патување во Европа не само за лица за кои постојат индиции од сомнителна природа туку и за лица во одделни други случаи? Вакви претпоставки и сомневања веќе циркулираат низ социјалните мрежи и во медиумите во европските држави. Веќе постојат претпоставки и сомнежи, па дури и тврдења дека во ЕУ се шири ксенофобија (нетрпеливост, па и омраза кон странците), но и како чувства и ставови на одбивност, страв и недоверба кон странците и нивните вредности, обичаи и навики. Новите правила на системот за влез и излез (ЕЕС) во ЕУ и надвор од неа би почнале да се применуваат од крајот на наредната 2026 година и дури потоа ќе може да се оформат соодветни одговори на претходниве искажани прашања и дилеми. Во секој случај веќе сега може да се каже дека останаа само бледи сенки од некогашната слобода на непречено влегување и движење во и низ Европската економска заедница – претходникот на денешнава ЕУ, како за европските граѓани така и за работници мигранти од држави надвор од Европа, кои доаѓаа на европскиот континент заради обезбедување егзистенција за себе и за своите семејства. Преку слободата за непречено движење се коваше и се развиваше Европа, а таа сега, олицетворена во ЕУ, како да се повлекува, како да се затвора во себе.
Советот на Европската Унија и Европскиот парламент на 19 мај 2025 година усвоија привремен договор за постепено воведување на системот за влез и излез (ЕЕС), како нов дигитален систем за управување со границите. Овој договор допрва треба и официјално да се усвои. Примената на новите правила за влез во земјите членки на ЕУ би почнале кон крајот на 2026 година.
– Врз основа на овој договор земјите членки ќе можат да го применат новиот систем за управување со границите за регистрација на влез и излез во шенген-зоната на државјани од земји надвор од ЕУ. Тоа ќе ги поддржи нашите напори за безбедни граници – нагласи полскиот министер за внатрешни работи Томаш Сјемонјак.
Системот за влез и излез ќе ги дигитализира записите за влез и излез, податоците од пасошите, отпечатоците од прсти и фотографиите на лицата од земји, кои не се членки на ЕУ и патуваат на краток престој во некоја од 29 европски земји. Овој систем, кој ќе го замени досегашниот систем со рачно печатење на пасошите, ќе се однесува и на граѓаните на Македонија при преминување на границите на ЕУ.
Постепената примена на ЕЕС ќе почне во октомври 2025 година. Европскиот систем за патни информации и одобрување (ЕТИАС) ќе започне со работа во последниот квартал од 2026 година. Овој систем наложува обврска патниците да добијат патна дозвола за ЕУ, која ќе чини седум евра. Системот ЕЕС ќе го применуваат Австрија, Белгија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Исланд, Италија, Латвија, Лихтенштајн, Литванија, Луксембург, Малта, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Словенија, Шпанија, Шведска и Швајцарија. Во Кипар и во Ирска пасошите ќе се печатат рачно и натаму. Одобрението за патување преку системот ЕТИАС ќе го бараат сите земји, кои ќе го применуваат ЕЕС, како и Кипар.
Новите правила за влез во Европската Унија
Останува да се види дали новите правила ќе го усложнат влезот во Европската Унија, но може да се изнесе претпоставка со значителна сигурност дека тие правила неизбежно ќе имаат соодветно влијание врз слободата на движење низ просторот на Европската Унија. Европските граѓани од државите членки на ЕУ уживаа во неограниченото право на слободно движење низ голем дел на европскиот простор, откако на 9 мај 1950 година беше основана Европската економска заедница – претходникот на денешната Европска Унија. На тој ден со својата славна Декларација за Европа, францускиот министер Робер Шуман не ја промовираше само асоцијацијата на европските нации туку и правото за слободно движење низ Европа. Работници, студенти, домаќинки – секој беше слободен да се движи каде што сака, без ограничувања и без правила за влез или за излез во и надвор од границите на нивните држави.
