Освен со илустрацијата „Насмевната Македонија“ на нашиот соработник Ласко Џуровски, идентичен впечаток се добива и со една веродостојна забелешка дојдена однадвор, во врска со првиот круг од претседателските избори: Овие „слободни и фер избори се суштински темел на силна демократија“! Високиот демократски капацитет бликна и беше демонстриран на изборите. Тоа значи дека е дојдено времето во Македонија да се воспостават систем и ред. Направен е исчекор во вистинска насока за практикување систем (процедури, востановување ред и редослед на дејства) што е близок до највисоките демократии. Не поради изборниот резултат, туку поради направениот исчекор на граѓаните за практикување на непосредната демократија во полн капацитет, покажувањето вистинска волја дека тие (граѓаните) го сакаат тоа, дека посакуваат функционална држава, владеење на демократијата и правото, правна држава. Тоа е единствениот пат по кој процентот на криминалот ќе се намали, трендот на корупција ќе биде во континуиран пад, процентот на нерешените општествени и национални комплексни прашања ќе се намали… Токму во такви услови изникнуваат и тие економски, интелектуални и секакви други капацитети што значат вистински раст и развој на нацијата и државата!
Изблик на високиот демократски капацитет на граѓаните на Македонија во првиот круг од претседателските избори
Првиот круг на претседателските избори покажа дека македонското општество достигна висок демократски капацитет, што на некој начин е увертира за внатрешните процеси што треба да следуваат и што значат вистински развој на државата во секој поглед.
Демократската пролет што ѝ се случи на земјава, всушност, е најдобрата потврда и демант на сите оние што се сомневаат во капацитетите на сопствената држава и што мислат дека како општество не сме зрели да почнеме сами да си ги средуваме состојбите.
Пофални зборови за исклучително успешната демократска манифестација на граѓанската волја пристигнуваат од сите страни, како од САД, така и од ЕУ.
– Слободните и фер избори се суштински темел на силна демократија. Се надевам дека граѓаните го користат својот глас за да ја обезбедат иднината на С. Македонија преку зголемени економски можности и зајакнати врски со САД и Европа – оцени демократскиот сенатор од Вермонт, Питер Велч, коментирајќи ги претседателските избори во земјава на социјалната мрежа Х, пренесува Гласот на Америка на македонски јазик.
Тој неодамна, заедно со демократската сенаторка од Њу Хемпшир, Џин Шахин, и со републиканските сенатори од Небраска и Северна Каролина, Пит Рикетс и Том Тилис, спонзорираше најнова резолуција во Сенатот, со која САД го поддржаа пристапувањето на Македонија во Европската Унија (ЕУ).
Успешна, одржлива и функционална држава,
задоволни граѓани
Несомнено, Македонија како држава го положи највисокиот демократски испит, кога највисокиот инструментариум на демократијата профункционира на начин како што ѝ прилега на една земја што претендира за кусо време да стане дел од Европската Унија.
Потврда за тоа е враќањето на поголемиот одзив за разлика од претходниот изборен циклус во 2019 година, што говори за тоа дека граѓаните почнуваат да ја сфаќаат својата улога како директни креатори на иднината на сопствената држава, дополнително сфаќајќи дека изборите се нивната шанса и дека со поголем одзив расте и степенот на пренесување на легитимитетот преку непосредна демократија, а со тоа автоматски расте и легитимитетот на оној што на овој начин ја добил довербата на граѓаните.
Потврда на демократскиот капацитет на македонското општество е мирниот изборен процес, без никакви инциденти, сериозни проблеми или изборни манипулации, што само докажува дека веќе никој не може да си поигрува и да манипулира со волјата на граѓаните.
Македонија како држава може да биде исклучително задоволна бидејќи нејзините граѓани докажаа дека се зрели да практикуваат демократија од највисок стадиум во својот политички систем, со што овозможуваат тој во иднина да се темели исклучиво на демократските принципи и на владеењето на правото.
Што е уште поважно, Македонија мора да биде задоволна секогаш кога нејзините граѓани докажуваат внатре, но и пред светот, дека во оваа земја има плодно тло за силна демократија и дека како општество сме созреани демократските принципи да ги практикуваме низ различни работи, било да станува збор за избори или за референдумско изјаснување, низ различен инструментариум на демократијата.
