Илустрација: „Нова Македонија“

Дипломатијата во фокусот: Што можат да направат малите држави за да опстанат во новата геополитичка реалност

  • Експертите се децидни дека надворешнополитичките и дипломатските стратегии на државите во голема мера треба да бидат во корелација со актуелниот контекст на меѓународните односи, со посебен акцент на националните интереси на државата, нејзините ресурси, геополитичката позиција и крајните амбиции

Во крупните геополитички односи што се случуваат глобално, малите држави како Македонија мора активно да ја користат дипломатијата во сите форми, политичка, верска, културна, како начин за артикулација на македонските интереси пред земјите што ја кројат политичката судбина на светот.
Иако навидум изгледа дека малите држави се обичен плен на масата на големите сили, сепак, и тие имаат алатки на своја страна преку кои може да се позиционираат така што ќе обезбедат просперитет и благосостојба за своите граѓани.
За да се случи тоа е потребна умешна дипломатија, која ќе може точно да ги лоцира клучните геостратешки придвижувања во светот и посебно во Европа, па врз основа на тоа да се креираат планови и стратегии што македонската дипломатија ќе може да ги реализира.
Доколку претходно се одеше со ваквиот добро промислен пристап, тогаш Македонија ќе влезеше во НАТО без да го менува името, што ќе беше огромна дипломатска победа за земјава, а без Преспанската спогодба, немаше да се случи ниту бугарската блокада и Македонија веќе ќе финишираше со преговорите со ЕУ.

Повеќе дипломатски стратегии за поголема видливост на малите земји

Експертите се децидни дека надворешнополитичките и дипломатските стратегии на државите во голема мера треба да бидат во корелација со актуелниот контекст на меѓународните односи, со посебен акцент на националните интереси на државата, нејзините ресурси, геополитичката позиција и крајните амбиции.
– Прво на што треба да се потпре државата е мултилатерализмот како еден од најважните механизми во нејзината надворешна политика, особено ако се земе предвид фактот дека Македонија и воопшто сите мали држави поединечно немаат капацитет да ги обликуваат глобалните политики. Затоа треба земјава да продолжи да се потпира на меѓународни организации и мултилатерални форуми (на пр. ООН, ЕУ, СТО, Совет на Европа) за институционализирање на норми што ги штитат од самоволието на големите сили. Фокусот може да се стави и на специјализирана стратегија, бидејќи Македонија со оглед на ограничените капацитети, може да биде предводник во одредени специфични области на надворешната политика во кои може да развие експертиза и углед. Таква специјализирана област може да биде дигитализацијата, за што деновиве во Скопје се одржа и самит. Македонија и претходно покажа добри перформанси во делот на дигиталните технологии и нивната примена – посочуваат експертите.

Меѓународниот углед и имиџ се особено важни

Според нив, важно е македонската дипломатија да почне да ги реобновува меѓународниот углед и имиџ на земјава.
– Преку стратегии за јавна дипломатија, научна соработка и културна дипломатија, дипломатите треба да градат имиџ на држава што е медијатор, доверлив партнер или „глас на разумот“. Класичен пример е Швајцарија, која ги користи својата неутралност и експертиза за дипломатски „добри служби“ и медијација во конфликти низ целиот свет (што Швајцарија полека го губи поради неуспехот да одржи јасна неутралност кога станува збор за меѓудржавниот конфликт Русија-Украина) – истакнуваат експертите.
Понатаму тие додаваат дека во денешно време особено се важни капацитетите за коалициска стратегија, бидејќи на тој начин земјава ќе може да дејствува колективно преку тематски или регионални коалиции, со што ќе ја зголемува својата моќ на влијание. Во сличен контекст треба да се набљудува и таканаречената дипломатија на флексибилност и автономија, имајќи ги предвид помалите бирократски структури и поголемиот простор за индивидуална иницијатива кај малите држави. На пример, македонските дипломати поради ограничените ресурси мора да бидат многу флексибилни и приспособливи, да покриваат повеќе региони на кои ќе ги застапуваат македонските интереси. Тоа им овозможува брзо реагирање на поширок простор преку користење социјални мрежи и лични врски, но и да дејствуваат со дискреција.

Мудри процени без заземање страна!

