Има ли ДУИ политички осет да направи разлика меѓу принципот на транспарентност и принципот за тајност на класифицираните документи?
- Кога партиско-политичката реторика во пакет со „други активности“ длабоко пенетрира во чувствителниот безбедносен сектор, штетата за државата сигурно ќе биде поголема во споредба со некоја политикантска проекција за дневнополитички ефект што сметаат дека ќе го постигнат припадниците на одредена партиска врхушка, во случајов ДУИ
Во период кога реформите во безбедносниот сектор се неизбежни, јавните настапи на Демократската унија за интеграција (ДУИ) отвораат сериозни прашања, не само за нивната политичка намера туку и за одговорноста кон институциите и државата. Последната „реакција“ на партијата во врска со наводната реорганизација во Министерството за внатрешни работи (МВР) е пример за тоа како чувствителни теми можат да се злоупотребат за (не)добивање политичко-партиски поени.
Класифицирани информации во јавен дискурс!?
Една од најпроблематичните димензии на оваа дебата е прашањето: Од каде ДУИ доаѓа до информации за внатрешната систематизација на МВР?
Систематизацијата во вакви институции, особено во секторот за безбедност, не е обичен административен документ. Таа често содржи податоци што, според Законот за класифицирани документи, имаат директно влијание врз оперативната способност на институцијата. Јавното коментирање детали од такви документи, без разлика дали тие се точни или не, отвора сомнеж за можно протекување на информациите.
Ако навистина постојат протечени податоци, тогаш станува збор за сериозен институционален проблем што може да има и кривичноправни импликации. Во спротивно, ако информациите се шпекулативни, тогаш станува збор за намерно создавање конфузија во јавноста, што е еднакво штетно.
Во двата случаја, штетата е двојна. Имено, се нарушува довербата во институциите и се компромитира нивната работа. Размислуваат ли за тоа таканаречените интегративци?
ДУИ фингира етнички наратив
Во разговор со безбедносни експерти и универзитетски професори од оваа област ни беа посочени неколку аспекти од настапот на „интегративците“.
– ДУИ повторно ја активира добро познатата реторика за „етничка загрозеност“, тврдејќи дека реорганизацијата ќе доведе до намалување на застапеноста на Албанците во раководните структури. Но ваквиот пристап игнорира една суштинска реалност, а тоа е дека безбедносниот сектор не може и не смее да функционира врз основа на етнички квоти, туку врз основа на компетентност, интегритет и резултати. Дали знае таа ребрендирана „зелена партија“ што е тоа мерит-систем?! Со инсистирањето на етнички клуч во секоја кадровска промена создава опасен преседан. Тоа испраќа порака дека професионализмот е второстепен во однос на етничката припадност, нешто што директно ја поткопува суштината на една модерна и функционална безбедносна институција – велат нашите соговорници.
Професионализмот како жртва на политиката
Во секоја институција, особено во МВР, кадровските промени треба да се базираат на јасни критериуми: знаење, вештина, резултати, дисциплина и професионално однесување.
– Тврдењата дека смените се етнички мотивирани, без конкретни докази, не само што ја дезинформираат јавноста туку и директно влијаат врз моралот на вработените. Полицајците и службениците, без разлика на етничката припадност, стануваат жртви на политички наративи што ги делат/поделуваат наместо да ги обединуваат. Дополнително, ваквиот пристап создава притисок врз раководството да носи одлуки не според професионални стандарди, туку според политички очекувања, што е спротивно на принципите на добро управување – велат нашите соговорници, универзитетски професори.
Внатрешни слабости и „кртови“ во системот
Но одговорноста не лежи само кај политичките партии, во случајов кај ДУИ, потенцираат нашите соговорници.
– Доколку навистина постои протекување на класифицирани информации, тогаш тоа укажува на можна/веројатна „безбедносна пукнатина“ во рамките на самото МВР. Тоа го има во сите служби, бездруго, но таквата деструктивна појава треба што побргу да се детектира и законски да се процесира. Постоењето на таканаречени кртови не е само организациски проблем туку и директна закана за националната безбедност. Ваквите појави бараат итна и решителна реакција, не преку политички препукувања, туку преку институционални механизми и одговорност – велат професорите.
Безбедноста не е политичка алатка
Во својата суштина, безбедноста не признава етникуми. Таа признава професионализам, дисциплина и одговорност. Кога политичките субјекти, како ДУИ, ја користат оваа тема за создавање етнички тензии, тие не само што ја поткопуваат довербата во институциите туку и ја ослабуваат кохезијата меѓу самите припадници на безбедносните структури. Наместо да се поттикнуваат сомнежи и поделби, потребна е одговорна комуникација, базирана на факти и почитување на институционалните процедури. Во спротивно, ризикот е јасен. Безбедноста ќе стане колатерална штета на дневната политика. А можеби и тоа го сака ДУИ?! Н.М.































