ВО ПРЕСРЕТ НА НАЈРАДОСНИОТ И НАЈГОЛЕМ ХРИСТИЈАНСКИ ПРАЗНИК, ХРИСТОВОТО ВОСКРЕСЕНИЕ – ВЕЛИГДЕН
В недела православниот христијански свет го одбележува празникот на Христовото воскресение – Велигден, кој е најрадосниот и најголем христијански (црковен, сенароден и семеен) празник. На овој велик ден, празникот на празниците, секој човек чувствува бескрајна радост поради воскреснувањето и делата на нашиот Спасител – Господ наш Исус Христос, кој на овој ден ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите.
Велигден е ден за радост и торжество, за прослава на победата на животот – на Христовото воскресение, кое е основа и белег на новозаветната вистина. Тоа е наедно и исполнување на сите пророштва за спасение на човекот и светот. Во Христа сите ќе оживеат. Христос умре и воскресна заради нашето спасение. Суштината на целото откровение од сите времиња и срцевината на евангелската спасоносна порака е дека Синот Божји стана човек, пострада и воскресна заради нас. За христијаните, прославувањето на Велигден го определува и осмислува нашиот идентитет. Христијанството е засновано врз Личност, врз воскреснатиот и секогаш живиот Христос. Он е жив во: вечноста, евхаристијата, срцето на верниците, зборовите на Светото писмо, сведоштвото на сите маченици.
Велигден е кулминација на христијанската црковна година, бидејќи на овој голем ден се исполниле очекувањето и желбата на сите праведници и пророци од Адам до Свети Јован Крстител. Велигден исто така се нарекува Пасха, по старозаветниот празник што Евреите го славеле напролет, во чест на чудесното ослободување од египетското ропство. Во оваа смисла, Велигден е христијанска Пасха што го означува преминот со Христос од смртта кон животот, од земјата во вечниот небесен живот. Христовото воскресение се случило во недела, па на овој ден христијаните се сеќаваат и го слават своето ослободување од гревот и смртта. На овој ден е новозаветниот празник Велигден и на тој ден црквата пее: „Ова е денот што Господ го создаде, да се радуваме и да се веселиме во него“.
Бог толку го сака светот, што го даде Својот Единороден Син, за да има вечен живот секој што верува во Него. На таа бескрајна Божја љубов, човекот возврати со најголема омраза, на начин што на три дена пред големиот ден на Христовото воскресение му претходеше најпоганиот ден во историјата, кога човекот му судеше и му пресуди на Бога со што Христос беше распнат. Но, великиот, совршен, премудар Бог и таа убиствена завршница, на неверната и недостојна толпа Јудеи, која на понтијскиот Пилат му викаше „Распни го“, кон својот возљубен Син, ја претвори во спасение на луѓето и го воскресна Христа, отворајќи му ја на секој христијанин вратата кон вечниот живот.
На Велигден се весели небото, се радува земјата, среќни се луѓето. Тоа е највеличествен ден што ја одбележува најголемата победа во историјата на човештвото – денот на Христовото воскресение. Ова е најголем и најзначаен настан во историјата и спасоносен ден за сите оние што веруваат во Христа Господа – Победителот над смртта и гревот, ден на сите што се соединиле со Него и ги почитуваат Неговите заповеди. Впрочем, целта на христијанскиот живот е да се соединиме со воскреснатиот Христос и да го почувствуваме во нашето срце, со што ни се отвора патот кон вечноста. Христовата жртва ни го дари Царството небесно. Човекот тоне(ше) во земски гревовни страсти, неправди, себичност, гордост, без вера во вечен живот… Сето тоа се промени откако дојде, пострада и, пред сè, воскресна Синот Божји, кој со тоа ја извојува победата за човечкиот род, што е победа над победите, пред сè на животот над смртта.
Секој човек е повикан да живее според верата и, преку тридневната пасхална тајна на страданието и воскресението (најтешкиот ден – Велики петок кога Синот Божји бил распнат, Велика сабота кога Тој бил погребен и Велика недела кога Бог воскреснал), така што секој од нас може да разбере дека крстот е патот и до нашето воскресение.
Преку воскресението, секому му е дадена можноста во своето срце да го всели Христа и, само преку нашиот Бог, уште во земскиот живот, да стане учесник во вечниот живот. Секој човек, ако ги љуби Бога и сите луѓе, може да биде подготвен да воскресне.
Покајанието, постот, причестувањето, молитвата, учеството на светите литургии, простувањето, љубовта, дарувањето, добрината, правичноста…, се суштината на вистинскиот живот. Поткрепен и охрабрен од вечниот живот и од светлината на воскресението, пожелно е секој човек постојано да се усовршува, со што ќе се постигне напредок во сите области на нашите животи, вклучувајќи и во семејството и општеството.
Христовата победа над гревот и над смртта, по претрпеното распетие и славното воскресение, е најголемата победа на сите времиња. Таа е постигната еднаш и е вечна. Соединети во Христа, преку молитвата и преку светите тајни, и со исполнувањето на Неговите заповеди, можеме да го победуваме гревот и да се здобиеме со спасение и вечен живот.
Со воскресението Христово, кое е најголемиот настан во историјата на светот, започна нов живот за човечкиот род, животот и науката Христови добија полна смисла и објаснување, а Евангелието се потврди како спасоносна вистина. Во Своето евангелие, Спасителот вели: „Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее“ (Јован 11,25). Христос воскресна и со тоа нè направи учесници во вечната победа над смртта, објавувајќи ни го патот и на нашето воскресение.
Живко Здравкоски