Фото: Маја Јаневска-Илиева

Европската слободна алијанса (ЕСА) во свој извештај, меѓу другото, заклучува дека положбата на припадниците на македонскиот народ во Република Бугарија не може да се подобри без сериозна надворешна интервенција, особено од страна на европските институции. Според ЕСА, проблемот со македонското малцинство е многу стар, сериозен и се потребни итни мерки. Во извештајот многу јасно се вели дека негирањето и дискриминацијата на македонското малцинство се најновата тоталитарна политика во Европската Унија, како и дека се потребни извесни промени за да се подобри положбата на Македонците

Европската слободна алијанса (ЕСА) реагира за положбата на припадниците на македонскиот народ во Република Бугарија

Во пресрет на европскиот извештај за напредокот на Македонија, Европската слободна алијанса (ЕСА) го објави годишниот извештај за состојбата со човековите права на македонското малцинство во Бугарија, во кој се констатира дека говорот на омраза и дискриминацијата на Македонците се засноваат на бугарска националистичка идеологија што доминира уште од периодот на комунизмот. Извештајот произлегува од ЕСА, европска политичка партија што во Европскиот совет е претставена од белгискиот премиер Барт де Вевер и сојузник на македонските малцинства во Република Бугарија и Република Албанија. Сегашни членки на ЕСА се ОМО „Илинден“ – Пирин и Македонската алијанса за европска интеграција, а до 2023 година нејзина членка беше и Виножито, македонската политичка партија во Република Грција.
Во подготовката на извештајот исто така учествуваа и комитетот за човекови права „Толеранција“, ОМО „Илинден“ – Пирин, Друштвото на репресирани Македонци во Бугарија, Жртвите на комунистичкиот терор, ОМО „Илинден“, Здружението за заштита на основните граѓански права, Граѓанската иницијатива за признавање на македонското национално малцинство во Бугарија и заштита на правата на бугарските граѓани со македонска самосвест, Македонскиот клуб за етничка толеранција во Република Бугарија и Македонското меѓународно движење за човекови права од Канада.

Положбата на македонското малцинство останува непроменета

Годишниот извештај за состојбата со човековите права на македонското малцинство во Бугарија јасно констатира дека ниедно од правата предвидени во Рамковната конвенција за правата на националните малцинства не му е дадено на македонското малцинство и тенденцијата во тој поглед продолжува да биде негативна.
– Во училиштата, децата не учат ништо за македонското малцинство и нација; напротив, на децата им се даваат информации во кои нема место за постоење на македонската нација и малцинство. Македонскиот литературен јазик, литература и историја продолжуваат да не се изучуваат. На телевизија и во медиумите се користат неколку методи за да се презентира единственото гледиште, според кое, не постои македонска нација, дека сè што е македонско е бугарско и дека секое различно мислење е „антибугарско“. Во образовните ТВ-програми или дебати, македонската гледна точка не е претставена. Самата идеја за македонска свест („македонизам“ како што се нарекува во Бугарија) се смета за вештачка антибугарска идеологија – се вели во споменатиот извештај.
И покрај големиот број препораки од меѓународните тела, бугарските власти упорно одбиваат да започнат дијалог со македонското малцинство. Република Бугарија вложи заеднички напори да го оневозможи отворањето на ова прашање во рамките на Европската Унија, се заклучува во извештајот.

Бугарија започна да применува нови методи во ограничувањето на правата на Македонците

Според годишниот извештај, бугарските власти започнале со примена на нови методи и ограничување на првата на македонското малцинство. Конкретно се споменуваат неколку примери, како што е оној кога од организаторите на мирните собири се бара да потпишат предупредувања дека нема да го нарушат јавниот ред и морал или запирање и проверка на патниците на собирите, а забележано е и фотографирање на нивните документи и конфискација на знамиња и транспаренти.
– На 4 мај во градот Сандански се одржа собир организиран под наслов „Демократија за сите“ како дел од изборната кампања на Европската слободна алијанса (ЕСА). Организатор беше ОМО „Илинден“ – Пирин, а гости беа претседателката на ЕСА, Лаурена Лопез, и кандидатот за комесар Маилис Розберг. И покрај забраната за истакнување знамиња на датумот на смртта на македонскиот национален херој Гоце Делчев, поради присуството на европските гости, властите не се осмелија да ги конфискуваат истакнатите знамиња на учесниците.
Во извештајот исто така се заклучува дека и покрај многубројните препораки и други мерки преземени од Комитетот на министри, не гледаме никаква сериозна посветеност на бугарските власти за нивно спроведување.
– Во минатото, БХК го повика Комитетот на министри да преземе решителен чекор во насока на поведување прекршочна постапка против Бугарија за системско неспроведување на пресудите во оваа група. Бидејќи не гледаме друг начин да се обезбеди нивно спроведување, повторно го повторуваме овој повик – се вели во извештајот.