Ако високиот демократски капацитет беше демонстриран на изборите, тоа значи дека е дојдено времето во Македонија да се воспостават систем и ред, односно да се практикува систем што е близок до највисоките демократии. Кога сето тоа еднаш ќе се воспостави, тогаш ќе се намали процентот на криминалот, ќе се намали и процентот на корупција, на крадење, на местенки, ќе се намали процентот на безбедносни проблеми, а ќе изникнат и ќе дојдат до израз економските, интелектуалните и сите други капацитети што значат вистински развој на државата.
– Завчерашниот изборен процес, без оглед на изборните резултати, покажа дека граѓаните се вистински победници. Македонија како држава мора да биде задоволна затоа што докажа дека има висок демократски капацитет да се потпре врз самата себе, врз сопствените сили, а со тоа да покаже дека самата има сила и капацитет да изгради силна држава, која ќе биде пожелен кандидат за брзо членство во ЕУ. Завчерашниот ден беше празник на демократијата, луѓето сакаа да учествуваат во тој изборен процес, излегоа и гласаа со својата слободна волја, со што непосредно учествуваат во градењето на демократска Македонија. Во нивната желба да бидат дел од изборниот процес, всушност, мотивираат што поголем број граѓани во иднина да излегуваат на избори и на тој начин да го креваат степенот на легитимитет на пренесување на власта од народот врз неговите претставници – коментираат некои од аналитичарите.
Според нив, зголемениот одзив е уште една порака до политичарите дека народот не сака да му се ускратува неговото право преку непосредни избори да му дава мандат на шефот на државата.
– Поголемиот одзив, за разлика од првиот круг на претседателските избори во 2019 година, всушност е директна порака од граѓаните до политичарите дека сакаат тие да бидат клучни во изборот на претседател на државата преку непосредни избори, тие да го даваат легитимитетот, а не тоа право да им се одземе. Несомнено, тоа е одговор на иницијативите на некои политички субјекти што отворено заговараат шефот на државата да се избира во Собранието. Високата демократија подразбира пренесување на легитимитетот од граѓаните врз политичарите, а не распределба на функциите меѓу политичките партии – посочуваат аналитичарите.
Поставени високи демократски стандарди под кои веќе не може да се оди
Македонија како држава има причина за задоволство по првиот круг на претседателските избори бидејќи завчера се поставија високи демократски репери под кои веќе не може да се оди, односно Македонија од избори во избори може да гради само повисоки и повисоки демократски стандарди.
– Народот победи на овие избори затоа што ја претстави својата држава во најубавото демократско светло пред целиот свет. Впрочем, тоа го потврдија сите учесници во претседателската трка, кажувајќи дека граѓаните покажале висока демократска свест и дека го направиле изборниот процес перфектен и пример за тоа како треба да изгледаат избори во земја што е членка на НАТО и која е пред портите на ЕУ. Дополнително, овие демократски критериуми сега ќе бидат репер и за изборите на 8 мај, така што граѓаните уште еднаш ќе можат слободно и непосредно да ја искажат својата волја. И, што е уште поважно, овие високи демократски критериуми што беа поставени, сега може во позитивна смисла да се надградуваат на секои наредни избори, така што во скоро време ќе можеме слободно да кажеме дека сме имале скандинавски избори, ама во буквална смисла – потенцираат соговорниците.
Велч: Слободните и фер избори се суштински темел на силна демократија
Слободните и фер избори се суштински темел на силна демократија, оцени демократскиот сенатор од Вермонт, Питер Велч, за претседателските избори во земјава, пренесува Гласот на Америка на македонски јазик.
– Се надевам дека граѓаните го користат својот глас за да ја обезбедат иднината на Северна Македонија преку зголемени економски можности и зајакнати врски со САД и Европа – напиша сенаторот Велч на социјалната мрежа Х.
Минатиот месец, демократскиот сенатор од Вермонт, Питер Велч, заедно со демократската сенаторка од Њу Хемпшир, Џин Шахин, и со републиканските сенатори од Небраска и Северна Каролина, Пит Рикетс и Том Тилис, спонзорираше најнова резолуција во Сенатот, со која САД го поддржаа пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија (ЕУ).
Во резолуцијата, Сенатот ги повика претседателот и државниот секретар на САД, како и европските сојузници, да се залагаат за отворање на првиот преговарачки кластер на ЕУ со земјава, без дополнителни билатерални услови.