Струга

Граѓански активисти поднесоа претставка до Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур откако четири години македонските судови не го решија случајот, прогласувајќи се за ненадлежни по предметот „Струшка дива депонија“. Македонските судови не покажаа доволен капацитет да одлучуваат по уште едно суштинско прашање за локалната заедница. Поради тоа, претставка беше поднесена до ЕСЧП од страна на физичко лице што живее во непосредна близина на депонијата, при што поднесокот во форма на тужба беше форматиран од страна на Македонското здружение на млади правници. Во тужбата, покрај образложението и аргументацијата, е наведено дека „дивата депонија е лоцирана во близина на Охридско Езеро, кое е светско природно наследство“. Во експликацијата во поднесокот до ЕСЧП се наведува дека „во дивата депонија се акумулира отпад со волумен од над 40.000 тони отпад годишно“, при што ги загадува почвата и подземните води, а со палењето и испарувањето го загадува и воздухот. Доколку Стразбур ја прифати тужбата, Европскиот суд за човекови права може да побара повторување на постапката пред домашните судови. О.Р.