Негација на македонската нација и идентитет

Европската слободна алијанса (ЕСА) во својот извештај кристално јасно заклучува дека од 1963 година, па сѐ до денес, негирањето на постоењето на македонското малцинство е официјална бугарска државна политика и доктрина.
– На 29.2.2000 година, Уставниот суд промовираше таква политика во својата пресуда број 1 со која ја забрани ОМО „Илинден“-Пирин и оттогаш тоа е една од главните основи и аргументи што се користат за кршење на правото на здружување на Македонците, што згора на тоа оваа година се разви во официјална судска пракса и норма (видете подолу). Во 2019 и 2020 година тоа беше претворено во официјален услов што треба да се исполни за интеграција во европските структури на Република Македонија и една од причините за блокирање на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. На 21 мај и 16 јуни 2021 година, техничката влада во Бугарија го потврди ставот дека еден од условите за интеграција во европските структури на Република Македонија е Македонија да се откаже од македонското малцинство во Бугарија – се констатира од страна на Европската слободна алијанса (ЕСА).
Во извештајот исто така може да се прочита дека Бугарија како држава изразот македонско малцинство честопати го става во наводници, а конкретно станува збор за официјални објавените документи, кои редовно се придружени со изразот таканаречено. Оваа пракса може да се забележи во медиумите и интернет-форумите, се вели во извештајот.
– Негирањето на самото постоење на малцинството, што е официјален став на владата, исто така, најде свое место во разни судски одлуки. Како пример, Апелациониот суд во Софија коментираше дека „Активноста на здружението е дефинирана како одбрана на обичаите и интересите на етничко малцинство во Република Бугарија, кое објективно не постои како посебна или друга утврдена група луѓе што поседуваат религиозна, јазична, културна или друга карактеристика што ги разликува од остатокот од населението во земјата“. Слично на тоа, Апелациониот суд во Пловдив утврди дека целите на ОМО „Илинден“ – Пловдив во корист на македонското малцинство се во спротивност со член 44 алинеја 2 од Уставот како активност против територијалниот интегритет и единство на нацијата. Сличен став утврди и Окружниот суд во Благоевград – се заклучува во извештајот. Д. Ст.


ЕСА: Положбата на Македонците не може да се подобри без сериозна надворешна интервенција

Европската слободна алијанса (ЕСА) го интернационализира македонското прашање

Европската слободна алијанса (ЕСА) во свој извештај исто така заклучува дека положбата на припадниците на македонскиот народ во Република Бугарија не може да се подобри без сериозна надворешна интервенција, особено од страна на европските институции. Според ЕСА, проблемот со македонското малцинство е многу стар, сериозен и се потребни итни мерки. Во извештајот многу јасно се вели дека негирањето и дискриминацијата на македонското малцинство се најновата тоталитарна политика во Европската Унија, како и дека се потребни извесни промени за да се подобри положбата на Македонците.
Европската слободна алијанса (ЕСА) ги предлага следните мерки:

1. Да се повлечат одлуката на Уставниот суд од 29 февруари 2000 година и Декларацијата на бугарскиот парламент од 6 март 1990 година, како и ставот на владата и Декларацијата на парламентот од 9 ноември 2019 година, кои официјално кажуваат дека во Бугарија не постои формирана македонска етничка припадност. Овие документи служат како идеолошка и правна основа за дискриминација. Владата треба официјално да изјави дека македонското малцинство повеќе нема да биде негирано или дискриминирано и дека неговите права ќе бидат заштитени.

2. Државата треба официјално да го признае постоењето на националните малцинства во Бугарија, а концептот „национални малцинства“ треба да биде вклучен во Уставот. Треба да се направат потребните законски измени за да не може принципот на единство на нацијата да се користи за негирање на самото постоење на националните малцинства и нивните права. Доколку е можно, тие треба да бидат наведени по име за да се избегне каква било можност за погрешно толкување на Уставот и негирање на малцинствата.

3. Да се преземат мерки за да се обезбеди дека уставната забрана за регистрација на организации засновани на етничка припадност не може да се толкува и користи против правото на малцинствата да основаат организации.
4. Измена на Законот за регистрација на невладини организации со воведување членови што би оневозможиле самоопределувањето на малцинствата и заштитата на нивните права да се толкуваат како противуставни, антидржавни, загрозувачки за територијалниот интегритет и основа за одбивање на регистрацијата.

5. Бугарија да ги спроведе одлуките на Европскиот суд за човекови права и македонските организации да бидат регистрирани – спроведувањето на одлуките на ЕСЧП е од фундаментално значење за обезбедување на владеењето на правото. Да се укине постојната блокада за регистрација на македонски организации.

6. Да се започне активен дијалог меѓу државата и претставниците на македонското малцинство за решавање на постојните проблеми, како и македонски претставник да се приклучи на Комисијата за малцинства. Дијалогот треба да почне веднаш, без да се чека признавање на малцинството, бидејќи „признавањето од страна на државата на малцинство не е предуслов за да се биде квалификуван за заштита на Рамковната конвенција“, и треба да се фокусира на примената на Рамковната конвенција врз Македонците според специфични членови од конвенцијата.

7. Во идните пописи треба да се вклучи посебна рубрика „Македонец“ и при нивното спроведување, јавно и официјално треба да се објави дека секој што се чувствува Македонец може слободно да се самоидентификува како таков.

8. Треба да се преземат мерки за промовирање на толеранција кон македонското малцинство и негова заштита од говор на омраза и институционална дискриминација.

9. Изучувањето на македонскиот литературен јазик, култура и историја треба да биде вклучено во образовните програми за децата од македонското малцинство, како и на државните универзитети. Во исто време, главните образовни програми треба да се модифицираат за да не се исклучи македонскиот народ, малцинство и неговата историја, култура и јазик (ова не е ништо ново затоа што во минатото ова било спроведено во Бугарија, а потоа забрането)“. Д.Ст.