Политичкиот аналитичар Едвард Џозеф на Твитер реплицираше на отвореното писмо до македонската јавност на американската амбасадорка во земјава Кејт Брнз. Џозеф, кој важи за добар познавач на приликите на Балканот, е предавач по меѓународни студии на престижниот универзитет „Џонс Хопкинс” во Вашингтон. Тој во неодамнешна статија за „Форин полиси“ порача САД да ја повикаат Бугарија на одговорност поради двегодишната блокада за Македонија и Албанија,
– На Македонците е да одлучат во демократска и транспарентна дебата дали предлогот за пристапување во ЕУ го штити нивното достоинство, безбедност и идентитет – порача тој.
Амбасадорката Брнз во отвореното писмо наведува дека САД се „сојузник, партнер и пријател” на Македонија. Џозеф повика САД да ги поткрепат своите добри намери со вистинска поддршка како „онаа што ја покажаа кон Македонците со признавањето на уставното име на земјата од страна на претседателот Џорџ Буш во 2004 година, во критичен момент и покрај забелешките на Грција”.
Џозеф додава и дека колку и да изгледаат неразумни споровите за идентитетот, јазикот и историјата, тие обично прикриваат реални закани по безбедноста.
– Интересите на САД и ЕУ се содржат во тоа соседите да решаваат вакви прашања преку дијалог и дебата меѓу експертите, како што е предвидено во Договорот за пријателство од 2017 година, кој Бугарија флагрантно го кршеше – заклучува Џозеф.