Техничкиот премиер, Таљат Џафери утрово го исполни гласачкото право и смета дека се исполнети сите услови за одвивање на изборниот процес.
– Очекувањата е да заврши денот мирно, значи без проблеми. Јас сум убеден во тоа дека така и ќе биде. Впрочем граѓаните покажаа високо ниво на култура во гласачкиот процес уште на 24 април. Нема причина поинаку да биде денес. Во крајна инстанца граѓаните се свесни за значењето на изборниот процес и ја имаат сета слобода да си ја изразат волјата во кутиите. Со тоа фактички го даваат гласот за оној кандидат на којшто мислат дека ги исполнува нивните очекувања – рече Џафери.
На новинарско прашање на МИА дали гласал денес и за претседател и за парламентарни тој потврдно одговори
– Да, секако. Слобода на избор и во секој случај тоа е и право, и можност, и во крајна инстанца како човек да се исполни обврската кон граѓаните – потенцира Џафери.
Техничкиот премиер на гласачкото место во родното село Форино дојде во придружба на членови од потесното семејство.