Актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски заедно со сопартијците од Движењето ЗНАМ-За Наша Македонија и коалициските партнери од ВМРО – ДПМНЕ слави победа на градскиот плоштад во Куманово.
Во изјавата за медиумите Димитриевски рече дека е победа на граѓаните, се заблагодари на вклучените во изборниот процес, се заблагодари на поддршката на граѓаните и во вториот круг и посочи дека ја примил честитката од противкандидатот за која се заблагодари.
– Ние од ЗНАМ, јас како градоначалник на Куманово ја примив пораката од кумановци. Моја обврска е да продолжам во континуитет да работам за мое Куманово и дополнително да работам ЗНАМ да се етаблира на политичката сцена. Сакам да се заблагодарам на сите коалициски партнери кои дадоа поддршка, тргнувајќи од ВМРО ДПМНЕ и целата владина Коалиција, но пред сè на кумановци кои не се штедеа себе си, излегоа на избори. Што се однесува до нискиот одзив на излезност, порака веќе е сфатена драги кумановчани, ќе продолжиме посветено да работиме исклучиво за вас – изјави Димитриевски.
Тој кажа дека победата не била лесна „со оглед на фактот, бидејќи знаевме кои се имавме на другата страна и кои бизнис и лоби групации го поддржуваа другиот концепт“, но дека победата е јасна.
Во следниот период, Димитриевски најави дека ЗНАМ со коалициските партнери ќе го менаџира градот и двојно ќе реализира проекти за подобрување на животниот стандард, условите, и поголем економски раст на Куманово. Тимот како што најави ќе биде дооформен и Куманово ќе стане главен логистички центар не само во Македонија, туку и на Балканот.
– Ниската излезност е повеќе од јасно дека граѓаните негодуваат, дополнително сметам дека имаа одреден број граѓани кои однапред сметаа дека победникот е познат, како и да е таа ќе биде предмет на анализа – рече Димитриевски, одговарајќи на новинарски прашања.
За него, кажа дека значи незаинтересиранот за изборниот процес, што значи дека „нешто не штима“ и во следниот период ќе работи согласно потребите на кумановци.


































