Тони Менкиноски / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Случајот „Менкиноски“ како повод

  • За многумина забраната за влез на Менкиноски не е изолиран административен акт, туку дел од поширок политички десант врз секоја иницијатива што го афирмира постоењето на македонскиот народ и неговите права. И токму затоа случајот веќе не е само правен спор меѓу еден адвокат и една држава туку и симбол на пошироката борба за признавање, достоинство и човекови права на Македонците во Европа

Со одлуката на бугарските власти да му изречат десетгодишна забрана за влез во Бугарија на адвокатот Тони Менкиноски, Софија отвори нова и сериозна дипломатска и правна пречка меѓу Скопје и Софија. Случајот не е само административна мерка против еден адвокат туку Софија се обидува да обликува нова форма на силен политички пресинг, пред кој замижува и Брисел. Но дали Софија е свесна дека со тоа идентификува и јасен показател за состојбата на човековите права, третманот на Македонците во Бугарија и односот на официјална Софија кон македонскиот идентитет.

Адвокатот Менкиновски „закана за националната безбедност на Бугарија“!?

Одлуката, која му била врачена на 6 март 2026 година на граничниот премин Златарево, според бугарските власти е донесена со образложение дека адвокатот „претставува закана за националната безбедност“. Но, според самиот Менкиноски, решението е донесено без конкретно образложение и без претходна правна постапка, што ја отвора дилемата дали станува збор за правна мерка или политичка порака.
Менкиноски, кој со години ги застапува Македонците во Бугарија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, тврди дека забраната е директно поврзана со неговата професионална работа.
Тој потсетува дека неговата адвокатска активност е насочена кон спроведување на пресудите на судот во корист на македонските организации во Бугарија, меѓу кои и случаите поврзани со организацијата ОМО Илинден.
– Прогласувањето на адвокат за закана за националната безбедност затоа што ги брани човековите права претставува опасен преседан за Европа – изјави Менкиноски.
Според него, мерката доаѓа во чувствителен момент – токму кога пред Советот на Европа повторно се разгледува прашањето за неспроведување на пресудите во корист на македонските организации во Бугарија.

Стоп за негаторските политики на Софија

Случајот повторно ја отвора долгогодишната континуирана политика на деноминација и нихилизам кон македонскиот народ, од страна на Бугарија, и воопшто кон македонскиот јазик, за засебноста и идентитет и правата на Македонците во бугарската држава. Софија со децении одбива да признае постоење на македонско малцинство, и покрај повеќекратните пресуди на Европскиот суд за човекови права во корист на македонските здруженија.
Оваа политика на негирање често е проследена со административни забрани, одбивање регистрација на организации и политички притисоци врз активисти и правни застапници.
Експертите се децидни и аргументирано сметаат дека ваквите мерки се дел од поширока шовинистичка и хегемонистичка политика кон Македонија и македонскиот народ, политика што, според нив, се спроведува со години, а останува без сериозна реакција од европските институции.

До кога тишина од Брисел?!

Во македонската јавност сè погласни се критиките дека ваквите потези на Софија се толерираат од европските центри на моќ. Фактот дека Бугарија е членка на Европската Унија и НАТО, а сепак се соочува со голем број пресуди за кршење на човековите права се посочува како пример за двојни стандарди.
Менкиноски отворено порача дека забраната ја добил „не како адвокат, туку како Македонец“, оценувајќи дека случајот претставува „голем срам не само за Бугарија туку и за ЕУ и за НАТО“.

Реакции во македонската јавност

Во Македонија случајот предизвика силни реакции во јавноста, меѓу правници, академици и граѓански организации. Многумина го гледаат како директен напад врз правото на правна заштита и врз обидите Македонците во Бугарија да ги остварат своите основни права преку европските институции.
Остро се поставува и прашањето: Ако адвокат што ги користи легалните европски механизми се прогласува за „закана за националната безбедност“, каква порака испраќа тоа за состојбата на демократијата и владеењето на правото во Европа?
За многумина забраната за влез на Менкиноски не е изолиран административен акт, туку дел од поширок политички десант врз секоја иницијатива што го афирмира постоењето на македонскиот народ и неговите права.
И токму затоа случајот веќе не е само правен спор меѓу еден адвокат и една држава туку и симбол на пошироката борба за признавање, достоинство и човекови права на Македонците во Европа. Р.с.


Повеќеслоен притисок врз адвокатурата и човековите права

Случајот отвора сериозни прашања за независноста на адвокатската професија и правото на граѓаните на правен застапник. Менкиноски најави дека ќе ги искористи сите достапни правни механизми за да ја оспори мерката, информирајќи ги македонските институции – Владата, Министерството за надворешни работи и Народниот правобранител.
Истовремено, случајот ќе биде доставен и до меѓународни институции и организации, меѓу кои Европскиот парламент, Европската комисија, ОБСЕ и Обединетите нации.
За случајот ќе бидат известени и водечките организации за човекови права – „Амнести интернешнл“, „Хјуман рајтс воч“, Меѓународната адвокатска комора и Советот на адвокатски и правни друштва на Европа. Р.с.


Реакција од македонскиот премиер Mицковски: Ова е срам за демократијата

На инцидентот реагираше и премиерот Христијан Мицкоски, кој оцени дека станува збор за уште еден пример на демократски дефицит кај источниот сосед.
– Тоа е уште еден срам за демократијата кај нашиот источен сосед. Јас би се чувствувал засрамено да сум човек што седи на иста маса и треба да споделува исти вредности со политичарите кај источниот сосед – изјави Мицкоски, додавајќи дека земјите членки на Европската Унија треба да реагираат доколку информациите се точни. Р.с.