Фото: „Нова Македонија“

Македонија очекува нова влада, нов министер за надворешни работи со свои планови, визии и нов пристап во надворешната политика, а министерот во заминување инсталира структури што нема да можат да го испорачаат тоа и на некој начин ќе бидат опструктивни елементи во надворешната политика, која во мандатот на Османи се покажа дека е поразителна за земјава

Пред заминување, министерот Османи финишира со проектот за партизација и депрофесионализирање на македонската дипломатија

Очекувањата на македонските граѓани од следната влада се дека конечно државата ќе почне да води респектабилна надворешна политика, фокусирана исклучиво на одбрана на националните интереси и на правилно позиционирање на земјата во светлината на новите геостратегиски превирања во Европа и пошироко во светот.
За да се случи такво нешто се потребни стручни и квалитетни кадри во сите надворешни мисии, амбасади, конзулати и други претставништва, кои ја минале дипломатската школа и кои точно знаат како да ги спроведуваат политиките што претставуваат државна стратегија во надворешната политика.
Но се чини дека ваквата мисија ќе биде значително отежната, имајќи предвид дека министерот за надворешни работи во заминување Бујар Османи ја продолжи старата практика во дипломатски мисии да испраќа луѓе од кои најголем дел немаат никакви допирни точки со дипломатијата, а уште помалку со практикувањето на надворешната политика.

„И со мене и по мене – потоп“!

Македонската јавност деновиве повторно реагира на последната одлука на шефот на дипломатијата Османи во нова дипломатска мисија да ја испрати поранешната телевизиска презентерка што пред две години не успеа да ја назначи за конзулка во Њујорк, токму поради силниот притисок на јавноста, која реагираше на одлуката во клучна земја во светот, македонски стратегиски партнер, да се испраќа конзул што не ги задоволува дипломатските критериуми.
Сепак, Османи завчера го потпишал решението со кое ја назначил телевизиската презентерка да работи една година на испомош во конзулатот во Бон, Германија. МНР ја правда одлуката со потребата од засилен персонал на конзулатот во Германија поради олеснување на издавањето документи на дијаспората што летово планира да се врати во земјава. Паралелно, министерот за надворешни во заминување потпишал уште 10-15 решенија за други вработени во МНР.
Реакција стигна од Македонскиот дипломатски синдикат, според кој некоректно е кон колегите, но и политички е некоректно на десетина дена пред доаѓање на нов министер, министерот во заминување да носи одлука за тоа кои дипломати се соодветни за одредени места.

„Саботажа“ или само опструкција на надворешната политика

Очигледно со испраќањето нестручни кадри во дипломатски мисии ѝ се нанесува огромна штета на земјата, која без оглед каква стратегија ќе усвои во поглед на надворешната политика, секогаш ќе наидува на опструкции од луѓето што немаат капацитет ваквите политики да ги спроведат во пракса.
Сега земјава очекува нова влада, нов министер за надворешни работи со свои планови, визии и нов пристап во надворешната политика, а министерот во заминување инсталира структури што нема да можат да го испорачаат тоа и на некој начин ќе бидат опструктивни елементи во надворешната политика.
Нејасно е зошто министерот во заминување влече вакви потези во последен момент, иако е свесен дека надворешната политика што тој ја водеше во неговиот мандат беше оценета како најлоша и со која му беше нанесена огромна штета на македонскиот народ и неговите национални интереси. Таквото сегашно вградување фалични елементи во системот, по брза постапка, без почитување на кариерното напредување, не води никаде, туку уште повеќе ја девастира надворешната политика на земјава.
Повеќе од извесно е дека страшните опструкции продолжуваат до последен момент, едноставно како да сакаат да се разорат сите механизми преку кои функционира дипломатијата и таа да се остави на лица подобни до одредени партиски структури, кои многу повеќе се грижат какви инструкции ќе добијат од партијата, отколку што ќе се грижат што е во интерес на државата.

Дипломатијата во Македонија во последните години е целосно девалвирана

Познавачите на состојбите во областа на меѓународните односи и поранешни дипломати оценуваат дека дипломатијата во Македонија во последните години е целосно девалвирана, а за тоа говорат и последните примери со назначување телевизиски презентерки и разни други партиски луѓе, некадарни во дипломатијата, на позиции што се од исклучително значење за меѓународните односи на земјава.
– Главна карактеристика на сериозните и стабилни држави е да имаат високопрофесионална дипломатија, а за разлика од Македонија, кај овие држави бројката на амбасадори што не се кариерни дипломати е многу мала, можеби некои 10 отсто од целиот дипломатски кадар.
За разлика од тие земји, кај нас голем дел од луѓето испратени во дипломатски мисии не се луѓе што ја познаваат струката, така што држи констатацијата дека имаме непрофесионален и лош кадар, кој министерот во заминување сега уште повеќе го зголемува. Тие луѓе нема да одговорат на политиките што ќе им бидат диктирани од новиот министер, бидејќи ќе ги слушаат оние што ги назначиле, односно нивната партија. Дека е тоа така доказ беше однесувањето на македонскиот амбасадор во Рим, кој прв излезе да информира дека пасошите со старото име не важеле, оставајќи илјадници македонски граѓани во незавидна позиција, иако Италија била расположена да даде разумен рок за функционирање и на старите пасоши. Ова е само еден пример како се следат партиските наспроти државните политики – велат познавачите на меѓународните состојби.
Според нив, тоа што сега министерот за надворешни работи во заминување испраќа нестручни луѓе во дипломатски мисии говори за вистинската намера на партијата од која потекнува.
– Тој знае дека се збогува со функцијата и гледа колку што може повеќе да му отежне на идниот министер, така што во дипломатија испраќа нестручни луѓе што немаат никаков капацитет да ја промовираат македонската надворешна политика, уште помалку да лобираат нашите иницијативи да бидат прифатени и поддржани од одредени земји каде што тие се во мисија. Нивното назначување е исклучиво за земање високи плати и за класично отседување на мандатот, без некакви резултати за промоција на македонската надворешна политика – констатираат аналитичарите.


Боцевски: Новиот министер да ги отповика одлуките на Османи

Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Ивица Боцевски одлуката на министерот во заминување Османи ја оценува како спорна од повеќе аспекти.
– Имајќи предвид дека министерот за надворешни работи Бујар Осман само технички ја врши функцијата, оваа одлука е спорна од повеќе аспекти. Сметам дека најдобро решение би било тој самиот да ја повлече оваа срамна одлука, а секако дека и идниот министер Тимчо Муцунски има на располагање средства за отповикување на овие решенија – појаснува Боцевски.