Лично ќе се залагам институциите и граѓаните на Северна Македонија да ја пружат сета можна поддршка која што ќе стои на располагање заедно со нашите партнери од Европската Унија и меѓународната заедница, изјави претседателот на Собранието Талат Џафери кој денеска престојува во Украина. Џафери ги посетил градот Ирипин и пистата на Хостомел кои се разурнати од воените дејствија.
Како што соопштија од прес-службата на Собранието, Џафери во Украина допатувал со воз преку Полска во раните утрински часови, и тоа на покана на претседателот на Собранието на Украина, Руслан Стефанчук.
Џафери напомена дека лично ќе се залага сликите во Украина да го добијат правото име што им следува, а тоа е, како што вели, геноцид и ништо друго.
Истовремено, во посета на Украина денеска се и претседателите на парламентите на Романија и Швајцарската Конфедерација.
– Особено ми е задоволство и ја прифатив поканата и лично да ги посетам Буча и Ирпин за лично да ги согледаме последиците од она што е инвазија на Руската Федерација врз Украина. Секако, моето присуство е симбол на лична, институционална и поддршка на граѓаните на Северна Македонија за народот на Украина и институциите на Украина – изјави Џафери.
Оваа посета на претседателот Џафери е прва од овој вид на висок претставник од регионот и прва посета од сите нивоа на власт во Македонија.
Во рамки на посетата Џафери ќе има и обраќање на Конгресот на локалните и регионални совети под претседателство на претседателот на Украина, Владимир Зеленски.