Граѓаните на Европската Унија беа слободни во изминатите 75 години од нејзиното втемелување и постоење да ги преминуваат без пречки интраевропските граници во потрага по можности за работа и образование, повисок животен стандард или дури и поповолна клима. Германците работеа во финансискиот сектор во Лондон и Луксембург, младите Литванци работеа во ресторани за брза храна во Ирска, Италијанците студираа во британски универзитети. Швеѓаните се пензионираа и ги минуваа своите последни денови во сончевата Шпанија, а британските пензионери и во сончевата Малта. Практично немаше гранични контроли или ограничувања за мобилноста на работната сила и за движењето на европските гаѓани низ целиот континент. Слободата за движење и влегување во европскиот простор не беше право и привилегија само за европските граѓани.
Постапно се напушта Шенгенскиот договор
Постоеше недостиг од квалификувани работници, кој се сметаше за закана за економијата и затоа слободата на движење на квалификувани индустриски работници беше вклучена во договорите за основање на Европската економска заедница (ЕЕЗ) во 1957 година, претходникот на сегашната Европска Унија. Повеќе од осум милиони работни дозволи им беа издадени на странци во Белгија, Франција, Италија, Луксембург, Холандија и во Западна Германија (првичните шест членки на ЕЕЗ) за време на периодот на гастарбајтери од 1958 до 1972 година. Една третина од странските работници доаѓаа од рамките на ЕЕЗ; главно од Италија, која заостануваше во индустријализацијата и страдаше од висока невработеност. Работници беа регрутирани преку билатерални договори и надвор од Европа, особено за работа на валкани и опасни работни места во градежништвото, рударството и транспортот. Значителен број гастарбајтери мигрираа од Турција во Германија, од Алжир во Франција и од земјите на Британскиот Комонвелт во Велика Британија.
Со своите одлуки и Европскиот суд на правдата одигра фундаментална улога во проширувањето на опсегот на слободното движење од 70-тите години од минатиот век. Меѓутоа, нафтената криза, која започна во 1973 година, стави крај на политиката на отворени врати во однос на работниците мигранти, кои беа добредојдени кога економијата имаше потреба од нив, но од нив се очекуваше да заминат кога времињата беа тешки. Во децениите потоа следуваше уште еден напор да се поттикне повторно слободното движење низ просторот на ЕУ, само тогаш без ширум отворени врати за неевропејците.
Беше постигнат Шенгенскиот договор меѓу европските држави во 1985 и беше проширен во 1990. Со него се овозможува напуштање на граничните контроли меѓу земјите потписнички. Шенгенските одредби се однесуваа на најголемиот дел од европските земји, односно на околу 400 милиони жители и вкупна површина од 4,2 милиони квадратни километри, наречен и шенген-зона. Одредбите на договорот вклучуваа заедничка политика за влез (вклучувајќи и политика за издавање на единствена шенген-виза), хармонизација на контролата на надворешните граници, координација преку агенцијата Фронтекс, прекугранична полициска и судска соработка. Вкупно 29 земји, вклучувајќи 25 членки на ЕУ и уште четири други – Исланд, Норвешка, Лихтенштајн и Швајцарија, се потписнички на Шенгенскиот договор.
Но особено од минатата година одделни држави се откажаа и од Шенгенскиот договор и престанаа со политиката на отворени граници, дури и наспрема соседните држави, без оглед што се членки на ЕУ. Во септември лани германската полиција започна да контролира на границите со Франција, Холандија, Белгија, Луксембург и со Данска, со најава дека тоа ќе трае најмалку шест месеци. Вакви контроли веќе се спроведуваат од 2023 година и на границите со Полска, Чешка, Австрија и со Швајцарија. Ваквата пракса на Германија и на одделни други европски држави по должината на целосните нивни копнени граници означи нивно откажување од Шенгенскиот договор и своевидно суспендирање на можноста за слободно патување и движење низ просторот на ЕУ.
Свето Тоевски