Главна карактеристика на сите дипломатски стратегии се молчењето и воздржаноста по одредени прашања, за да се избегнат конфликти.
– Стратегијата на тишина означува пристап кон надворешната политика во кој државата намерно избира воздржаност и дискреција во меѓународните односи. Наместо активно да ги обликуваат глобалните политики, малите држави се повлекуваат во одбранбена и прагматична позиција, избегнувајќи конфликти и видливи иницијативи – нагласуваат експертите.
Понатаму тие говорат и за Стратегија на минимализам (или рестриктивна надворешна политика), со што се носи свесна одлука на мала држава да спроведува ограничена, воздржана и нископрофилна дипломатија, фокусирана исклучиво на витални национални интереси како што се економската соработка, безбедноста и внатрешниот развој.
– Предностите на оваа стратегија вклучуваат значително намалување на дипломатските трошоци, помала изложеност на меѓународни кризи и фокус на внатрешен развој и стабилност. Сепак, минимализмот носи и ризици како што се политичка невидливост, ограничено влијание на меѓународните форуми и зголемена зависност од поголемите или соседните држави – предупредуваат експертите.
Во нивната терминологија е присутна и таканаречената стратегија за засолниште, се однесува на пристап во кој малите држави бараат заштита, ресурси и стабилност од поголеми сили или меѓународни институции за да ги компензираат сопствените слабости.
– Засолништето може да биде воено, политичко, економско, дипломатско или друго, а фундаменталната цел е да се обезбеди пристап до безбедност, пазари, знаење и технологија што државата не може сама да ги генерира. Тоа е нешто слично на стратешките договори што ги има склучено Македонија – констатираат експертите.

Брзо соочување со мултиполарната реалност

Посебен акцент експертите ставаат на стратегијата за хеџирање (што на македонски може да се преведе како стратегија на мултиполарна сигурност или стратегија на избегнување целосна посветеност), што означува пристап во надворешната политика каде што државата истовремено гради односи со повеќе моќни актери, без целосно да се усогласи со еден.
– Целта е да се намали ризикот, да се зголеми флексибилноста и да се максимизираат придобивките, особено во услови на неизвесност и турбулентни променливи односи меѓу големите сили. Наместо јасно да се позиционира преку засолниште, приближување, балансирање или неутралност, државата хеџира – држи отворени повеќе опции. Оваа стратегија бара висока дипломатска софистицираност, бидејќи двојните односи може да предизвикаат недоверба кај големите сили, но токму во оваа флексибилност лежат нејзината сила и потребата од меритократски дипломатски вештини. Стратегијата за хеџирање им овозможува на малите (и средните) држави да избегнат целосна зависност од еден заштитник, да одржат простор за маневрирање и да се приспособат на промените во меѓународниот систем, додека активно учествуваат во повеќе политички и економски мрежи – наведуваат експертите.

Нема мали и големи држави, постојат само успешни и неуспешни приказни

На крајот тие заклучуваат дека за една мала држава да стане мала сила, таа мора да развие кохерентна, препознатлива и конзистентна стратегија за надворешна политика, заснована на јасни национални интереси и внатрешен политички консензус. Клучно е тие да дефинираат специфични области во кои можат да постигнат компаративна предност, како што се климатската дипломатија, дигиталната безбедност или мировното посредување, со што ќе стекнат репутација за експертиза и доверба. Градењето нормативна моќ преку мека моќ, културно влијание, репутација, етичка дипломатија и конзистентност во меѓународните настапи обезбедува дополнителен кредибилитет што оди подалеку од материјалните ресурси. Малите сили се особено успешни кога дејствуваат преку мултилатерални институции и коалиции со слични држави, каде што можат заеднички да влијаат на меѓународните процеси. Високото ниво на професионализам и флексибилност на дипломатската служба овозможува брз и ефикасен одговор, што понекогаш е поважно од бројот на персонал. Исто така, геостратешката позиција или специфичната регионална улога може дополнително да го зголеми значењето на малата држава во поширок контекст. Конечно, способноста за управување со кризи (или управување во кризи) и одржување на мирот, заедно со непристрасноста и експертизата, им овозможува на малите сили да се профилираат како сигурни актери во чувствителни меѓународни прашања. Малите сили може да бидат клучни креатори на норми и медијатори во меѓународната заедница, дејствувајќи селективно но ефикасно ако се засноваат на меритократски принципи. С.Т.